Нашите соговорници експерти, социолози, комуниколози, психолози, во врска со амбиентот во собраниската сала и невербалната комуникација, точно ни ги посочија гестовите и мимиките на одделни присутни што со своето однесување го оддаваа своето расположение кон конституирањето на новите државни институции, вклучувајќи ја и инаугурацијата на новата претседателка. Експертите поединечно ја анализираа невербалната комуникација на лицата што беа присутни во салата и изнесоа многу пластични експертизи за нивните невербални пораки. Без да навлегуваме во персонализација на експертизата, сметаме дека за јавноста би било интересно да издвоиме дека некои од присутните што ѝ припаѓаат на доскорашната владејачка структура не само што покажаа незаинтересираност туку насочено манифестираа игнорирање на конституирањето на институциите, како и на перспективите на градењето политики на преструктурирање, раст, развој и одржливост
Експерти го анализираа однесувањето на присутните во собраниската сала за време на инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова
Обраќањето на новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова пред пратениците и високите гости во Собранието на Република Македонија предизвика големо внимание во пошироката јавност. Но овој пат нашето внимание беше насочено кон однесувањето на присутните, поточно на говорот на телото на присутните, од аспект дека токму невербалната комуникација, мимиките и гестовите честопати кажуваат повеќе од самите зборови. За таа цел се консултиравме со експерти, психолози, социолози, комуниколози, кои од свој агол ја толкуваа сликата што можеше да се проследи за време на инаугурацијата на новата претседателка.
Што е говор на телото
Говорот на телото е употреба на физичко однесување, изрази и манири за невербална комуникација, често направено инстинктивно, а не свесно. Без разлика дали сме свесни за тоа или не, кога комуницираме со другите, постојано испраќаме и примаме сигнали без зборови. Сите наши невербални однесувања, гестовите што ги правиме, нашето држење, тонот на гласот, погледот – испраќаат пораки.
Експертите од областа на невербалната комуникација велат дека, всушност, не зборовите што ги користиме, туку нашите невербални знаци или говорот на телото зборуваат најгласно. Говорот на телото може да ги смири луѓето, да изгради доверба и да ги привлече другите, меѓутоа и да навреди, збуни и поткопа. Тие пораки не престануваат ниту кога ќе завршиме со зборувањето. Дури и кога молчиме, сѐ уште комуницираме невербално. Понекогаш изговорениот збор и говорот на телото кажуваат нешто друго, а говорот на телото е природен, несвесен јазик што ги пренесува вистинските чувства и намери, ни посочија нашите соговорници.
Што забележаа експертите
Нашите соговорници во врска со амбиентот во собраниската сала и невербалната комуникација точно ни ги посочија гестовите и мимиките на одделни присутни, кои со своето однесување го оддаваа своето расположение кон конституирањето на новите државни институции, вклучувајќи ја и инаугурацијата на новата претседателка. Експертите поединечно ја анализираа невербалната комуникација на лицата присутни во салата и изнесоа многу пластични експертизи за нивните невербални пораки. Без да навлегуваме во персонализација на експертизата, сметаме дека за јавноста би било интересно да издвоиме дека некои од присутните што ѝ припаѓаат на доскорашната владејачка структура не само што покажаа незаинтересираност туку насочено манифестираа игнорирање на конституирањето на институциите, како и на перспективите на градењето политики на преструктурирање, раст, развој и одржливост.
Притоа, може да се набројат десетина покарактеристични манифестации што ги илустрираат зборовите на експертите. Во еден момент тројца пратеници што седеа еден до друг во ист момент се занимаваа со делови од своето лице, па едниот го чепкаше носот, другиот брадата, а третиот ги затвораше очите, како едноставно да сакаше да исчезне од салата, да биде на некое друго место. Уште подрастична слика за незаинтересираност и игнорирање на институцијата претседател можеше да се забележи во врска со на моменти опсесивното занимавање со мобилните телефони. Некои од пратениците не се воздржуваа токму тогаш нагласено да ја тресат „прашината“ од своите костуми, што може да се протолкува дека не сакале да бидат присутни во салата.
Ваквото однесување експертите го толкуваат како некои од пратениците да сакаа да се телепортираат на некое друго место, без воопшто да водат грижа дека присуствуваат на историски настан, кој се случува еднаш во пет години. Дотолку повеќе што претседателката Силјановска-Давкова зборуваше за национално единство, ги објаснуваше нишките околу кои утре треба да се гради арматурата на институциите на државата.
Соговорниците ни посочија дека токму во миговите додека од собраниската говорница биле испраќани клучните пораки, забележале одредена ароганција, нетрпеливост кон пораките за обединување во полза на македонските граѓани.
По сето ова укажување, познавачите од областа на невербалната комуникација заклучуваат дека некои од пратениците преку својот говор на телото и изрази на лицето искажале незаинтересираност и негрижа за општото добро на македонските граѓани и македонската држава. Експертите исто така велат дека ако се земе одреден пресек за говорот на телото кај одредени пратеници, може да се заклучи дека станува збор за личности што се одликуваат со неодговорност, нетрудољубивост, немање самоконтрола, како и неемотивна присутност и неисполнетост со интерес за нешто. Д.Ст.