Тогашниот претседател на ЦК на СКМ, Ангел Чемерски, држи говор на големиот сенароден митинг на 3 јули 1975 година

Повод: 50 години од прогласувањето на Прилеп за град херој

Светот на 9 мај одбележува 80 години од победата над фашизмот, 80 години од триумфот на слободољубивото човештво над мракобесниот фашизам. Овој јубилеј е добар повод за потсетување на минатото, платено со огромни човечки жртви и материјални загуби, непознати во историјата на дотогашните војни, вели прилепскиот историчар Рубинчо Белчески.
Прилеп даде значаен придонес во борбата против фашизмот и затоа на 7 мај 1975 година, тогашниот претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито, а по повод 30 години од победата над фашизмот, го одликува градот со највисокото признание и му додели орден „Народен херој“. Сега кога се одбележуваат 80 години од победата над фашизмот, се одбележуваат и 50 години од тој значаен настан за Прилеп.
На 7 април 1941 година најнапред во Скопје навлегува германска војска и за неколку дена е заземена цела Македонија. Прилеп не би бил град херој ако не бил прв во своите активности во борбата против фашизмот. Уште недојдени Германците во Прилеп, Месниот комитет на КПЈ, на чело со секретарката Вера Ацева, одржува состанок на 7 април, во куќата на Марко Ристески–Стариот (таткото на борецот Ордан Михајлоски–Оцка). На состанокот, покрај секретарката Вера Ацева, присуствуваат и: Борка Талески, Трајко Тарцан, Стеван Роскопо, Благоја Ристиќ–Бале, Јоска Јорданоски–Сандански и Марко Ристески–Стариот, а се расправало за новонастанатата состојба во Македонија и Прилеп. Биле формирани повеќе комисии, меѓу која за собирање оружје и воена опрема, а донесен е заклучок за ослободување на затворениците од прилепскиот затвор. Наредниот ден, на 8 април, Прилеп е заземен од страна на 73. Германска пешадиска дивизија од 40. Корпус на 12. Армија, под раководство на капетан Тролер. Наредниот ден, во куќата на Борко Петрески–Симонот е одржано партиско советување за што подобра организација на партијата за деновите и годините што следуваат. Во периодот од 19 до 26 април 1941 година, во Прилеп доаѓа бугарска војска и полиција, која воведува полициска и цивилна управа на градот…. Воспоставувањето на окупаторскиот систем во Македонија ја мобилизира партиската организација во спроведување на антифашистичката платформа на КПЈ, што е особено видливо од активностите на терен.

– Се собираат оружје и муниција, се издаваат директиви за запленување судски архиви и техника, за ослободување затвореници и друго. Овие активности и отпори го означуваа почетокот на подготовките за оружено востание и започнување на борбата против фашизмот во Македонија. Македонскиот народ го прифати повикот на КПЈ за приклучување кон прогресивните антифашистички сили. Со нападот на Прилепскиот партизански одред на бугарскиот полициски участак и на други објекти во Прилеп, на 11 октомври 1941 година, се отвори нова страница во историјата на македонскиот народ. Затоа, 11 октомври 1941 година е логичен продолжеток на револуционерната борба на Македонија во изминатите децении и векови. По овој датум партизанските одреди (Скопскиот, Прилепскиот, Кумановскиот и другите) ги издигнаа своите акции на повисок степен, кои беа предвесници на едно масовно оружено востание со антифашистички и ослободителен карактер – вели Рубинчо Белчески.
Тој додава дека она што е особено значајно за тој период е дека доаѓа до израз високата политичка свест на борците и на населението за постигнување на крајната цел – создавање национална држава.
– Со одлуките на Второто заседание на АВНОЈ од 29 до 30 ноември 1943 година, на сите југословенски народи им се гарантирале рамноправност и право на самоопределување. Тоа е од особено значење за македонскиот народ, кој за првпат во својата историја добил рамноправност со другите југословенски народи, како резултат на неговото учество во антифашистичката војна. Одлуките и решенијата што ги донесе АСНОМ, на чело со претседателот на Президиумот, Методија Андонов–Ченто на своето Прво заседание, според својот карактер, имаа уставотворно значење. Тие се донесени врз база на суверената волја на македонскиот народ и неговото право на самоопределување, а во согласност со одлуките на АВНОЈ. Одлуките на АСНОМ служат како основа за понатамошна изградба на македонската државност и организационо зацврстување на највисоките државни органи во федерална Македонија – објаснува историчарот.
Македонскиот народ доби национална и социјална слобода, платена со голем број човечки жртви и со огромни материјални штети. Резултатите од антифашистичката војна ги обврзуваат сите генерации да знаат да ја ценат и да ја бранат скапо платената слобода.

– Она што особено нѐ прави горди нас прилепчаните е првиот востанички истрел, кој се случил тука, во Прилеп, на 11 октомври 1941 година, кој не бил само симболичен чин, туку автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ, предводен од прилепчани, да се истрае на балканската ветрометина и да се биде на страната на антифашистичката коалиција, сѐ до последниот ден на победата над фашизмот. Денес, кога се потсетуваме и ја одбележуваме 80-годишнината од победата над фашизмот, да проговориме за уште еден јубилеј, на уште еден голем датум од богатата историја на Прилеп, 50 години ПРИЛЕП – ГРАД ХЕРОЈ. Со доделувањето на орденот и повелбата за град – народен херој, Прилеп е сврстен во редот на осум града од поранешна Југославија. Зошто Прилеп го добива ова високо признание? Во Втората светска војна, од Прилеп и Прилепско имало 8.000 учесници, од кои 2.700 активни борци со оружје во рака. Од вкупно 66 народни херои од Македонија, 15 борци од Прилеп и Прилепско се прогласени за народни херои, од кои 10 се загинати – пренесува историчарот Белчески.
Белчески потсетува дека доделувањето на орденот и повелбата се случило на голем сенароден митинг, пред Паркот на револуцијата, пред Алејата на народните херои, на 3 јули 1975 година, а по повод 4 јули, Денот на борецот. Во името на претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, а во присуство на голем број гости, го предал тогашниот претседател на ЦК на СКМ, Ангел Чемерски, а го примил претседателот на Општинското собрание на Прилеп, Живко Магдески. За жал, оригиналниот орден што му беше доделен на Прилеп за неговото херојство и дадените жртви во НОВ, во 1993 година, во неразјаснети околности исчезна од општинските простории.
Подоцна, ОО на Сојузот на борците од НОАФМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи – Прилеп и НУ Завод и музеј – Прилеп, иницираа изработка на реплика на орденот. Па така, во 2018 година, се изработија две реплики на орденот, по една за Општина Прилеп и за НУ Завод и музеј – Прилеп, односно, за меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“, местото од каде што бунтовен Прилеп се кренал на народно востание против фашистичкиот окупатор. Покрај реплика на орденот „Народен херој“, беше изработен и релјеф на орденот на мермерна плоча и истиот тој ги краси просториите на општинската зграда, со што сведочи за херојството на Прилеп и прилепчани.