Марина Деаноска, творец на филиграни
Марина Деаноска е млада прилепчанка, која веќе три години изработува филиграни, икони, пеперутки, современи апликации… Работи со љубов и посветеност. Срмата ѝ е секојдневие. Она што претходно го започнала како хоби сега е бизнис, бидејќи изработува филиграни по нарачки.
Тајната вечера, Богородица, Св. Никола, пеперутки, жени се само дел од нејзините мотиви, кои ги твори со своите вешти раце. А сѐ започнало сосема случајно.
– Пред неколку години во Охрид видов слика со пеперутка изработена од срма. Ми остави силен впечаток. Се распрашав како е изработена, се заинтересирав и почнав да учам да работам со срма. Поминав трнлив пат. Немаше кој да ми покаже, па сама постојано барав материјали, се едуцирав. И, еве, тука сум каде што сум. За мене ова е многу интересен иновативен процес. Целосно сум посветена на изработката на филиграните. Она што започна како хоби се претвори во бизнис, па сега работам филиграни по нарачка – раскажува Марина, на која деновиве ѝ се оствари сонот – отвори самостојна изложба на дела изработени од филигран.
Во изминатите три години откако целосно е посветена на филигранството има изработено околу 1.400 дела.
– Креирам дела по шема. Најмногу икони, ама и апстракции. Конците ги набавувам од Словенија и од Скопје. Шарите ги правам според инспирацијата. Сепак, кај иконите нема отстапување, ги работам оригинално и во 3Д. Ликовите верно ги пренесувам. Единствено нешто што не сакам да творам со срма е портретот. За една икона, на пример во А4-формат ми се потребни два-три дена, за поголемите и повеќе. Уживам додека работам. Се препуштам на имагинативноста и инспирацијата – додава Деаноска.
Најмногу, создавајќи дела со срма, ги користи црвената и златната боја, а понекогаш и сивата. Нејзините дела ги красат домовите и на нашинците во странство. Ка.М.