Таканаречениот „комплекс на богови“ не е непозната работа, особено кај луѓето што се наоѓале на високи државни позиции и во такво својство можеле да завршуваат работи што обичниот човек не можел. Во психологијата таа појава е наречена месијански комплекс (комплекс на Господ), односно дека „тие луѓе се семожни“ и дека „сѐ им е дозволено или сѐ можат да си дозволат“. Тие луѓе се сметаат себеси за личности што можат на другиот дел од светот, се разбира, според нивните критериуми и волја, да му нанесуваат и среќа и болка, а си дозволуваат и да ги негираат и обезвреднуваат работите за кои природните закони, универзалниот вредносен систем и правото, демократијата и индивидуалните и колективни права ги имаат и првиот и последниот збор. Така, во последните изјави на двајцата грчки политичари (Мицотакис и Коѕијас), според нашите соговорници, професори и психолози, се препознава високо ниво на присуство на „комплексот на (грчки) богови“, кои ги имаат моќта и правото да му даваат и одземаат некому националност, јазик, историја, традиција, култура, вредности… Македонија како држава е создадена од македонскиот народ, кому ниту некој му го дал ниту може да му го избрише постоењето, заедно со националноста, јазикот, историјата, традицијата, културата, вредностите…
Кој им го даде правото да му даваат и одземаат некому националност, јазик, историја, традиција, култура, вредности…
Поставувајќи го максимално асиметрично, креаторите на Преспанскиот договор се чини дека воопшто не планирале тој да биде предмет на меѓународноправна дебата. Од актуелната вознемиреност и „аргументација“ на грчките политичари поради постоењето воопшто на Преспанскиот договор станува уште повидливо дека воопшто не очекувале овој документ, иако билатерален, да биде обврзувачки за нив, а кога тие (ќе) се повикуваат на меѓународното право, тоа да биде само нивна ексклузивна привилегија – никако на „втората страна“, т.е. на Македонија. Па така, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис сѐ уште не може да се помири што со Преспанскиот договор, Грција (наводно) „им дава националност и јазик на соседите“.
– Незаконитостите на Скопје во однос на името на земјата произлегуваат и од фактот што Договорот од Преспа беше лош договор. Предупредив во парламентот дека е проблематичен за интересите на Грција, давајќи им националност и јазик на соседите. Уште тогаш, кога гласавме против, истакнав дека ќе го најдеме пред нас – вели грчкиот премиер Мицотакис, во една од речиси секојдневните изјави за Преспанскиот договор во изминативе две-три седмици.
Од друга страна, во внатрешната грчка дебата, политичкиот опозит на Мицотакис, поранешниот министер за надворешни работи и потписник на Преспанскиот договор, Никос Коѕијас, пак, тврди дека „со еден договор успеал да избрише една држава и еден народ со целата негова историја, традиција, култура и вредности“.
Така, во овие последни изјави за јавноста на двајцата грчки политичари (Мицотакис и Коѕијас), според нашите соговорници, професори и психолози, се препознава високо ниво на присуство на „комплексот на (грчки) богови“, кои ги имаат моќта и правото да му даваат и одземаат некому националност, јазик, историја, традиција, култура, вредности… Македонија како држава е создадена од македонскиот народ, кому ниту некој му го дал ниту може да му го избрише постоењето, заедно со националноста, јазикот, историјата, традицијата, културата, вредностите…
Изјавите со таков „богокомплексен“ наратив на политичари во 21 век воопшто не влегуваат во концептот и принципите на современото меѓународно право, засновани на демократски и хуманистички вредности, на еднаква сувереност на државите, рамноправност и право на самоопределување и самоименување на народите. Во реален цивилизациски контекст, самоувереноста и арогантноста на грчките политичари дека го имаат правото да не го почитуваат и дека се над меѓународното право одамна требаше да ги загрижат и алармираат ЕУ и меѓународната заедница за „заразната“ деструктивност на водењето политика врз такви анахрони постулати, непримерни за современите демократии. „Заразноста“ на таквото непринципиелно водење надворешна политика, сега веќе е видливо и на примерот на Бугарија, која поттикната од Преспанскиот договор очекува да ги добие истите асиметрични придобивки од Македонија, на права што не ѝ припаѓаат – секако нереципрочно и со уцени.
Македонија како држава е создадена од македонскиот народ, кому ниту некој му го дал ниту може да му го избрише постоењето, заедно со националноста, јазикот, историјата, традицијата, културата, вредностите… Самиот факт што преку квазибилатерални договори, преку политички инженеринг и меѓународни притисоци се прават „богокомплексни“ напори да се изнуди „бришење“ на Македонија, Македонците и македонството, како поим и национален идентитет – само ги докажува нивната автохтоност, посебност и реалност, како во историјата така и во сегашноста.
– Никој ниту дава, ниту одзема нација, националност! Народот (нацијата) или постои, се создала автохтоно, или не постои и не може да се измисли. Бесмислено е некој во 21 век да вели дека некому му дал или избришал „националност, јазик, држава“… Бесмислени се изјавите на грчките политичари, а бесмислен е и Преспанскиот договор, во кој „заедничкиот интерес“ е само на една страна – на Грција. Срамно е во 21 век да постои меѓународен договор, според кој, некој смета дека има право некому да му ги определува националниот идентитет, јазик, култура или да крои нечија историја. Тоа е состојба без преседан, целосно апсурдна, особено што тој договор ѝ е натурен, принудно наметнат на Македонија. Секој наметнат договор не е решение. Сметам дека во Македонија, за почеток треба да се формира експертски тим, кој ќе ги преземе сите мерки тој договор да биде легално поништен – вели историчарот Тодор Чепреганов.