Фото: „Нова Македонија“

Во Македонија имало многу политички кризи, за кои наместо претседателот да биде оној што ќе ги собира сите и ќе изнаоѓа решенија, тој бил само обичен посматрач пред меѓународните посредници, кои ни носеа решенија за кои се покажа дека уште повеќе ги проблематизираа состојбите

Делокругот на ангажманот на првиот човек на државата зависи од неговата
креативност и инвентивност

Наредниот период наизменично ќе објавуваме повеќе текстови во кои ќе загатнеме неколку теми што се однесуваат на улогата на претседателот на државата, поточно како тој да стане вистински репрезент на државата и на граѓаните. Низ стручни анализи, консултации со експерти, професори, поранешни дипломати ќе понудиме повеќе насоки како претседателот на државата може да ја афирмира претседателската функција на многу повисоко ниво од сегашната протоколарна улога што ја има, без оглед што Уставот му го дава правото да биде врховен командант на вооружените сили. Намерата на овој серијал текстови е да се изнајде модус со кој во иднина, се разбира во согласност со Уставот и законите, ќе се обезбеди поголем пакет на ингеренции на првиот човек на државата, за да може и тој активно да учествува во креирањето на надворешната, внатрешната, економската, енергетската, образовната, здравствената и сите други политики важни за иднината на државата. Целта е претседателот во иднина да стане вистински репрезент, како на државата така и на граѓаните, поточно да биде оној граѓански коректор на сите погрешни политики и креатор на нови решенија и идеи што ќе значат вистински напредок на државата. Со еден збор, лидер.

Ако се следат наративите на претседателските кандидати во досегашниот тек на изборната кампања, сите тие говорат за средување на состојбите дома, за воспоставување вистинско владеење на правото и најавуваат решителна борба со корупцијата.
Едно се предизборните наративи, но сосема друго е реалноста, така што граѓаните во својата претстава имаат јасно издиференцирана слика за тоа каков татко или мајка на нацијата сакаат на чело на државата, особено кога станува збор за тоа како ќе се менаџираат работите во внатрешнополитичките односи.
Досегашните искуства покажаа дека претседателите тешко успеваат да се оградат од влијанието на партиите што ги номинирале за функцијата, така што во помала или поголема рака тоа се чувствувало и низ одлуките што ги носеле, кои во добар дел биле на линија на она што го застапувала извршната власт.
Од една страна, оправданието за тоа се барало во релативно малите ингеренции што ги имал првиот човек на државата, но од друга страна, ниту пак тие малку ингеренции не беа искористувани на вистински начин за да се алармира за одредени аномалии и состојби.
За да не се повторат таквите лоши епизоди, она што ѝ е потребно сега на државата е вистински лидер што ќе остави настрана секаков политички багаж што му го наметнуваат партиите и ќе стане вистински народен и државен трибун, кој ќе говори исклучиво во име на државата и на граѓаните.
Таквиот пристап ќе му овозможи активно да се вклучи во сите политички збиднувања внатре во земјата и да биде активен дел од решенијата, а не само нем посматрач на процесите што се одвиваат околу него. Со други зборови, потребна е поцврста фигура, која, меѓу другото, успешно ќе ги менаџира и политичките односи во земјата, ќе спречува генерирање политички кризи и на тој начин ќе влијае за намалување на поделбите на општеството, кои од година на година стануваат сѐ поизразени.
Политиколозите со кои продискутиравме за улогата на претседателот во средувањето на внатрешнополитичките односи во земјата сметаат дека воопшто не треба да се занемари влијанието на претседателот врз целокупниот политички процес, потсетувајќи на фактот дека извршната власт е поделена меѓу претседателот и Владата со премиерот.
– Од една страна, потребен е кандидат што ќе собере што поголем број граѓани зад себе, што значи дека неговата појава и програмата мораат да бидат прифатливи и пожелни за широките народни маси. Непосредните избори за претседател силно ги мобилизираат гласачите, ги поврзуваат за личноста на кандидатот и многу лесно ги поларизираат. Од друга страна, харизматичен шеф на државата секогаш може да ја загрози Владата со своите јавни истапи или со желбата преку некои од своите уставни овластувања да ја опструира работата на Владата. Така, претседателот станува коректор на извршната власт, односно не дозволува да се отстапува од изборните програми и да се спроведуваат какви било политики штетни за националните интереси и за граѓаните. На тој начин, претседателот станува фактор, односно фигура во која сите партии ќе гледаат столб врз кој ќе можат да се потпрат – велат политиколозите.
Според нив, во Македонија имало многу политички кризи, за кои наместо претседателот да биде тој што ќе ги собира сите и ќе изнаоѓа решенија, бил само обичен посматрач пред меѓународните посредници, кои ни носеа решенија за кои се покажа дека уште повеќе ги проблематизираа состојбите.

– Тоа укажува дека претседателот не го користел доволно или не успеал воопшто да го наметне сопствениот авторитет пред политичките актери во земјата. Претседателот, иако има скромни овластувања, може да биде исклучително важен фактор за време на политички кризи, особено ако има широки коалиции, малцински влади или кога станува збор за кохабитација, каде што се препознава како еден вид лидер на опозицијата. Македонија се соочи со многу политички кризи низ годините, а решенијата се бараа со странски посредници. Претседателот на државата беше тргнат настрана. Тоа ќе продолжи така доколку самиот претседател не се наметне како лидер, односно како вистински човек од народот, а не од партијата, кој ќе нуди решенија за кризите, едно, две, три, пет решенија, колку и да се потребни, а не да крева раце по првиот пропаднат обид. Ако во таков случај политичките чинители ги одбијат неговите иницијативи, тогаш тие практично му се спротивставуваат на народот и губат од сопствениот рејтинг меѓу граѓаните, за сметка на претседателот, кој расте во очите на обичните луѓе бидејќи народот почнува да го доживува како свој гласник и глас на разумот – посочуваат нашите соговорници.
Алудирајќи на минатото и претседателите што воделе одделни држави, политиколозите потсетуваат на традиционалната склоност на гласачите кон татковски/мајчински фигури, односно кон силна, чесна, работлива и патриотски настроена личност, која конечно ќе ги стави работите внатре во државата во ред.
– Претседателот мора да биде онаа мудра личност што ќе ги издигне националните и граѓанските интереси на највисокиот пиедестал. Истовремено, тој треба да биде личноста што ќе ги менаџира состојбите внатре во државата, без оглед на малите ингеренции. Потребно е владеење на правото, во ред, тој има право да назначи некои луѓе во Судскиот совет и да бара од нив да работат со полн капацитет за средување на состојбите во судството. Од него почнува, па таа алка треба да се надоврзува понатаму во системот, но претседателот може да ја иницира. Има проблем со корупцијата, во ред, и тука претседателот може многу да направи. За почеток, нека почне секоја недела да одржува панели, да кани докажани експерти од таа област од цела Европа, едноставно да ги притиска надлежните да почнат нешто да прават. Загрозена е безбедноста? И за тоа има свои разузнавачки тела што можат да работат и на тоа поле. Имавме многу политички кризи, општеството ни е крајно поделено најмногу на политичка основа, така што и тука претседателот може да биде менаџерот што ќе ги седне сите на маса и ќе ги држи таму додека не се изнајде решение. Поентата е дека и покрај малите ингеренции, кога човек има капацитет и волја за работа, лесно може да се наметне како лидерска фигура што работи за средување на состојбите во државата – потенцираат политиколозите.
Тие потсетуваат и на уште една многу битна алатка што ја има претседателот во свои раце, а воопшто не ја користи.

– Не може обраќањата во Собрание да се сведуваат само пред Нова година, на кои редовно опозицијата ја напушта салата. Ако е потребно, претседателот секој месец ќе се обраќа во Собрание, а зошто не и во медиумите, јавно да говори за проблемите. Ниту една власт не сака таква јавна критика, а од друга страна народот сака да слушне дека претседателот ги воочува неправилностите и јавно говори за нив. Тоа е тој фактор на општествено сплотување што треба да биде претседателот на државата. Во спротивно, ако и претседателот постојано се согласува со владините политики, кои на мнозинството граѓани не им се допаѓаат, тогаш веќе не говориме за лидер, туку за коизвршител на погрешните политики – истакнуваат политиколозите.
На крајот уште додаваат дека квалитетен претседател никогаш нема да биде ограничен со некакви уставни ингеренции доколку навистина сака нешто да направи за својата земја.
– Претседателот мора да биде инвентивен, има многу начини како да ги подобрува состојбите без да излегува надвор од ингеренциите и од Уставот, а сепак да покаже дека е лидер што ќе ги диктира состојбите во државата и во општеството, а не само обичен нем протоколарен посматрач на процесите. Нашите граѓани одамна бараат таков лидер – заклучуваат политиколозите.