Илустрација: „Нова Македонија“

Грчките власти не сакаат да видат на што се обврзале со Преспанската спогодба и договорот за употребата на географските ознаки и сега се во дипломатска офанзива насочена против употребата на термините „македонски вина“ и „вина од Македонија“! Атина бара на саемот за виното во Дизелдорф да не се најдат македонски вина со ознаки на етикетите на кои се аплицирани гореспоменатите термини. А како поддршка на Атина, такво барање до саемските организатори испратиле од Европската комисија (европската влада на Фон дер Лајен) и предупредиле дека токму Грција во 2004 година го заштитила како свој бренд географското име Македонија (!?)

АКО ВИСТИНАТА Е ВО ВИНОТО, ТОГАШ ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ТРЕБА ДА СТАНЕ НИШТОВЕН

Договорите мора да се почитуваат од потписничките (pacta sunt servanda!) е еден од основните принципи на меѓународното право. Но не сите држави се држат до тој принцип и не сите држави трпат последици заради тоа што се однесуваат како таа обврска да не важи за нив. Токму така, како господар на меѓународното право се однесува Грција кон Македонија. Не, не е само неспроведувањето на Преспанската спогодба од страна на Грција, кое мора да биде целосно, туку Грција веќе е во трговска офанзивна подмолна војна со Македонија. Атина преку својата позиција во Европската Унија сега со најдолна намера отвора војна со македонските вина. Таа прави силен дипломатски притисок, кој може да им нанесе огромна штета на светски познатите македонски вина, еден од нашите стратегиски извозни производи, затоа што бара забрана за нашите вина, вината од Македонија, да се продаваат под брендот „македонски“. Тоа е тотално спротивно на Преспанската спогодба.
Брисел во моментов како да стои настрана од ова економско-политичко прашање, но всушност е зад Атина, и ѝ дава зад сцената ненаметливо силен ветар во едрата на нејзиниот старо-нов курс за односот кон Македонија.
Што можеме да заклучиме – дека иако Македонија целосно се обезличи со тој договор, иако таа во целост го спроведува, па дури тоа го прави и забрзано иако за такво нешто нема обврски, за Грција и тоа не е доволно и тргна да ја ништи придавката македонски, на која ние имаме право. И историско и морално и законски и со меѓудржавен договор оверен со печатите на ООН и на ЕУ.

СЛУША ЛИ МИЦОТАКИС ШТО РЕКОЛ?

Пред јубилејниот самит на НАТО во Вашингтон грчкиот премиер Киријакос Мицотакис испрати закана до македонските лидери заради употребата на името Македонија со предупредувачка порака: „Договорите мора да се почитуваат, ова го истакнав на пленарка во НАТО. Верувам дека сите наши сојузници го разбираат тоа. Сакаме Северна Македонија да преземе чекори кон европска интеграција, но тоа значи почитување на меѓународното право и на договорите што државата, очигледно, ги има потпишано…“.
Тој потоа додаде дека има оружја против Македонија, кои тогаш не ги откри, но објасни дека не е само ветото она што Атина го има на располагање. Еве, трговските санкции без никаква основа се едно од тие оружја. И самиот Мицотакис повеќепати јавно кажал дека со Преспанскиот договор се гарантира употребата на придавката „македонски“, односно придавките македонска нација и македонски јазик.
Што е сега клучно што може да иницира жесток дипломатски одговор од Скопје? Бидејќи договорите важат за сите, Грција мора во согласност со словото на Преспанскиот договор да ѝ помага на Македонија во евроинтеграциите, да развива трговски, економски, културни односи и врски. Грција со ниту еден збор или гест не ѝ помогнала на Македонија за почеток на преговорите за членство, не помогнала да се отвори првиот кластер, кој е блокиран од Бугарија. Од друга страна, таа сега наметнува и војна против македонските вина поради употребата на придавката „македонски“.

ПАК ИЗЛЕЗЕ ЛОШИОТ ГРЧКИ ДУХ ОД ШИШЕТО

Според информации на „Нова Македонија“, во декември лани грчките власти реагирале до Европската комисија со барање на еден од најголемите светски саеми на вино, „Провајн Дизелдорф“, да се забрани промоција на македонските винарници. Грција не дозволува промоција на вина со називите „македонски вина“ (Macedonian wines) и „вина од Македонија“ (Wines of Macedonia). Грција подолго време се бори против македонскиот бренд, но овој пат таа го засилила дипломатскиот притисок, кој оди по европска линија. Главниот аргумент на грчката страна е тој дека во 2004 година грчките власти на ниво на ЕУ го имаат заштитено географскиот назив ПГИ Маседониа како вински регион на Грција. Притоа Атина се повикува и на неколку регулативи на ЕУ поврзани со географските ознаки.
Делегацијата на ЕУ во Скопје пред повеќе од еден месец го известила македонското министерство за земјоделство дека добиле претставка од грчките власти во која бараат да се забрани употребата на придавката „македонски“ за вината. Но притисокот кон Германија, односно до организаторите на саемот во Дизелдорф е засилен, затоа што реагирале и од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската комисија, кои испратиле допис, народски кажано катиљ-ферман, за врвните македонски вина до организаторите на саемот. Во моментов поради овој огромен притисок сосема е неизвесно дали македонските вина ќе се претставуваат на саемот, кој се одржува од 16 до 18 март. Јасно е дека ако се стави грчка рампа во Дизелдорф, македонските винарници ќе бидат соочени со огромни загуби, затоа што е познато дека нашите вина имаат извонреден успех и поради својот врвен квалитет добро поминуваат на саемските понуди.
Брисел, по барање од грчките власти, бара од саемските раководители да ги преземат сите мерки за да спречат каква било употреба на територијата на Германија на термини што би можеле да ја поткопаат правната заштита доделена на ПГИ Македонија или да ги доведат во заблуда потрошувачите за потеклото на производите. Ова конкретно се однесува на саемот „Провајн Дизелдорф“, но притоа се истакнува дека таквите практики треба да продолжат и во иднина на сите настани и во какви било форми. Жестоко!
Треба да потсетиме дека токму Германија е еден од најголемите увозници на македонски вина и може да се смета дека потегот на Атина има и стратегиска цел да ни нанесе економски милионска штета.
Но не е само Германија цел на оваа агресивна дипломатска активност на Грција против вината, таа глобално води војна против сѐ што има предзнак „македонски“ или „Македонија“ и воопшто не е загрижена дали со тоа ја прекршува Преспанската спогодба. Нејзините дипломатски напади се особено изразени во Австралија и за неа не се проблем само вината туку многу, многу повеќе, па дури протестира и за употребата на „македонски јазик“, „Македонска црква“…

МАКЕДОНСКИТЕ ПОЗИЦИИ

Македонските власти веќе имале еден состанок со претставници на Европската комисија преку интернет и таа добила неколку фрази од бирократите во Брисел дека тие се повикуваат на регулативите на ЕУ. Според наши извори, нив како да не ги интересирале позициите на Македонија.
Аргументите на македонската страна се дека придавките „македонски“ во сите варијанти се потврден и со Преспанската спогодба. Дотолку повеќе што тоа е регулирано и со договорот за употребата на географските ознаки. Од ЕУ се бара да го испочитува договореното, впрочем таа се повикува на такво нешто, но, за жал, во конкретниот случај оди на линија на употреба на двојни стандарди.
Втор силен аргумент на македонската страна е дека „вина од Македонија“ и „македонски вина“ е приватна заштитена трговска марка во сопственост на Здружението на вина од Македонија. Инаку, фирма со името „Македонски вина“ е регистрирана и во Онтарио, Канада, и ја раководат Македонци.
Иако Грција пред дваесетина години го заштитила на ниво на ЕУ географското име ПГИ Македонија, сепак терминот „Македонија“ се однесува на географски регион што опфаќа повеќе земји и токму затоа е недозволиво само Грција да има ексклузивно право на употреба на тоа име.
Засега ова прашање за ЕУ останува отворено, а за Македонија е уште едно горчливо потсетување дека „не треба да им веруваш на Данајците и подароци кога ти носат“. Во конкретниот случај Преспанската спогодба беше тој данајски подарок – ви го тргаме ветото како пазар за вашето историско име, но ќе ве начекаме на друг терен. И тоа се случува. Токму затоа Грција уште еднаш покажа дека нема намера целосно да ја спроведува спогодбата, а за Македонија тоа е уште еден аргумент плус дека треба да се движи во насока на нејзино поништување. Колку поскоро толку подобро. (П.Р.-Е.Р.)


Рокас како посредник

Во врска со случувањата се обративме до шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Михалис Рокас (етнички Грк). Во одговорот се наведува: „Имајте предвид дека одговорна институција за ПГИ е ГД за земјоделство и рурален развој. Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија беше активна во изминатите месеци за да ја олесни комуникацијата помеѓу ГД АГРИ и Министерството за земјоделство. Не бевме вклучени во никакви билатерални дискусии и потенцијални договори меѓу Грција и Северна Македонија. Затоа, најдобар извор на информации би биле двете инволвирани страни. Што се однесува до ситуацијата со брендовите на вино, како што споменувате, Грција го регистрирала името на заштитеното географско потекло ’Македонија’ уште во 2004 година. Користењето на ова име од страна на производителите на вино од друга земја може да се смета за прекршување на законодавството на ЕУ“.


Нечесни игри на Атина

Официјална Атина игра нечесно, неискрено, па дури и валкано со Македонија. Таа иако се обврзала целосно да ја спроведува Преспанската спогодба, јавно кажува дека нема да го направи тоа. За разлика од Македонија, која тоа го прави на своја штета, грчката страна дури и постојано се заканува. Нејзината дипломатска мрежа е особено агресивна кон сите што ги користат термините Македонија или македонски, без разлика дали се Македонци или странци. Ова се дел од обврските што Грција нема намера да ги спроведе, а тоа го истакна повеќепати и премиерот Мицотакис. Веќе шест години во фиока во грчкиот парламент се чуваат три меморандуми за изгласување што произлегуваат од Преспанската спогодба: забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, формирање координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите. Грција нема направено ништо ниту за промена на учебниците, нема промена на сообраќајните табли, а ниту, пак, нешто поконкретно направила за почитувања на правата на многубројното македонско малцинство што претежно живее на северот на Грција.