Да се пишува за хероизмот, тоа е нешто многу поинаку, многу посложено и потешко од што било друго во животот. Хероизмот најчесто е една голема смрт. Смрт што значи живот. Во случајот на Македонија, тоа е слобода и живот, платени со пролеана крв и положени млади животи. Една од нив е и херојската смрт на Раде Јовчевски–Корчагин
Осумдесет и две години од херојската смрт на Раде Јовчевски-Корчагин
Денеска сакам да се присетиме на народните херои на Македонија и нивниот хероизам. Повод е годишнината од херојската смрт на Раде Јовчевски-Корчагин, кој трагично загина на 20 февруари 1943 година, пронижан од смртоносни куршуми испукани од припадници на бугарскиот окупатор. Да се пишува за хероизмот, тоа е нешто многу поинаку, многу посложено и потешко од што било друго во животот. Хероизмот најчесто е една голема смрт. Смрт што значи живот. Во случајот на Македонија, тоа е слобода и живот, платени со пролеана крв и положени млади животи. Но, со нив, со народните херои на Македонија ние сме поголеми од самите себе колку за едно траење помножено со сета синевина на небесната шир. Нивните дадени животи се одблесок како факели среде привиден безизлез. Факели што говорат дека за вистината, за правдата, за слободата, безизлез нема.
Раде Јовчевски-Корчагин е млад и храбар борец, првоборец и народен херој од НОБ/НОВ. Бил и синдикален активист и член и активист на КПЈ. Инаку, роден е во Скопје, на 14 август 1919 година, а храбро загинува на 20 февруари 1943 година во Скопје. Убиен е од припадник на бугарскиот фашистички окупатор, претходно тешко ранет на улица во Маџир Маало, а потоа крвнички дотепан со неколку куршуми истрелани од свиреп убиец, кој извикал „еве ти ги слободата и човечките правдини“.
Учел гимназија во Скопје, која не ја завршил, бидејќи соочен со борба за гола егзистенција се нашол пред дилемата гурбет или занает. Го одбрал занаетот, и тоа кожарскиот, можеби и затоа што татко му Коста бил чевлар и фактот дека сѐ што се правело од кожа било скапо и го купувале тие што имале пари.. Но, сепак, како кожарски работник започнал да го посетува училиштето за трговска младина. Така, ги завршува испитот за калфа и малата матура на училиштето и долго талка од мајстор до мајстор барајќи работа. Горел од желба да заработи и да му ја олесни живејачката на многубројното семејство. Работа не нашол, ама слушнал за Белград, дека таму има работа и дека многумина од Македонија се снашле. Татко му Коста му помогнал да купи карта за воз и Раде заминал во Белград. Се запознал со многу другари, влегол во синдикатот на кожарските работници и станал надежен член и голем активист. Како истакнат и докажан синдикалец, го забележуваат од КПЈ и во 1939 година го примаат во партијата. Белградската полиција го следела, отворила досие за него и постојано го прогонувала и малтретирала. Го приведуваат поради партиска и синдикална активност, го протеруваат и полициски е спроведен до Скопје. Но тој не мирува и во неговиот роден град, па така развива голема активност во Урсовиот синдикат во Скопје, така што организира голем број протести, штрајкови и демонстрации во Скопје, како и излети за голем број младинци на Водно, Матка и Катланово. Повторно се враќа во Белград и таму продолжува со својата активност.
Во 1940 година тој станува и професионален политички и партиски работник. Го следи и гони и скопската и белградската полиција. Оквалификуван како „опасен комунист“ и „човек против кралот“, го фаќаат и ѕверски го измачуваат, со камшици и палки. Станал познат по тоа што не проговорил, храбро се држел и ништо и никого не издал. Го пуштаат и тој продолжува со пароли и повици во белградските демонстрации и со растурање летоци за време на демонстрациите. Тогаш и неколкупати се сретнал со Тито. Повторно полициски е спроведен во Скопје, каде што не мирува и ѝ помага на скопската партиска организација. По налог на партијата испратен е во Скопска Црна Гора, каде што учествува во формирање на Првиот скопски партизански одред, на 22 август 1941 година. Подоцна, кога одредот е расформиран, станува член на МК на КПЈ за Скопје. Во април 1942 г. влегува во обновениот Втор скопски одред и станува негов заменик-политички комесар. Извесно време со неколку соборци другари престојува во Софија, од каде што ќе продолжи неговата соработка со организацијата во Скопје.
За големата револуционерна дејност и партиска активност, бугарскиот фашистички окупатор ќе го суди во отсуство и ќе му изрече смртна казна – бесење. Скопје ќе биде излепено со прогласи и плакати на кои пишува дека се бара Раде Јовчевски, а кој ќе го препознае и пријави ќе добие награда од 150.000 лева. Тој продолжува со активност под псевдонимот Јанко, пренесува динамит и оружје и организира партизански одреди. Еден домашен предавник се полакомува по распишаната награда и го предава кај манастирот кај Побожје, ама тој е храбар, не се предава, фрла бомби кон окупаторот што направил обрач, го пробива и му побегнува. Оттогаш за него се раскажува голема легенда за храбриот борец Раде.
И сѐ така до крајот на јануари и февруари 1943 година, кога тој со својот одред маршира по студ, веавица и снег, за да се здружи со косовскиот одред. Бијат битки со многубројниот бугарски фашистички окупатор, во услови на студ, умор и глад. Борците храбро гинат, одредот е десеткуван, се повлекува и се прегрупира. И покрај сите тешкотии, напори и загуби, не беше разбиен борбениот дух на храбрите борци, а гласот за нивните саможртви и херојски борбени дејствија се ширеа низ цела поробена Македонија. Неуморните борци продолжија со движење и борбена обука по студ и виулица и извршија уште еден седумнаесетчасовен марш кон Скопска Црна Гора, кон реонот на дејствување на партизанскиот одред. Некаде во Косово, Моравско, кај селото Бинач, одредот е предаден и пречекан од окупаторите. И покрај исцрпеноста од непрекинатиот марш, борците прифатија борба, голем број изгинаа, а остатокот беше разбиен и растурен. Раде со една група се повлекува во Скопје. Најпрвин престојува во куќата на Ганко Петковски, а потоа се преместува кај Јорда Нешевска, каде што е предаден, откриен и опколен. Тој се обиде да побегне, беше побрз од бугарските крволоци, им побегна, ама не успеа да се спаси од нивните многубројни смртоносни куршуми. Егзекуторите најпрвин го ранија, па се собраа над ранетото тело на храбриот борец и со неверица го гледаа ранетиот борец. За крвнички настроените бугарски фашисти, настрвени за партизанска крв, Раде како голем ранет борец сѐ уште беше страшен и опасен. Еден од бугарските крволоци ги управи двата пиштола во полумртвото тело на Радета и ги испука сите куршуми, со што крвнички и свирепо го дотепа големиот борец.
Така загина младиот Раде Корчагин, кој и денес живее во сеќавањата на новата младост, во свеста и памтењето на новите Корчагинци, кои растат, созреваат и стасуваат од градинки, училишта и кариерни центри за млади.
Автор: Сотир Костов