Примери дека се одвива процес на прекинување на историските врски на македонскиот народ со основањето на државата има многу, почнувајќи од преименување многу училишта и улици во западниот дел на државата, поставување споменици на луѓе што во најголем дел работеле против интересите на Македонија, истакнување знамиња на туѓи држави и редица други активности чија цел е да избришат секаква македонска трага

Процесот на идентитетско обезличување на македонскиот народ не само што е координиран од надворешни центри од соседството туку има поддршка и од внатрешни сили, кои се обидуваат да избришат секаква трага на македонското државотворство.
Терминот „северномакедонски“ сѐ почесто се слуша во соседството, било да се говори за потеклото на политичарите, јазикот, уметниците и сѐ друго што доаѓа од овие простори, а е намерно употребуван координирано за да почне да се креира една нова реалност со која се сака да се наметне општоприфатлива перцепција за млада нација чија историја започнува по потпишувањето на Преспанската спогодба и врз основа на новото име, потекнува и нејзиниот идентитет.
Примери дека се одвива процес на прекинување на историските врски на македонскиот народ со основањето на државата има многу, почнувајќи од преименување многу училишта и улици во западниот дел на државата, поставување споменици на луѓе што во најголем дел работеле против интересите на Македонија, истакнување знамиња на туѓи држави и редица други активности чиј цел е да избришат секаква македонска трага.

Ударот врз АСНОМ е удар врз Македонците и македонската држава

Сличен чекор неодамна најави и тетовскиот градоначалник Биљал Касами за преименување на повеќе од 300 улици во Тетово, од кои некои се поврзани со личности што оставиле свој белег во Народноослободителната борба и ги удриле темелите на асномска Македонија.
Во своето образложение зошто е потребно да се менуваат имињата на улиците, тетовскиот градоначалник излезе со објаснување дека тие имиња не го рефлектирале духот на актуелното време.
– Ние не можеме да бидеме заложници на едно време. Значи, знаеме дека Македонија до 1990-тите години беше под Југославија и беше, нели, комунистички систем, каде што имаше други херои што ги славевме. Сега сме во демократска држава, сега имаме нов концепт, на кој, нели, ги создаваме институциите и ја градиме државата, тоа е европски демократски концепт и, во согласност со тоа, тоа сигурно ќе се рефлектира и во имињата на улиците во градот Тетово – изјави Касами.
Реакција стигна од Сојузот на борците и граѓаните продолжувачи од Тетово, кои истакнуваат дека Касами не ја познава историјата и дека Македонија е поврзана со АСНОМ и тоа не може да се избрише.
– Како може да не сфати тој човек дека оваа држава почива врз асномски темел и не може да зборуваме за остатоци на комунизам, туку, напротив, за борба за создавање современа македонска државност, која и тоа како темелно е поврзана со историјата на нашиот град Тетово, бидејќи оттука тргнува една нова ера, една нова македонска пролет, во далечните тогаш воени услови кога македонскиот народ по векови стремежи за државност ги ефектуира во државотворни одлуки – изјави Даријан Сотировски, член на Претседателството на Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека промена на имиња не може да има без консензус и тоа зависи од одлука на Владата и доколку се донесе еднострана одлука, тој нема да разгледува таква точка. Тој рече дека коалицискиот договор предвидува сите улици што се без име или со број да добијат име, а тие што имаат да не се менуваат.
Во време кога македонското општество почнува да се сплотува во одбрана од идентитетските закани, крајно неодговорно е некој внатре да ги урива темелите врз кои е изградена државата, особено ако и самиот партиципира во власта.
Но очигледно некои функционери имаат поинаква агенда, а таа е насочена кон бришење на колективната меморија за АСНОМ и македонскиот народ како државотворен народ. Впрочем, тоа се главните цели што беа поставени со Преспанската спогодба, да се преобликува македонскиот идентитет така што ќе се избрише неговата историја, почнувајќи од антиката, преку средновековието, па сега и од повоениот период. Едноставно, Македонија да се претвори во административна територија врз која правата ќе почнат да ги полагаат деловите од народи бидејќи државотворен народ повеќе нема да има.

АСНОМ и македонскиот народ мора да останат трајно запечатени во македонската државност

Некои од аналитичарите сметаат дека многу политичари профитираат од ваквите наративи, а иако зад сето тоа се крие многу опасен процес, тие во секој момент можат да се вадат на факторот предизборен период.
– Ќе излезе некој и ќе каже дека Касами ова сега го прави поради ситни политички поени во пресрет на локалните избори, во кои треба да ги одмерат силите со ДУИ, но во суштина не е така. Тој не само што печали поени меѓу своите гласачи туку и работи за интересите на соседните држави. Имено, ако сака да го избрише делото на борците во НОВ, бидејќи, како што вели, не било во духот на новото време, тогаш всушност намерата му е да го избрише целото народноослободително движење во Тетовско, кое за време на Втората светска војна било многу активно. Тие луѓе имале идеали, се бореле и гинеле за создавање македонска држава. Како сега некој ќе го брише споменот за нив? Па, што требаше, тогаш, Полска да ги срамни со земја Аушвиц и Треблинка бидејќи не биле во духот со новото време и таму да изгради хотели? Не смее никој, а најмалку Касами, да се дрзнува да ја брише македонската историја и да велича луѓе што биле на погрешната страна на историјата – посочуваат аналитичарите.
Тие уште додаваат дека ако се чепне во АСНОМ, тогаш толку ќе биде и од Македонија како држава и македонскиот народ како државотворец.
– Сега улици, утре училишта, задутре учебници, ќе се појават нови споменици, некои нови ликови со сомнителна историска заднина и ќе се смени сѐ. Некој намерно сака да избрише секаква македонска трага и работи континуирано во остварување на таквата цел. Ако се избришат имињата на хероите што ги ослободиле Тетово и другите градови низ западна Македонија од балистите, тогаш за што зборуваме понатаму. Утре некој друг ќе ги избрише и Гоце Делчев, Даме Груев, Кузман Јосифовски-Питу, Тодор Циповски-Мерџан… Клучно е институциите да реагираат енергично и да не дозволат какво било задирање во историјата и идентитетот, а АСНОМ и македонскиот народ мора да останат трајно запечатени во македонската државност – заклучуваат соговорниците.