Апел на Агенцијата за храна и ветеринарство по потврдените случаи на птичји грип
До граѓаните се апелира при наоѓање на угината дива птица од водните видови (патки, гуски и слично) да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) лично (во централа или во подрачните единици на агенцијата), на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22 или на [email protected]) или во ветеринарните друштва.
Доколку станува збор за други видови угинати птици и за изолирани угинувања, тоа треба да го пријават кај јавните комунални претпријатија за нештетно отстранување на лешовите.
Апелот на АХВ доаѓа по неодамнешните случувања кога во Скопје, кај две угинати диви птици, во два изолирани случаја, беше потврдена болеста птичји грип (авијарна инфлуенца).
Болеста авијарна инфлуенца, иако станува збор за зооноза, во вакви случаи, не претставува сериозна закана за ширење на болеста, ниту кај птиците ниту кај луѓето, појаснуваат од АХВ.
– Дивите птици, најчесто преселните, се резервоар и најчести преносители на вирусот на болеста птичји грип. Болеста се шири преку директен контакт со заразени птици или секрети од нив, особено фекалии. Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува одгледувачите на живина дека задолжително е пријавувањето на промени во здравствената состојба и зголемена смртност на живината, до надлежен официјален ветеринар или ветеринарно друштво, како и примена на биосигурносни мерки при спроведување на сите активности на одгледувалиштето – соопштија од АХВ.
Агенцијата апелира на внимателност и преземање заштитни мерки за категориите лица што се изложени на ризик, односно за оние што можат да имаат близок контакт со заразени птици. н.м.