Еден од најпознатите албански аналитичари Бен Андони во обемната анализа „Казната на историјата и јаболкото на раздорот на Македонија со Бугарија“ објавена во албански „Фактоје“ поентира со цврста забелешка дека „резултатите од пописот беа горчливи за сите слоеви“. Тој констатира дека „најголем удар добила македонската заедница, која била преполовена“. За првпат беа пресметани и бугарското и бошњачкото малцинство. Токму високата бројка на бугарското малцинство во однос на македонското поттикна обвинувања за манипулација, посочи албанскиот аналитичар Бен Андони во својата анализа на минатогодишните пописни резултати во Албанија
Анализите на пописните резултати во Албанија сѐ повеќе ја демантираат објективноста на најобемната пописна операција
Резултатите од пописот во Албанија спроведен во 2023 година беа горчливи за сите слоеви и поттикнаа обвинувања за манипулирани податоци, при што најголем удар доби македонската заедница, истакна еден од најпознатите албански аналитичари Бен Андони во обемната анализа „Казната на историјата и јаболкото на раздорот на Македонија со Бугарија“ објавена во албански „Фактоје“. Тој во својот осврт се задржува на непризнавањето на пописните резултати од страна на малцинствата, верските заедници и опозицијата, притоа пренесувајќи став и на Васил Стерјовски, лидерот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
– Опозицијата поттикна обвинувања за манипулирани податоци, додека малцинствата и верските заедници се загрижени за новата стратиграфија на нивните заедници. Резултатите беа горчливи за сите слоеви. Најголем удар доби македонската заедница, која е преполовена. За првпат беа пресметани и бугарското и бошњачкото малцинство, односно ни ги дадоа бројките од 7.057 Бугари и 2.963 Бошњаци. Токму оваа висока бројка на бугарското малцинство во однос на македонското поттикна обвинувања за манипулација од страна на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за податоците од пописот и не само тоа – наведува Андони.
Тој го пренесе ставот на претседателот на МАЕИ, Стерјовски, кој нагласи дека во претходните 11 пописи во Албанија ниту еден жител не се изјаснил како Бугарин.
– Во 11-те пописи спроведени во Албанија во текот на 100 години, ниту еден жител не се изјаснил како Бугарин. Постоењето на бугарско малцинство во Албанија не е документирано во ниту еден мониторинг-извештај на меѓународните организации што се занимаваат со почитување на правата на малцинствата, како што е Советот на Европа. Ниту во првиот извештај за правата на националните малцинства на народниот правобранител од 2015 година не е потврдено постоење на бугарско малцинство во Албанија – вели Стерјовски.
Со резултатите од албанскиот попис, според Андони, не се согласуваат ниту грчкото, а ниту другите малцинства, како и ниту православната и католичката верска заедница. Во однос на барањето на малцинствата за нов попис, аналитичарот вели дека е можно да се спроведе, но оти тоа е многу скап процес. Н.М.