Фото: „Нова Македонија“

Нашите соговорници за тоа која е позицијата на ЕУ за евроинтегративниот процес на Македонија со доза на огорченост подвлекуваат дека „многу јасно можеше да се согледа позицијата на ЕУ кон Македонија и македонскиот народ и сите други нејзини граѓани во оној момент кога беше именуван Гркот Михалис Рокас за сегашен евроамбасадор во Скопје, а Бугарин за специјален известувач за Македонија“…

Ковачи на македонската евроинтеграциска судбина од соседството

Оваа и ваква ЕУ целосно ги погази сите свои резолуции и документи за почитувањето на европската етничка, идентитетска, јазична и културна различност во случајот со Република Македонија, застанувајќи на страната на нејзините соседи Бугарија и Грција во негирањето на македонската држава, на етничката засебност, идентитетот, јазикот и националната историја на македонскиот народ. Многу јасно можеше да се согледа позицијата на ЕУ кон Македонија и македонскиот народ и сите други нејзини граѓани во оној момент кога беше именуван Гркот Михалис Рокас за сегашен евроамбасадор во Скопје, а Бугарин за специјален известувач за Македонија.
Михалис Рокас си дозволи неодамна дури и во улога на своевиден „губернатор“ на Македонија во храмот на нејзината државност – во Собранието на седницата на националниот Совет за евроинтеграции дрско и наредбодателно да бара забрзување на промената на Уставот на суверената македонска држава.
– Собранието не успеа да го постигне двотретинското мнозинство потребно да се направат измени во Уставот и да се вклучат граѓаните што живеат во границите на оваа држава, меѓу другите и Бугарите – буквално кажа Рокас на седницата од пред неколку дена.
Без никакво почитување на дипломатските одредби на Виенската конвенција, без никакво почитување и на македонската државност, Рокас ја „соголи“ вистинската намера на ЕУ, дека од Македонија не се очекува ништо друго, „ништо повеќе и ништо помалку“, како што кажа еврокомесарката Марта Кос во ноември лани: само и само промена на Уставот, во замена за „отворање на првите поглавја и европреговорите“.

Редизајнирање на евроинтеграциските политики

Затоа можеби треба да се размислува за „тивко преструктурирање“, а потоа, со надворешна стратегиска поддршка и „целосно редизајнирање на евроинтеграциската политика“, со поставена цел да пристапи кон членство само во идната реструктурирана ЕУ, кога точно ќе биде дефинирана позицијата на Брисел кон Скопје, како и тогаш кога педантно ќе биде утврдена релацијата кон Македонија со прецизни критериуми што се предвидливи.
Настапува нов период на американскиот и европскиот суверенизам, ќе има сѐ повеќе „грмотевици“ и на европското небо, Европската Унија допрва ќе почне забрзано да исчезнува, како што заклучи францускиот експерт Верлуи уште пред десет години. Македонското државно-политичко раководство ќе треба да започне да ги следи овие тенденции и соодветно на нив да ја „крои“ и да ја спроведува надворешната политика на Македонија и во 2025 година и во наредниот период.

Свето Тоевски