За потсетување, уште во јули 2023 тројца европски министри за надворешни работи – Австриецот Александар Шаленберг, Чехот Јан Липавски и Словакот Мирослав Влаховски – во ретка „специјална мисија во Скопјe“, во име на тогашниот висок претставник на ЕУ, Жозеп Борел, предупредија дека „на Македонија може да ѝ се случи изолација од меѓународната заедница ако продолжи да одбива да ги исполни барањата на Бугарија да ја вклучи локалната бугарска заедница во својот устав“! Исклучително интересна е информацијата од вчерашниот краток брифинг со дипломат од кариера, кој ни тврди дека „постојат подготвени мерки за мека меѓународна изолација и економски санкции за Македонија“
Европската комисија (ЕК) подготвува мерки за меѓународна изолација и економски санкции за Македонија доколку не го промени Уставот?!
Медиуми од Грузија од мај годинава започнаа да објавуваат информации дека „ЕУ започнала со мерки на меѓународна изолација и економски санкции кон Грузија“. Тамошните медиуми ги пренесуваат официјалните обвинувања на највисоките политички претставници на Грузија дека „Европската Унија се меша во нејзините внатрешни работи“ и бара со таа земја да управуваат „проевропските политички сили“. Поради „судирот на Грузија со ЕУ“ и заради заштита на своите национални интереси Тбилиси одлучи да ја „замрзне“ својата кандидатура за интегрирање во ЕУ до крајот на 2028 година.
Не, благодарам! ако промената на
Уставот (како што бара Софија) е
условот за Македонија да продолжи да преговара со ЕУ
И ситуацијата со евроинтегрирањето на Македонија (како и примерот со Грузија), според наши дипломатски извори од Брисел, „запаѓа во сѐ посложена и поделикатна ситуација по најновата посета на еврокомесарката за проширување Марта Кос“, бидејќи ЕУ неотстапно бара од Македонија да изврши промена на својот устав. На тие испорачани (ирационални, но пред сѐ противправни) барања, Владата на Македонија и премиерот Мицкоски одговараат дека не се прифаќаат ултимативни наметнувања за промена на Уставот, по цена на нови национални отстапки и идентитетски отстапки.
– За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара, тогаш тоа го кажав и во Брисел – не, благодарам. ЕУ треба да прифати дека во Договорот за добрососедство со Бугарија не стои никаде услов ние да мора да го промениме Уставот. Таму никаде не го пишува тоа – има кажано Мицкоски уште на 26 септември 2024 година.
За потсетување, интернет-порталот на „Централноевропската иницијатива“ – меѓународна платформа за промовирање на евроинтеграциите, уште во јули 2023 ја пренесе веста на италијанската новинска агенција АНСА дека „тројца европски министри за надворешни работи – Австриецот Александар Шаленберг, Чехот Јан Липавски и Словакот Мирослав Влаховски – во ретка специјална мисија тогаш беа дојдени во Скопјe, во име на тогашниот висок претставник на ЕУ, Жозеп Борел, за да предупредат дека на Македонија може да ѝ се случи изолација од меѓународната заедница ако продолжи да одбива да ги исполни барањата на Бугарија да ја вклучи локалната бугарска заедница во својот устав“!
Токму во овој контекст ја издвојуваме исклучително интересната информација од вчерашниот брифинг со дипломат од кариера, кој ни тврди дека веќе „постојат подготвени мерки за мека меѓународна изолација и економски санкции за Македонија“.
Дали можеби и на Македонија ѝ се заканува споменатото меѓународно „грузиско сценарио“ во периодот што следува, ако продолжат Владата и премиерот да не бидат „доволно кооперативни“, односно ако не прифаќаат промена на македонскиот устав?!
Со каква палета мерки располага Брисел: Грузиски медиуми објавуваат дека „Грузија се соочува со сѐ поголема меѓународна изолација“
Информативниот портал „Цивил Грузија“ уште на 15 мај годинава објави дека „Грузија се соочува сè повеќе со меѓународна изолација“. Во статијата со наслов „Меѓународната унија за демократија ја осудува Владата на Грузија“ се повикуваше на „санкции против Биѕина Иванишвили – лидерот на грузиската владејачка партија Грузиски сон – демократска Грузија“.
Натаму, „Цивил Грузија“ имаше објавено дека „на 15 мај 2025 година група европски пратеници и членови на Хелсиншката комисија на САД испратиле писмо до премиерот на Португалија, барајќи забрана за претставниците на Грузија за присуство на седница на Парламентарното собрание на ОБСЕ. Во писмото се тврдеше дека „учеството на претставниците на Грузија ќе го легитимира нивното репресивно управување и ќе им обезбеди платформа што не ја заслужуваат“.
Потоа, за издвојување е дека претставници на Грузија беа исклучени од неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ „Гимних“, одржан во Варшава на 7 и 8 мај 2025 година, на кој присуствуваа и други земји кандидатки за ЕУ. Амбасадорот на ЕУ во Грузија ги наведе „демократското назадување на земјата и неодамнешните репресивни случувања“ како причина за исклучувањето.
ЕУ го суспендира Договорот за олеснување за визи за носителите на дипломатски и службени пасоши од Грузија
Токму медиумот од Тбилиси, Грузија, („Цивил Грузија“) извести дека „ЕУ го суспендирала Договорот за олеснување за визите за носителите на дипломатски и службени пасоши од Грузија“!
– Западните партнери сè повеќе прибегнуваат кон целни финансиски санкции и забрани за патување против грузиските функционери, кои се сметаат за „одговорни за поткопување на демократските норми“.
Уште една мерка против официјален Тбилиси е тоа што Меѓународната унија за демократија (ИДУ) усвои резолуција на форум во Брисел на 16 мај, на кој присуствуваа 80 партии од околу 60 земји, со која „се осудува континуираниот пад на владата на Грузискиот сон кон авторитаризам и за репресија врз граѓанското општество и сојузништво со Русија“. Споменатата резолуција повикува на „координирани меѓународни санкции против Биѕина Иванишвили и неговите помагачи“. ИДУ ја повикува Владата на Грузија, раководена од партијата Грузиски сон да одреди „конкретен датум за нови слободни и правични парламентарни избори“.
Грузиската министерка за надворешни работи Бочоришвили ја обвинува ЕУ дека „се меша во внатрешните работи на Грузија и оти врши притисок“
Во овој преглед на пишувањата на грузиските медиуми се задржуваме и на нивните информации во кои беа наведени и контрареакциите на грузиската министерка за надворешни работи Мака Бочоришвили уште од пред неколку месеци дека „европските партнери се мешаат во внатрешните работи на Грузија“. Според пишувањата на грузиските информативни портали, Мака Бочоришвили имаше изјавено: „Нашите традиционални партнери, сојузници и пријатели станаа првите критичари и носители на знамето на мешањето во внатрешните работи на Грузија и вршењето притисок. Во овој случај мислам на нашите европски партнери“.
Според Бочоришвили, „моментната ситуација во односите на Грузија со ЕУ е неповолна“, но таа дополнува и оти „комуникацијата со европските партнери сепак продолжува преку дипломатски канали“.
– Секогаш велиме дека соработката треба да се развива во формат во кој односите се развиваат под нормални услови. Ова е неопходно. Ако има нешто да се каже, мора да се каже, но постојат одредени начини да се направи тоа. Кога се даваат изјави што се доста навредливи, а ние сме принудени да ги слушнеме, проследено со усвојување резолуции, станува тешко да се врати сè на преговарачката маса и сериозно да се разговара за тоа. Сепак, ние го правиме тоа – истакна министерката за надворешни работи на Грузија, Мака Бочоришвили.
Во исто време, Бочоришвили ја потврди посветеноста на Грузија на нејзиниот курс на европска надворешна политика.
– Нашата одлука привремено да не бидат за нас приоритет преговорите со Европската Унија не значи дека го напуштаме нашиот процес на европска интеграција или оти повеќе не сакаме да се приклучиме кон ЕУ. Едноставно сакаме да спречиме ова прашање да се користи за поттикнување внатрешна поларизација или за политички цели од страна на групи чии постапки би можеле да ја дестабилизираат Грузија – посочи шефицата на грузиската дипломатија Бочоришвили.
Таа, исто така, се осврна на двојните стандарди, за кои „верува дека се применуваат во ситуацијата во Грузија“.
– Се справуваме со двојни стандарди поврзани со настаните во Грузија или кон нашите политики – укажа Мака Бочоришвили.
Изолационистичката политика на Брисел кон официјален Тбилиси забележана и во медиумите
Европската Унија веќе остварува живи активности за меѓународна изолација на Грузија како држава и поодделно кон владејачката партија Грузиски сон – демократска Грузија и владата на оваа држава. Но ваквиот однос не остана незабележан и во западните, но и во светските медиуми.
Така, во јунскиот годинашен број на магазинот „Геополитика“ беше објавена обемната аналитичка статија со наслов „Ангажирање без препознавање“? Дилемата на ЕУ за справување со Грузискиот сон на Вано Чиквадѕе, во која тој ги критикува мерките на изолациската политика на Брисел кон официјален Тбилиси.
– Некои веќе се прашуваат дали е мудра стратегијата на ЕУ за одржување студен став кон грузиското раководство. ЕУ неодамна одржа самит со централноазиските држави, прославувајќи го почетокот на нова ера во односите меѓу ЕУ и Централна Азија. Овој контраст поттикнува сомнежи за доследноста и ефикасноста на меѓународното изолирање на грузиската влада – нагласи Чиквадѕе во статијата. Неговите зборови имаат соодветна тежина, бидејќи тој е експерт за евроинтеграции од Грузискиот институт за јавни работи и политичка анализа, како и од Европскиот колеџ за напредни меѓународни студии.
На почетокот на минатиот месец повеќе медиуми се задржаа поопширно и на извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за „политичките случувања во Грузија во 2023 и 2024 година“.
– Овој документ, за кој треба да расправа и Европскиот парламент, повикува на преиспитување на политиката на ЕУ кон Грузија и предупредува на условно прекинување на економската соработка и привилегиите според Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Грузија. Но ова е само повик за натамошно заострување на економските санкции кон Грузија – со ваква оцена се огласија некои од информативните портали во текот на јуни.
Медиумите пишуваат дека Грузија ги отфрла „европските диктати и ултиматуми“, а премиерот Кобахидѕе ги обвини „странските сили за обид за дестабилизација на земјата и за ослабување на нејзините институции“
Токму ваква е моментната ситуација со евроинтеграцијата на Грузија, која самата, како последица од изолационистичките политики, го стави процесот на ЕУ-интеграции во мирување уште кон крајот на минатата година.
За потсетување, медиумите фреквентно известуваа минатата година дека „во многу градови во Грузија во текот на ланскиот ноември и на почетокот на декември беа одржани релативно масовни протести“, на кои илјадници луѓе демонстрираа на „проевропски протести“, спротивставувајќи се на владината одлука да го стави под „привремен мраз“ ЕУ-курсот на земјата. Владејачката грузиска партија Грузиски сон тогаш соопшти дека ќе ги прекине пристапните преговори со Европската Унија до крајот на 2028 година. Но медиумите исто така ја забележаа и жестоката реакција на грузиските челници, кои ја обвинија ЕУ дека „се меша во внатрешните работи со земјата и оти ЕУ бара со Грузија да управуваат проевропски партии, а не легално и легитимно избраната партија Грузиски сон“. Дека сака да наметнат да управуваат партии „што ќе бидат ‘блиски со Брисел’, а дистанцирани од Москва“, констатираа медиумите.
Грузиските медиуми деновиве објавија и дека на 26 јуни 2025 година „Грузија се соочила со нов бран критики во Парламентарното собрание на Советот на Европа“ и „заострување на политичката репресија во Грузија, вклучително и апсења опозициски личности“. Посебно истакнувајќи го моментот дека „Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) одбило целосно да ги признае парламентарните избори во Грузија од октомври 2024 година како демократски, поради ‘притисок врз граѓанското општество и ограничувања на слободата на изразување’“. Некои од грузиските медиуми објавија: „Парламентарното собрание на Советот на Европа бара одржување нови парламентарни избори, ослободување на сите ‘политички затвореници’ и друго, но официјален Тбилиси ги отфрли овие барања, означувајќи ги како европски диктати и ултиматуми и ја повлече својата делегација од ПССЕ. Премиерот Иракли Кобахиѕе во своето годишно обраќање пред грузискиот парламент на 27 јуни 2025 година ги обвини странските сили за обид за дестабилизација на земјата и ослабување на нејзините институции“.
Свето Тоевски