Изразување на граѓанската волја на скандинавски начин
- Гласањето помина без проблеми и тешкотии, изборите беа спроведени во согласност со Изборниот законик и на сите граѓани им беше овозможено правото на глас, информира претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко
- Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ водат во 19 општини. СДСМ води во четири, исто како и коалицијата Вреди (Влен), додека Националната алијанса за интеграција (НАИ) води во две општини, а Унијата на Роми има предност во Шуто Оризари, според првичните резултати објавени од Државната изборна комисија, по преброени 45,35 отсто од гласовите
Вкупно 1.013.375 гласачи, меѓу кои и 474.304 избирачи во Град Скопје, имаа можност да се изјаснат вчера во вториот круг од осмите локални избори од независноста, на гласањето за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје, на 1.771 избирачко место. Ден претходно правото на глас го остварија 3.327 болни и немоќни лица, 588 гласачи во казнено-поправните установи и 125 гласачи сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето помина без проблеми и тешкотии, изборите беа спроведени во согласност со Изборниот законик и на сите граѓани им беше овозможено правото на глас, информира претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко.
Од вкупно 97,6 проценти обработени избирачки места, одзивот до 18.30 часот вчера изнесуваше 45,71 проценти на ниво на цела држава, односно гласале вкупно 325.691 граѓанин од вкупно 1.013.357 запишани во избирачкиот список. За Град Скопје одзивот до 18.30 часот изнесуваше 33,82 проценти.
ДИК со неколку свои тимови овластени лица го набљудува ше непосредно броењето на резултатите и составувањето на записниците во повеќе избирачки места во различни општини.
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ води во 21 општина, Вреди во четири, СДСМ во три, НАИ и ЗНАМ во по една
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ водат во 21 општина, коалицијата Вреди (Влен) во четири, СДСМ во три, Националната алијанса за интеграција (НАИ) води во една општина, исто како и ЗНАМ. Унијата на Роми води во Шуто Оризари, додека еден независен кандидат води во Струга, според првичните резултати објавени од Државната изборна комисија, по преброени 69,17 отсто од гласовите.
ВМРО-ДПМНЕ води во Град Скопје, Аеродром, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Долнени, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Лозово, Македонски Брод, Неготино, Могила, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Чешиново-Облешево и Чучер Сандево.
Коалицијата Вреди води во Тетово, Боговиње, Брвеница и Дебар, додека, кандидатите на СДСМ имаат водство во Македонска Каменица, Зрновце и Центар.
Националната алијанса за интеграција води во Студеничани, а независниот кандидат Менди Ќура во Струга. Кандидатот на ЗНАМ води во Куманово, а на Унијата на Роми во Шуто Оризари.
Од обработени 59,93 проценти од гласовите за градоначалник на Град Скопје во вториот круг, според податоците објавени на веб-страницата на ДИК, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Орце Ѓорѓиевски има 53.171 глас или 62,65 проценти од вкупниот број гласови, наспроти кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кој има 27.294 гласа или 32,16 проценти од вкупниот број гласови.
Одзивот во вториот круг за градоначалник на Град Скопје изнесува 29,86 отсто. Од вкупно регистрирани 474.304 избирачи во избирачкиот список, гласале 84.872 граѓани.
Гласање во мирна, фер и демократска атмосфера
Локалните избори се одвиваа во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава, без регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, информира Министерството за внатрешни работи (МВР), при што беше наведено и дека биле забележани неколку пријави за агитирање при гласање. Јавното обвинителство информираше дека изборниот ден поминал без поголеми нарушувања на изборниот процес, а до нив вчера било доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање гласачко ливче.
Вториот круг се одржа онаму каде што ниту еден од кандидатите не освои 50 отсто плус еден глас од вкупниот број гласови, при што на гласачките ливчиња се наоѓаа двајца најдобропласирани кандидати од првиот круг.
На изборите учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури. Притоа имаше вкупно 309 кандидатури за 81 градоначалничко место, додека над 10.490 кандидати од вкупно 576 листи се бореа за место во советите.
Најмногу кандидати за градоначалник имаше за Град Скопје – 16. Во првиот круг беа избрани советници во 79 општини и Град Скопје, како и градоначалници во 44 општини, кои веќе ги добија решенијата и ги презедоа новите функции.
Вкупниот буџет од државата за одржување на овие локални избори изнесуваше девет милиони и 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Локални избори во Македонија се одржуваат на секои четири години, при што ова беа осми по ред од осамостојувањето на државата во 1991 година. П.Р.
Првични процени
ВМРО-ДПМНЕ со најголема изборна победа, СДСМ и ДУИ со најголем изборен пораз
Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ имаше речиси тројна предност пред Амар Мециновиќ од Левица на изборите за градоначалник на Скопје, според првичните резултати добиени од партискиот аналитички центар на ВМРО-ДПМНЕ. Врз основа на првичните податоци што ги објави ВМРО-ДПМНЕ, нивните кандидати водат во повеќе општини во вториот круг од локалните избори, вклучувајќи ја и трката за градоначалник на Град Скопје.
– Со гордост можеме да кажеме дека Македонија уште еднаш покажа зрелост, достоинство и демократска свест. Денеска нашата држава помина низ мирни, фер и демократски избори, кои се гордост за секој наш граѓанин – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференцијата по завршувањето на гласањето, нагласувајќи дека очекува одличен изборен резултат и голема победа на ВМРО-ДПМНЕ. П.Р.

Мицкоски: Ова е заедничка победа на народот и нашата татковина
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прогласи победа во поголемиот дел општини по вториот круг од локалните избори.
– Голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Благодарам, мој народе. Ова е заедничка победа, на вербата, надежта, копнежот за иднина. Ова е победа на напатениот народ, неговите соништа за кои се бориме, неговите надежи и нашата заедничка татковина – истакна Мицкоски на прес-конференција во седиштето на партијата.
Дванаесет вонредни чартер-лета слетале во Охрид и во Скопје за вториот изборен круг
Значително зголемен авиосообраќај, со вкупно 12 вонредни чартер-лета, беше забележан на аеродромите во Охрид и во Скопје во текот на изминатиот викенд, за време на вториот круг од локалните избори.
Пристигнатите патници, судејќи според видеата споделени на социјалните мрежи, во голема мера биле иселеници по потекло од Струга и Кичево, две од општините во кои се гласаше во вториот круг.
Притоа најголема фреквенција имало на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, каде што во саботата слетале шест авиони, покрај редовните линии. Два од нив биле од типот „ербас А320“ со по 180 седишта од Базел, Швајцарија, а четири авиони „ембраер 190“ со капацитет од 110 до 134 седишта пристигнале од швајцарски Цирих.
Вчераутро во Охрид биле реализирани уште два чартер-лета – по еден од Цирих и од главниот град на Словачка, Братислава.
На Меѓународниот аеродром во Скопје, пак, во саботата слетале чартери од Цирих, Базел и од германски Дортмунд, додека вчера бил реализиран и лет од германски Диселдорф. Капацитетот на авионите пристигнати во главниот град се движел меѓу 110 и 180 седишта. П.Р.
Три жени се натпреваруваа за градоначалничка функција
Три жени во трка за градоначалничка функција учествуваа во вториот круг од локалните избори. Станува збор за Соња Стаменкова во општината Македонска Каменица, поддржана од коалицијата Локални избори 2025 – СДСМ, и кандидатките на коалицијата Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ Марија Нацева во општината Неготино и Наталија Димитриева во Демир Капија. Во првиот круг на локалните избори беше избрана една за градоначалничка – Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која ќе ја води општината Кисела Вода.
Од вкупно 44 избрани градоначалници во првиот круг, тоа претставува 2,2 проценти родова застапеност. На овие избори се натпреваруваа вкупно 309 кандидати за градоначалници, од кои 32 беа жени, што е 10, 35 проценти од вкупниот број.
Најмногу кандидатки – три – имаше во Прилеп, додека по две се натпреваруваа во Битола, Велес, Карпош, Кисела Вода, Неготино и во Центар. Во 16 општини и Град Скопје имаше само по една кандидатка. П.Р.
Вкупно 1.598 акредитирани набљудувачи го следеа вториот изборен круг
Вкупно 1.598 акредитирани набљудувачи, од кои 933 домашни, 651 меѓународен и 14 странски новинари, го следеа вториот круг од локалните избори, според информациите од Државната изборна комисија. Најмногу домашни набљудувачи имаше Здружението за развој на општествено-социјални иновации ВАКЕ УП – Скопје – 685, додека меѓу странските набљудувачи најмногубројни беа од ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права – 500, а потоа следуваа Амбасадата на САД во Скопје со 30, Советот на Европа со 24 и Европскиот парламент со 18 набљудувачи. Изборите ги следеа и 14 странски новинари – шестмина од ТВ Клан Косово, по двајца од ТВ1 Косово и РТ Косово и по еден од ТОП Канал Албанија и Европска прес-агенција.
Одземени акредитациите на осум домашни набљудувачи поради агитирање
Државната изборна комисија вчера донесе одлука и за одземање на акредитациите на осум домашни набљудувачи во општината Шуто Оризари по добиена пријава за злоупотреба на беџовите за домашни набљудувачи, односно за агитирање во училиште пред гласачки места.
ДИК го известила МВР за овие случувања, исто како и Општинската изборна комисија во Шуто Оризари и избирачките одбори, за тие да не им дозволуваат влез на овие лица во избирачките места и во објектите на гласање, откако тие веќе не смееле да се повикуваат на акредитациите и беџовите што претходно им биле дадени од ДИК.
Изјави на државниот врв за вториот круг од локалните избори
Претседателката Силјановска-Давкова очекува итно фрлање на работа
Имавме европски избори
Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, ги оцени локалните избори како европски, со очекувања за мирни избори и гласање на граѓаните по сопствено уверување.
„Имавме европски избори“, напиша претседателката на социјалните мрежи откако го оствари своето избирачко право, додавајќи дека очекува „итно фрлање на работа“ по завршувањето на изборите.
Премиерот Мицкоски најавува продолжение на процесот на реформи и развој
Гласот е моќен инструмент, секој има еднаква чест и одговорност
Премиерот Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи на изборниот ден ги повика граѓаните на масовен и достоинствен одзив. Тој нагласи дека ова е ден кога народот зборува, кога секој граѓанин има „еднаква тежина, еднаква чест и еднаква одговорност“.
– Денеска го исполнивме нашето демократско право – правото на глас, обврската што секој граѓанин ја носи со себе како дел од оваа татковина. Гласот е тивок, но моќен инструмент, и токму затоа ве повикувам сите искрено и масовно да излезете, да застанете зад она во што верувате и да го направите вистинскиот избор – порача Мицкоски.
Премиерот наведе оти смета дека овие локални избори ќе бидат продолжение на процесот на реформи и на развој на Македонија, кој, како што кажа, веќе е започнат и ќе следува во наредните години.
Претседателот на Собранието, Гаши, ја истакна можноста за изразување волја во корист на општините и градовите
Гласот е најважниот инструмент преку кој граѓаните го определуваат правецот на развојот
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во објава на социјалната мрежа Фејсбук посочи дека гласот е најважниот инструмент преку кој граѓаните го определуваат правецот на развојот и нивното претставување.
– Ги охрабрувам сите граѓани да ја искористат оваа можност за да ја изразат својата волја во корист на нашите општини и градови – кажа Гаши, кој го оствари правото на глас. П.Р.



































