Фото: Зелен хуман град

Граѓанската коалиција Зелен Хуман Град на претстојните локални избори повторно ќе настапи со своја листа на членови за Совет на Град Скопје.

Како што велат од граѓанската коалиција, листата и овојпат ќе ја предводат докажани активисти од областа на здрава животна средина/одржлив развој, социјална правда и заштита на животните.

Велат дека тоа се трите од четирите столба на коалицијата, а за четвртиот планираат воведување директна демократија во управувањето со градот. За таа цел, потребни им се граѓаните.

Тие го воведуваат иновативниот механизам „МојКандидат“, на кој граѓаните кои сакаат да бидат дел од граѓанската коалиција, ќе можат да се кандидираат за да учествуваат на претстојните локални избори.

За таа цел тие директно им се обратија на граѓаните кои имаат амбиција да станат дел од локалната власт.

– Најгласаните пријавени ќе бидат повикани на интервју, со цел запознавање и конечно утврдување на соодветноста на кандидатите за нашата листа. Интервјуата ќе ги води комисија составена од членови на ЗХГ. Кандидатите кои ќе го поминат овој филтер ќе бидат распоредени заедно со активистите според рангирањето од гласањето, во сооднос 50:50. Крајниот рок за аплицирање е 26 јули во 23:59 ч., по што ќе почне гласањето. Сите заинтересирани можат да аплицираат на линкот https://docs.google.com/…/1FAIpQLSfwlX444oujaC…/viewform – се вели во нивното обраќање до граѓаните.

Оттаму велат дека мерката на зрелоста на едно општество е колку тоа дозволува граѓанско учество во политиката.

– Мерка за зрелоста и прогресивноста на едно општество е колку тоа овозможува механизми за граѓанска партиципација во политиката и колку граѓаните ги користат тие механизми. ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е единствената група во Македонија која сите материјали за седници кои ги добиваат советниците на Град Скопје веднаш јавно ги објавува пред одржувањето на седницата заедно со опција за коментар/забелешка на секоја точка поединечно што е клучно за нас. Ние не информираме откако седницата ќе заврши. Ние делотворно и навремено те вклучуваме во процесот на одлучување за да го обликуваш Скопје заедно со нас преку политиките кои се гласаат во Советот. Придружи ни се во борбата за здрава животна средина, заштита на животните, социјална правда. Заедно ќе се спротивставиме на сечата на дрвја во градот, неконтролираната бетонизација, погрешното управување со отпадот. Заедно ќе се избориме за позелено, похумано и поубаво Скопје! – велат од граѓанската коалиција.