Божидар Видоески

Дваесет и седум години од смртта на Божидар Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија

Во дијалектите на македонскиот јазик се вградени сета историја на македонскиот јазик, сето зборовно богатство, културата, обичаите, народните традиции, песните, легендите, гатанките. Оттука со своето грандиозно научно дело за македонската дијалектологија, професорот и академик Божидар Видоески, всушност, му изгради траен паметник на македонскиот народ за неговиот мајчин македонски јазик и неговите дијалекти, на македонскиот идентитет. Денеска, 16 мај, се навршуваат 27 години од смртта на Божидар Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија. Со непрекинатата и целосна посветеност на истражувањата и обработката на дијалектолошките карактеристики и развојни процеси на македонскиот јазик, Видоески остави огромен опус од повеќе од 300 библиографски единици – дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др., објавувани во домашни и видни странски списанија и зборници. Делата на овој македонист, славист и дијалектолог жестоко ги побиваат сите антимакедонски и ненаучни фалсификати, вградени во Преспанскиот договор, како и во „Едностраната изјава за македонскиот јазик“, која ја испрати Бујар Османи во ЕУ во јули 2022 година.

Дијалектолошките истражувања на Видоески жестоко ги побиваат фалсификатите од „Едностраната изјава за македонскиот јазик“ на Бујар Османи и од Преспанскиот договор

„Во согласност со сознанијата, утврдени со акти, со широкоприфатените теории и емпириските истражувања на современата славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова врз специфичниот развој на дијалектите, што се во неговата основа и кои биле распространети на територијата на денешна С.Македонија“, напиша Османи во таа негова изјава и прикажа дека македонски јазик има само на територијата на денешна Република Македонија – и никаде повеќе, ниту во Бугарија, ниту во Грција, ниту во Албанија, ниту во Косово.
Еве, од друга страна, што пишува во првиот том од својата тритомна монографија за македонските дијалекти професорот Видоески, по сите многугодишни теренски истражувања во врска со дијалектната диференцијација, односно за распространувањето на македонскиот јазик со своите дијалекти на севкупната македонска јазична територија, која е многу поголема, многу поширока одошто се денешните државни граници на Република Македонија: „Македонскиот јазик го зафаќа централниот дел на Балканскиот Полуостров…. На југ македонскиот јазик граничи со грчкиот јазик на целиот простор од планината Грамос па до реката Места во Тракија. Јазичната граница на овој дел навлегува значително подлабоко на југ од денешната државна граница меѓу Република Македонија и Република Грција. Македонска реч може да се чуе се до линијата Грамос – Бер – Солун… Македонското население во областа Пиринска Македонија (околу 180.000 според пописот од 1956), која се наоѓа во составот на Р Бугарија, освен со својот македонски дијалект се служи и со бугарскиот стандарден јазик како службен…“.
Одовде многу јасно се согледува дека Бујар Османи со својот „политички скалпел“ и со „Едностраната изјава“ му ги „ампутираше“ македонските дијалекти на македонскиот јазик воопшто, но и особено од Пиринска Македонија, а тоа го сторија и Зоран Заев и Никола Димитров со македонските дијалекти поодделно во Егејска Македонија со Преспанскиот договор.

Видоески бил најблизок соработник на Блаже Конески, кој му бил ментор на неговата докторска дисертација

Видоески бил еден од најдоследните и најценети истражувачи и познавачи на македонската дијалектологија. Бил ученик и најблизок соработник на Блаже Конески, втемелувачот на стандардизацијата на современиот македонски јазик. Со своите сестрани истражувања на македонските дијалекти, кои со векови се развивале со многу допирни и заемни влијанија во балканската повеќејазична средина, Видоески ја откриваше историјата на македонскиот дијалектен систем и неговата диференцијација. Тој, всушност, ги откриваше темелите на македонската јазична самостојност.
Божидар (Божо) Видоески е роден на 8 ноември 1920 година во селото Звечан, во Порече, Бродско. Учел гимназија во Прилеп, Крагуевац и во Скопје. По капитулацијата на Кралството Југославија во родното Порече, во состав на Кралската војска, учествува во движењето на отпорот против бугарскиот окупатор. Во 1942 г. е осуден од бугарските власти на смрт во отсуство. Во 1944 година, по потпишувањето на договорот Тито-Шубашиќ, Видоески е еден од иницијаторите за спојување на Поречката бригада со Петтата народноослободителна бригада на НОВ. Повикан е од раководството на НОВ во Горно Врановци и е кооптиран во раководството на Народниот фронт за поречкиот крај. Студирал руска филологија на Белградскиот универзитет под раководство на А. Белиќ, потоа македонска филологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје под раководство на Б. Конески.
Дипломирал на групата македонски јазик во 1949 година. Неговиот дипломски труд, „Поречкиот говор“, е објавен во 1950 година. Докторирал во 1957 година. Неговата дисертација „Кумановскиот говор“ е пишувана под менторство на Блаже Конески. Од 1949 г. до пензионирањето во 1986 г. работи на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филозофскиот, од 1973 Филолошки факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како асистент, доцент, а од 1962 како редовен професор. Во1958/59 престојува на специјализација на Варшавскиот универзитет, Полска; држи курсеви по македонски јазик на универзитетите во Варшава и Краков, воспоставува блиски контакти со полските лингвисти, кои ќе доведат до отворање лекторат за полски јазик во Скопје (1959) и по македонски јазик во Краков, а подоцна и во Катовице.
Во 1967/68 е визитинг-професор во Келн, Германија. Со предавања за македонскиот јазик и неговите дијалекти гостува на голем број европски универзитети. Со основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“ во Скопје во 1953 г. го организира во тој институт и го раководи Одделението за дијалектологија и ономастика, кое подоцна ќе се подели на две независни одделенија. Иницира широко замислена акција за собирање теренски дијалектолошки и ономастички материјал, кој денес претставува основа на соодветните картотеки во институтот. Плански пристапува кон подготвителните работи што треба во иднина да доведат до остварување на еден од централните проекти на институтот – дијалектниот атлас на македонскиот јазик.

Широката меѓународна афирмација на македонскиот јазик во светот – заслуга и на Видоески

Во МАНУ од 1971 г. Видоески го води проектот „Меѓународни лингвистички атласи“, кој опфаќа Општословенски лингвистички атлас, Општокарпатски дијалектен атлас и Европски лингвистички атлас. Покрај тоа ги иницира и ги води проектите „Македонските дијалекти во Егејска Македонија“ и „Македонските дијалекти во Пиринска Македонија“. Материјалите и заклучоците од дијалектолошките истражувања на Видоески во овој домен имаат фундаментално и трајно значење за македонскиот јазик.
Тој бил познат и исклучително ценет во меѓународните славистички кругови како долгогодишен македонски претставник во Меѓународниот комитет на славистите и претседател на Македонскиот комитет на славистите. Видоески бил учесник со забележителни настапувања на голем број славистички конгреси, како и организатор на меѓународни лингвистички средби во Македонската академија на науките и уметностите. Тој има големи заслуги за пробивот на македонистиката во светските славистички центри. Бил промотор на запознавањето и изучувањето на македонскиот јазик во странски универзитетски центри, каде што гостувал и одржувал циклуси предавања за македонскиот јазик. Благодарение на неговите заложби и придонес дојде до отворање лекторати и курсеви за македонски јазик на славистичките катедри во словенските и другите земји. Теоретските и фактографски познавања му донеле на Видоески почит во меѓународната славистичка и дијалектолошка средина. Тој бил член на повеќе меѓународни тела од областа на лингвистиката: во Меѓународната комисија за општословенски лингвистички атлас, на Комисијата на општокарпатскиот дијалектен атлас и на Меѓународната комисија за словенска ономастика.

Судир со бугарските лингвисти околу македонскиот јазик

На овие форуми Видоески го презентираше македонскиот јазичен материјал, особено во Општословенскиот лингвистички атлас, каде што учествуваше од самиот почеток повеќе од 40 години на одговорни функции и со активна соработка. Овие негови ангажмани придонесоа македонскиот јазик да биде присутен во Општословенскиот лингвистички атлас со 24 пункта во Вардарска и Егејска Македонија. Македонскиот јазичен материјал во овој атлас е застапен рамноправно со другите словенски јазици што е, само по себе, најдобро сведоштво за местото на македонскиот јазик во семејството на словенските јазици.
Особено е за обележување познатиот случај во врска со вклучувањето на македонскиот јазик во Општословенскиот лингвистички атлас, кога претставниците на Бугарија – учесници во работата на тој атлас, истапиле против самостојноста на македонскиот јазик. Достоинствената и научно аргументирана дискусија на Видоески била прифатена од целиот меѓународен состав на тој атлас, со исклучок на бугарските претставници.
Во врска со активноста на Видоески за афирмацијата и ширењето на македонистиката, треба да се спомене и неговиот извонреден придонес како долгогодишен раководител на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид, што придонело за одржување и ширење на комуникацијата со голем број слависти и млади македонисти од странство.
Божидар Видоески бил дописен член на МАНУ од 1969 г. и редовен член од 1974 година. Исто така, тој бил странски член на Полската академија на науките и уметностите (ПАНУ) од 1994 година, на Српската академија од 1997 и др. За својата научна работа и за заслугите околу организацијата на науката во Република Македонија бил добитник на високи награди и признанија. Починал на 16 мај 1998 година во Сремска Каменица, Србија.


Меѓународен научен собир за јазикот во медиумите

„Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“ е фокусот на Меѓународниот научен собир во рамките на традиционалната научна манифестација „Денови на Благоја Корубин“, која започна вчера во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.
Собирот почна со поздравни обраќања и промоција на Зборник на трудови од Научниот собир „Јазикот во уметничката литература, едиција Јазикот наш денешен, кн. 35“. Промотор на делото беше проф. д-р Лилјана Макаријоска.
Во двата работни дела се предвидени интересни предавања на разни теми: Македонскиот јазик во медиумите, Односот на кодификаторите кон медиумите во нивното време, Јазикот на новите медиуми и медиумската лингвистика, Лексиката на социјалните мрежи, Дијалектите и социолектите во електронските медиуми, Скопскиот говор и сленг како атака врз стандардот во македонските аудиовизуелни медиуми, Сопствените имиња и нивната прагматика во печатените медиуми, Србизми во македонските мас-медиуми, Англизмите и турцизмите во комуникацијата на младите и многу други.

Свето Тоевски