Во пресрет на еден од најважните самити на носителите на највисоките државни функции во Европа во врска со војната во Украина
- Европските претставници ги сметаат следните неколку дена за „егзистенцијални и за Брисел и за Киев“. Имено, во најновиот дипломатски собир е предвидено лидерите на Велика Британија, Германија и можеби Франција, потенцијално со зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и неговиот специјален пратеник Стив Виткоф, да се сретнат со Зеленски во Берлин во врска со „усогласување на планот за заем од повеќе милијарди евра за понатамошно финансирање на Киев, но со руски пари“!?
- Министри на земјите членки на ЕУ утре во Брисел ќе треба да ги разработат плановите за ултраважниот европски самит што е планиран за четврток. Во меѓувреме, утре (среда), лидерите на „источниот крило“ на Европа – со претставници од балтичките земји и од Полска ќе се соберат во Хелсинки за интензивни консултации и претфинален договор. Имено, ЕУ со месеци се обидува да го убеди белгискиот премиер Барт де Вевер да се согласи со планот за користење на готовинската вредност од 185 милијарди евра руски државни средства, кои се чуваат во депозитарот „Евроклир“ со седиште во Брисел, за финансирање и вооружување на Украина. (Остатокот од вкупниот финансиски пакет од 210 милијарди евра би вклучувал 25 милијарди евра замрзнати руски средства што се чуваат низ целиот блок)
Европската Унија продолжува со сите сили да се противи на американскиот мировен план за Украина, во име на, како што тврдат од Брисел, „заштита на украинските интереси“, при што европските лидери се обидуваат да издејствуваат согласност за планот за заем од повеќе милијарди евра за понатамошно финансирање на Киев, што може да води кон продолжување на војната. За таа цел неделава се предвидени средби на европските лидери со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со американски претставници во Берлин, како и самит во Брисел в четврток.
– По серијата остри напади од Вашингтон, вклучувајќи ја и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека европските лидери се слаби, наредните денови ќе бидат вистински тест за нивната храброст – се наведува во анализата на угледниот медиум „Политико“.
Интензивни дипломатски напори во последен час
Не е ни чудо што европските претставници ги сметаат следните неколку дена за егзистенцијални. Во најновиот дипломатски напор е предвидено лидерите на Велика Британија, Германија и можеби Франција, потенцијално со зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и неговиот специјален пратеник Стив Виткоф, да се сретнат со Зеленски во Берлин.
– Голем број европски шефови на држави и влади, како и лидерите на ЕУ и НАТО, ќе се приклучат на разговорите по првичната дискусија – изјави Стефан Корнелиус, портпарол на германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Францускиот претседател Емануел Макрон не го потврди своето присуство, но завчера разговарал со Зеленски по телефон.
Дискусијата ќе претставува обид на Европа да влијае на конечното мировно решение за Украина, неколку недели откако мировниот план од 28 точки изготвен од САД предизвика жестока реакција во Киев и во европските престолнини, по што Европејците составија алтернатива. До четврток, кога сите 27 лидери ќе се соберат во белгиската престолнина за она што се најавува како еден од најважните самити во последниве години, тие се надеваат дека ќе имаат поголема јасност за тоа дали интензивните дипломатски активности се исплателе.
– Понатамошно европско неединство оваа недела би испратило катастрофален сигнал до Украина. Тој исход не би бил само удар со чекан врз нацијата погодена од војна туку, исто така, може да се каже дека би бил и неуспех на Европа – наведе функционер на ЕУ во изјава за „Политико“:.
Територии во фокусот на мировните комбинаторики
Овој пат фокусот ќе биде на амандман од 20 точки на планот изготвен од Киев и неговите европски сојузници и доставен до Вашингтон на преглед минатата недела. Содржината останува нејасна и ништо не е одлучено, но судбината на украинските територии под руска контрола е во фокусот. Трамп се залага за празнење на териториите од украинските и руските трупи и воспоставување демилитаризирана „слободна економска зона“ каде што би можеле да дејствуваат американските деловни интереси. Според францускиот печат, Украина уште во почетокот го отфрли тој предлог. За потсетување, САД инсистираа на територијални отстапки и покрај жестоките европски приговори, создавајќи несогласувања на Европејците со администрацијата на Трамп.
Во овој контекст, вчера во Берлин беше одржан близу петчасовен разговор меѓу американските и украинските претставници, каде што Киев ја презентираше својата верзија на планот за завршување на војната, вклучително и прашањето за териториите. Но разговорите во Берлин завршија без компромис токму за клучното територијално прашање. Предлогот на САД беше Украина да се повлече од приближно 5.600 квадратни километри во Донецката Област, со нивна гаранција дека нема да влезат руски трупи во неа. Москва, преку претседателскиот советник Јуриј Ушаков, ја поддржала оваа идеја, но со забелешка дека наместо армија, силите на руската Национална гарда би биле стационирани во „демилитаризираната зона“. Киев на овој предлог на Вашингтон изнел контрапредлог, односно „ако украинските трупи се повлечат, од пет до десет километри, зошто и руските трупи не би се повлекле на исто растојание во окупираните територии?“, гласеше контрапредлогот на Киев. Официјална Украина се согласи да разговара за напуштање на членството во НАТО и за одржување избори што е можно поскоро, но камен на сопнување остануваат териториите на Донбас, каде што администрацијата на Доналд Трамп предложи создавање „демилитаризирана зона“. Киев е подготвен привремено да го замрзне фронтот и ефикасно да ја изгуби контролата врз териториите окупирани од Русија, но категорично го отфрла барањето за повлекување на украинските трупи од контролираниот дел од Донецката Област, објавува „Билд“, повикувајќи се на украински претставници.
За „одмрзнувањето“ на руските пари
Министри на земјите членки на Е, утре во Брисел ќе треба да ги разработат плановите за самитот в четврток, при што се истакнува дека предмет на разговорите е проблемот што ЕУ со месеци го има, обидувајќи се „да го убеди белгискиот премиер Барт де Вевер да се согласи со планот за користење на готовинската вредност од 185 милијарди евра руски државни средства, кои се чуваат во депозитарот „Евроклир“ со седиште во Брисел, за финансирање и вооружување на Украина“. (Остатокот од вкупниот финансиски пакет од 210 милијарди евра би вклучувал 25 милијарди евра замрзнати руски средства што се чуваат низ целиот блок).
Како знак дека шансите за договор на самитот в четврток се влошуваат, наместо да се подобруваат, Италија – третата по големина земја во ЕУ – се согласи со барањата на Белгија да бара алтернативни опции за финансирање на Украина во писмо што го потпишаа и Малта и Бугарија. Новиот премиер на Чешка, Андреј Бабиш, исто така го отфрли планот во неделата.
– Колку повеќе вакви случаи имаме толку е поголема веројатноста дека ќе мора да најдеме други решенија – рече еден дипломат од ЕУ.
Петте земји, дури и ако им се придружат Унгарија и Словачка, нема да можат да изградат блокирачко малцинство, но нивните јавни критики ги еродираат надежите на Комисијата за постигнување политички договор неделава.
– Одлуката за руските средства е одлука за иднината на Европа и ќе утврди дали ЕУ сè уште е релевантен актер. Нема опција Б – заклучува германски функционер. Р.С.

































