Грција има долга историја на справување со шумски пожари. Состојбата кај нашиот јужен сосед беше особено алармантна во 2018 година кога стотина луѓе загинаа во пожар во регионот на Атика
ЕУ и Грција го менуваат пристапот при соочување со идните шумски пожари
Mинатата година во северна Грција беше забележан најголемиот шумски пожар во историјата на Европската Унија, во кој изгореа 770 квадратни километри, што е површина приближна на американскиот град Њујорк. Но сега Грција (и ЕУ) почнаа да применуваат еден нов концепт т.н. холистички пристап (интегрален, целосен), што става тежиште и на превентивни дејствувања и конкретни активности против шумските пожари.
Што може да се примени од ваквиот пристап и кај нас во Македонија, за да бидеме далеку поефикасни во борба против шумските пожари?
Со фокусирање само на гаснењето пожари без еден целосен холистички пристап што е силно фокусиран на превенција, на земјите од Европската Унија ќе им биде тешко да се соочат со идни шумски пожари, изјави за „Еурактив“ експерт од Грција.
Нашиот јужен сосед има долга историја на справување со шумски пожари, а ситуацијата особено беше алармантна во 2018 година кога 100 луѓе загинаа во пожар во регионот на Атика. Човечките и материјалните штети се огромни, па затоа Атина и Брисел разгледуваат нови концепти и стратегии за ефикасно спротивставување на феноменот – шумски пожари. Се вложуваат огромни човечки и материјални ресурси за пронаоѓање и примена на нов и ефикасен пристап за борба со ваквите непогоди. Нашата земја и институциите можат многу да ползуваат чекорејќи по патот што го „раскрчуваат“ многу поискусни и побогати земји, во врска со шумските пожари.
Годинава се забележани конкретни промени во превентивниот пристап – постигнат е напредок
Речиси секое лето грчките политичари се расправаат околу управувањето со пожарите, но на политичко ниво, допрва треба да се постигне напредок, се вели во извештајот на Европската комисија.
Летово се забележани конкретни промени во начинот на кој Грција се справува со шумските пожари. Хеликоптери ги надгледуваа областите со висок ризик, над половина милион луѓе ја исчистија земјата што ја поседуваа од биомаса што може да дејствува како гориво, а беа распоредени 25 дрона што го надгледуваа регионот на Атика за евентуална појава шумски пожари.
Покрај тоа, во март, Владата купи уште седум противпожарни авиони за 361 милион евра, кои често не можат да летаат над шумските пожари поради силните ветрови и чадот.
Грција, исто така, започна програма за превенција од пожари вредна 415 милиони евра наречена „Антинеро“, која вклучуваше, меѓу другото, чистење на боровите шуми и подобрување на шумските патишта, кои се клучни за да се стигне до погодените области за време на криза со пожари.
Но, сепак, останаа многу превентивни мерки недовршени, па минатонеделниот шумски пожар уништи 20 километри и стигна до предградијата на Атина. Едно лице загина, над 100 куќи се уништени, а се проценува дека изгореле 10 илјади хектари шума.
Климатските услови беа особено забележливи, а одеа на сметка на пожарите. Грција доживеа рекордно високи температури во јуни и јули, а силните северни ветрови го турнаа пожарот кон Атина.
Извештаите на „Коперник“ и „Европскиот информативен систем за шумски пожари“ сугерираат дека регионот Атика изгубил 37 отсто од својата шумска површина во последните осум години.
Летово, досега, пожарите во Грција беа рано откриени, но тоа не беше доволно. Фактите покажале дека било исклучително тешко да се стават под контрола подметнатите пожари.
За Илиас Циритис, менаџер за операции на шумски пожари на ВВФ Грција, ваквата состојба се должи на недостигот од национален план за управување и превенција на шумските пожари.
Потреба од национално управување со шумските пожари: Научната заедница се согласува дека „пожарите се прашање на управување со земјиштето“!
Циритис вели дека во Европа, генерално, има потреба за фокусирање на управувањето со земјиштето за да се соочиме со идните шумски пожари.
– Научната заедница се согласува дека пожарите се прашање на управување со земјиштето. Имаме медитерански мозаик; како го одржуваме? Имаме намалување на сточарството и земјоделството во една област, треба да му помогнеме да го намали горивото – рече тој.
Според експертот, треба да се воведе сеопфатен пристап што ќе ги вклучи сите релевантни чинители, од земјоделците до локалната заедница. Тој наведе неколку примери каде што координацијата довела до резултати.
Осврнувајќи се на добитокот, тој рече дека неговото исчезнување од некое подрачје значи дека по неколку години ќе имаме поголем интензитет на пожари.
– Во Шпанија постојат програми што користат сточари за да влезат во контролирани области. Направен е план за пасење на добитокот преку контролирано палење на земјиштето и управување со вегетацијата – вели Циритис.
Во Грција, пожарите при управување со пасиштата се чест феномен и покрај неодамнешните владини мерки што ги заоструваат казните кога станува збор за палење од небрежност.
– Грците треба да го истражат случајот на Корзика, бидејќи беше поставен план за земјиштето за пасење со употреба на оган, кој гори целосно, но на контролиран начин – објаснува Циритис.
Експертот инсистира расположливиот буџет за управување со пожари да се пренасочи кон превенција, како што го направи тоа Португалија во 2017 година, кога бил усвоен национален план за шумски пожари и зголемено финансирањето за превенција до 40 отсто.
Циритис објасни дека Грција никогаш немала таков план или анализа на причините или двигателите на пожарот. Тој, исто така, предупреди дека ако властите не дејствуваат, многу места низ земјата, кои биле изгорени во повеќе од два наврата, ќе бидат напуштени.
– Некои екосистеми никогаш нема да закрепнат, а ќе има последици по квалитетот на водата и воздухот, како и туризмот – заклучи тој.
Според портпарол на ЕУ, поддршката на Грција во адаптацијата на климатските промени и управувањето со ризиците поврзани со климата е еден од најважните приоритети за програмите за кохезиона политика 2021-2027 година, со буџет од околу 1,56 милијарда евра.
– Од оваа сума, 421 милион евра се посебно наменети за мерки што ги поддржуваат подготвеноста, превенцијата и борбата против пожарите – рече портпаролот.
Дополнително, мерките вклучени во грчкиот план за закрепнување и отпорност (РРП) што директно придонесуваат за превенција и одговор на шумските пожари изнесуваат над 800 милиони евра. Р.С.