Според нашите соговорници, губитничко сценарио е она во кое се поставува дилемата дека „едната опција е за ЕУ, а другата не е“. Таквото ниво на поставена дилема, според соговорниците, „ја навредува интелигенцијата на избирачкото тело“. Експертите направија интересна паралела на изборите во Македонија и претстојните избори за Европскиот парламент. Имено, сега, досегашните функционери во европските институции, на сличен начин како и доскорешните носители на власта во Македонија, предизборно оперираат со тезата (во својата кампања) дека со одбирање (гласање) на досегашната опција ЕУ ќе биде со проширени капацитети, посилна, а и набргу проширена со земјите кандидати… Во основа – за ЕУ! Другата опција, пак, според гореспоменатите, е дека води кон дисолуција на ЕУ. Во Македонија, таа лажна дилема граѓаните ја отфрлија, а наскоро ќе видиме и како Европејците ќе одговорат на ова прашање…
И во Унијата кампањата со идентична дилема како на изборите во Македонија
Проширувањето е еден од критериумите за гласачите да гласаат на 9 јуни: за или против проширувањето? И меѓу „за“, по која динамика?
Сепак, зад импулсите во корист за отворањето врати за новодојденците, се уфрлаат сомнежи и за ретроградни чекори на ЕУ (стагнирање, па дури и враќање назад на Унијата). Ова е случај, на пример, со Французите, кои се чувствуваат сè помали во Унијата, која, според нив, „и сега е преголема“.
Во ЕУ владее процедурален неред и без проширување
На крајот на декември 2023 година, Урсула фон дер Лејен даде зелено светло за влез во Европа на Украина, Молдавија и на Грузија. Тие кандидатури се додаваат на кандидатурите отворени во 1999 година – за Турција – и во 2003 година за Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија. Оваа XXL Европа со 36 земји членки (или 37 со Турција) ќе биде геополитичкиот хоризонт за пратениците во европарламентот што стојат зад опцијата на сегашното мнозинство во европарламентот, каде што припаѓаат и носителите на сегашните највисоки функции во ЕУ. Федералистката Силви Гулард вели дека оние што веруваат дека избегнуваат хаос со избирање на проширувањето, на крајот ќе имаат „проширување и хаос“.
– Многумина тврдат дека е политичка должност да им се помогне на земјите во неволја. Тоа е опасно! Проширувањето на 36 би можело да го потпише смртниот налог на Европската Унија како што го замислиле нејзините основачи, и тоа би ја „довело до смрт без намера да се даде“ или убиство „од небрежност“, но резултатот ќе биде ист – пишува таа.
Проширувањето табу-тема од 2005 година
Зборот „проширување“ стана табу во Европа по референдумот во 2005 година.
– Првото проширување на Исток беше одговор на крајот на Советскиот Сојуз, второто проширување на југоисток требаше да биде одговор на десетгодишната војна на Балканот, а третото проширување на Исток е повторно одговор на војната – забележува Жак Рупник, почесен професор во „Саенсис по“, кој забележува дека „дваесет и пет години, статусот на кандидат повеќе не се трансформира во членство“.
На тркалезната маса во Францускиот сенат посветена на проширувањето на ЕУ, амбасадорот Филип Етиен предупреди дека долгото чекање од прифаќањето на кандидатурата сѐ до отворањето на преговорите за земјите од Балканот е опасно.
– Поминаа повеќе години, очигледно. Што мислеа земјите од овој регион на кои им ја отворивме перспективата за пристап? И во однос на тоа – ништо не се случува. И досега навистина не сме напреднале – вели тој.
Премиум-пристап во ЕУ или „јаремот на Брисел“?
Вистината е дека „премиум-пристапот“ до европскиот клуб е единствениот што ги интересира земјите кандидати. Сепак, овој клуб има многу порестриктивни правила од оние на едноставна меѓународна организација. Последните дваесет години покажаа дека во Европа постои и „јаремот на Брисел“. Особено на примерот на Македонија.
Но оптимистите веруваат дека проширувањето ќе биде сигнал за почеток што ќе овозможи да се зголеми ефективноста на европското владеење, благодарение на отстранувањето на правото на вето на суверените субјекти. Но ништо не е помалку сигурно: 13 држави од 27 се целосно против напуштање на едногласното гласање…, а потребно е едногласно гласање за да се укине тоа. Искрениот одговор на експертите со кои се консултиравме е дека „следува голем мораториум за членствата“.
Токму гореспоменатата Силви Гулард потсетува дека во Стразбур постои Совет на Европа, чии членки се веќе сите земји кандидати.
– Никој не го користи во моментов. Затоа датумите за членство до 2030 година изгледаат нереални, освен изразена политичка волја за проширување, претворена на дело како на пример за Бугарија и Романија. Засега може да се види дека декларативно Европската Унија се залага за проширување, но кога ќе се погледне подетално ќе се види дека има поделеност и кај самите земји и внатре во политичките групи во Европскиот парламент – вели таа. П.Р.