Фото: Маја Јаневска-Илиева

Затворена кампањата за локалните избори

  • Една клучна работа како да избега од радарот на јавните политички кампањи, која веројатно е предвидена во некои политички програми, а претставува суштина, битие, есенција… на вистинскиот локален развој: отворање производствени погони, фабрики, работилници и мали бизнис-иницијативи што реално создаваат нови работни места и каде што се произведуваат нови добра!
  • Иднината на општините не е само во инфраструктурната изградба, есенцијален е човечкиот капитал. Тој треба да биде во функција на „примат на општините за отворање нови работни места“ ангажирани во создавањето/производството на добра, стоки, односно домашни производи во нашите погони. Така и локално ќе го решаваме одливот на млади, за да не продолжиме да ги губиме драгоцените човечки ресурси и да го запреме тој тренд

Внимателно следејќи ги настапите во јавноста на кандидатите за носители на јавни функции во текот на локалната кампања, факт е дека тежишно преовладуваа најавите за нови улици, мостови, паркови, училишта, градинки…
Сето тоа, се разбира, е важно и потребно – никој не може да каже дека инфраструктурата не е еден од столбовите на секоја развиена општина. Но нешто како да недостигаше.
Имено, една клучна работа како да избега од радарот на јавните политички кампањи, која веројатно е предвидена во некои политички програми, а претставува суштина, битие, есенција… на вистинскиот локален развој: отворање производствени погони, фабрики, работилници и мали бизнис-иницијативи што реално создаваат нови работни места и каде што се произведуваат нови добра.
– За жал, не се стави тежиште во јавните настапи на локалните избори за отворање мали и средни производствени погони, локални мали или поголеми фабрики, работилници или, еве на пример, занаетчиски центри. А знаеме дека со програмите е предвидено тоа. Како да фалеше за граѓаните, а особено за помладите генерации, дека ќе се инсистира на креирање и создавање услови за вработување на младите во родниот крај, за обуки, стимулативни мерки за локалните претприемачи, или за привлекување домашни и странски инвестиции на локално ниво, за да се стимулираат разни облици на реалната економија, со форми на стопанска дејност што одговара на соодветната општина – констатираа наши соговорници од Германија.
Еден од нив веќе е подготвен за поголема грнифилд-инвестиција во повеќе производствени погони во југозападниот дел од Македонија, со употреба на суровини и репроматеријал од земјава, повисок степен на финализација на производот и ангажирање човечки ресурси, локални жители сега на привремена работа во странство, кои се согласни да се вратат од Германија и да работат во своите родни краишта.

Нови работни места во реалниот сектор, мултифункционален приод за решавање повеќе предизвици

Избраните кандидати, кои ќе добијат мандат во локалната администрација, во свој поглед треба да претставуваат вистински локални економски двигатели, кои ќе ги поврзат младите со инвеститорите, ќе обезбедат услови за отворање мали и средни производствени капацитети, занаетчиски работилници, стартапи и локални бизниси. Само така може да се оживее економијата на едно место.
– Една мала фабрика во општина вреди повеќе од десет нови чешми или плоштади – затоа што носи плата, сигурност, достоинство, но носи (локален) економски раст. Носи зголемување на економскиот колач, раст на БДП, одржлив економски развој, не само на локално туку и на централно ниво. И токму таа инвестиција ќе донесе нов водовод, асфалт, училиште… Млад човек со обезбедена работа нема причина да замине. Кога локалната заедница, претставувана од своите избрани функционери, би ставила тежиште на отворање нови работни места во реалната економија, во стопанството (индустријата, полјоделството, сточарството), кога би било тежиштето на проекти што вложуваат во тоа, кога би се стимулирале инвеститори, кога би се помагало со инфраструктурата за производни погони и машини, со административни олеснувања, со поттик и мотивација на бизнисите во реалната економија – тогаш би зборувале за вистински развој, не само за „европски изглед“ на општините, на градовите, населените места – вели нашиот соговорник од Германија, кој веќе има долга историја на инвестиции токму во производниот сектор.

Приматот да се стави на отворање нови работни места и на создавање
добра, стоки и домашни производи во нашите погони

Се разбира дека локалните избрани функционери сфаќаат дека во секој мал погон можат да се вработат десетици млади луѓе. Дека една мала фабрика или земјоделско мини-стопанство може да значи село што оживува. Дека со поддршка за занаетчиство, социјални претпријатија, стартапи и земјоделски здруженија може да се активира цела локална економија. Но кандидатите пропуштија да посветат должно внимание на прашањето за отворање нови работни места. Ова не е критика, туку е повик. Иднината на општините не е само во инфраструктурната градба, туку паралелно и во човечкиот капитал, кој треба да биде ангажиран со тој „примат на општините за отворање нови работни места“ ангажирани во создавањето добра, стоки, односно домашни производи во нашите погони. Исто така, иднината лежи во можностите тие човечки ресурси, а особено младите, да се искористат во создавањето нови добра и нов квалитет. Така и локално ќе го решаваме одливот на млади, за да не продолжиме да ги губиме драгоцените човечки ресурси и да го запреме тој тренд.
Локалните избори не треба да бидат натпревар во тоа кој ќе сече повеќе ленти, туку кој ќе отвори повеќе врати – кон иднината, кон работен ангажман и производство на домашни стоки и добра, кон достоинствен живот дома. Затоа, време е избраните кандидати на локалните избори да почнат конкретни дела преку кои ќе се операционализираат програмите за вработување, за производство на стоки и добра, а би било исклучително добар исчекор кога би се отворале производни капацитети чиј аутпут би бил производ со што повисок степен на финална обработка.
Граѓаните ја истакнуваат констатацијата дека по локалните избори, треба пред сѐ и над сѐ, да започне трендот на живи, развиени општини, односно локална самоуправа и локален економски раст, каде што со отворањето перспективен, реален, стопански (земјоделско-индустриски производен) сектор, ќе се има повеќеслоен придонес: финансиско-економски и социјален, како и кон стопирање на заминувањето на младите, односно дека тие сигурно ќе се одлучат да останат кога би имале зошто.