Екстремната топлина не само што нѐ прави пораздразливи и ни создава непријатности поради потењето туку може да ни ги отежне јасното размислување и продуктивноста на работа. Исто така го усложнува и менталното здравје, влошувајќи ги вообичаените нарушувања на расположението, како анксиозноста и депресиите, а ги нагласува и болестите од видот на шизофренија, а секако и пироманијата – засилувајќи ја со нагласување на последиците од неа
Од небрежност или за корист, од одмаздољубивост до пироманија, штетата и опасноста од пожарите се – колосални
Повеќе од еден месец Македонија се бори со големи шумски пожари. Центарот за управување со кризи објави една статистика дека во текот на јули годинава се регистрирани вкупно 765 пожари од пошироки размери. Според ЦУК, најголем дел од пожарите зафатил висока сува трева, стрништа, нискостеблеста деградирана шума и депонии. Вкупно 608 пожари се регистрирани на ваков терен, додека 157 биле шумски пожари, кои практично прават и најголема штета.
Борбата со пожарите е секојдневна со сите противпожарни капацитети во земјава и со голема помош од странство.
Сомнежи за „спонтаноста“ на појавата на палежите „само од високите температури“…
Додека професионалците и обучените доброволци се справуваат со огнената стихија, зачестеноста и бројноста на пожарите наметнуваат сомнежи за „спонтаноста“ на палежите само од високите температури.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, секојдневно информира за состојбата со справувањето со пожарите, а во една пригода и самиот изрази сомнеж за природата на причините што ги предизвикуваат пожарите. Ангелов смета дека тешко може да се објасни појавата на 40 нови пожари во еден ден.
– Станува збор за сезона на тешки пожари и, за жал, не се само на наша територија. Повеќе од 150 пожари има и на територија на Србија… Пожари има и во Грција и насекаде во регионот. Апелирам до сите граѓани да бидат екстремно внимателни. Тешко е објаснива појава на 40 нови пожари во еден ден. На дневна основа имаме појава на 35-40 стихии. Се сомневам дека добар дел се подметнати бидејќи не е нормално во еден ден да имаме 35-40 пожари. Или станува збор за тотална неодговорност на одредени поединци или за некаква намера – изјави Ангелов во видеообраќањето од пожарот над викенд-населбата Брезница на Козјак.
Високите температури влијаат на менталната рамнотежа и свест
Сомнежите за улогата на човечкиот фактор при поттикнување пожари отвораат дилеми за мотивите за потпалување – дали се свесни, несвесни, со одредена цел и намера, или предизвикани од друг психопатолошки фактор.
Од досегашните искуства, повеќето од нас научија дека екстремната топлина лошо влијае на нашето здравје, поради што срцето, белите дробови и другите органи мораат да работат многу повеќе. Меѓутоа, пречесто превидуваме една потивка, помалку очигледна штета што големата жештина ја нанесува на друг витален орган – мозокот.
Како што расте температурата, човечкиот мозок мора да работи повеќе и повеќе за да ги регулира процесите во нашето тело и да ја одржува во оптимална состојба нашата психофизичка рамнотежа. Екстремната топлина не само што нѐ прави пораздразливи и ни создава непријатности поради потењето туку може да ни ги отежне јасното размислување и продуктивноста на работа. Исто така, го влошува и менталното здравје, влошувајќи ги вообичаените нарушувања на расположението, како анксиозноста и депресиите, како и болестите од видот на шизофренија. Хипоталамус, дел од мозокот, го одржува нашето тело на природната внатрешна температура (кај најголем дел од луѓето тоа е околу 36,5 Целзиусови степени). Но човечкиот мозок нема многу енергија да се посвети на тоа, пишува „Блумберг“.
– Во неподносливо топол ден, една од првите работи што страдаат е повисоката когнитивна функција. Прво се отежнува концентрацијата и се нарушува работната меморија, односно способноста на луѓето да ги обработуваат и следат информациите во реално време – вели Ким Мајденбауер, социјална, когнитивна и еколошка невронаучничка на универзитетот „Вашингтон стејт“.