Фото: „Нова Македонија“

Од ситни земјоделци до крупни обработувачи на земја – помали трошоци, полесно за работа

Кои и какви се придобивките за самите земјоделци од консолидацијата или окрупнувањето на земјоделското земјиште и дали тоа ќе помогне во зголемување на интересот меѓу помладите генерации да се ориентираат кон земјоделство.
– Структурните проблеми во македонското земјоделство, како што се прекумерната расцепканост на обработливото земјиште, малата површина на земјоделските стопанства и недоволно развиената земјоделска инфраструктура, негативно влијаат на продуктивноста и ја ограничуваат конкурентноста на земјоделскиот сектор. Модернизацијата на земјоделството, примена на напредни технологии и механизација, како и постигнување економии од обем, е значително отежната – вели наш соговорник, овластен раководител на Секторот за консолидација на земјоделско земјиште размена и идентификација на земјишни парцели при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Нашиот соговорник во изјавата за „Нова Македонија“ објаснува дека производството на расцепкани, мали парцели носи високи трошоци и низок принос, што го намалува профитабилниот потенцијал на земјоделските стопанства.
– Оттука, за многу земјоделци е тешко да обезбедат одржливо производство, што доведува до напуштање на земјоделското земјиште, иселување на младите од руралните области и слабо искористување на земјоделскиот потенцијал – укажува нашиот соговорник.

Консолидацијата како решение

Консолидација на земјоделското земјиште треба да се инсистира да биде долгорочна државна политика за подобрување на неповолната структура на земјоделското земјиште преку окрупнување на раситнетите парцели, која веќе успешно се спроведува на повеќе локации во државата.
– Процесот, кој се спроведува на доброволна основа, им овозможува на земјоделците да добијат структурно подобрени и покомпактни парцели, со подобрен пристап до инфраструктурата, како што се пристапни патишта и системи за наводнување и одводнување – објаснува нашиот соговорник.
Тој наедно потенцира дека има повеќе конкретни придобивки за земјоделците. Прво, окрупнувањето на нивите овозможува полесна и поефикасна обработка на земјиштето, што значително ги намалува трошоците за транспорт, механизација и работна сила. Со тоа се подобрува продуктивноста на фармите и се создаваат услови за зголемен принос по хектар.
Второ, поголемите парцели со правилна форма значат поефикасно искористување на земјоделската механизација, со што се овозможуваат оптимизирано производство и зголемена економска исплатливост.
Трето, консолидацијата често е проследена со подобрување на земјоделската инфраструктура, како што се пристапни патишта, системи за наводнување и одводнување, што е клучен фактор за зголемување на квалитетот на земјоделското производство.
– Исто така, од инвестициите во процесот на консолидација поттикнуваат и приватни инвестиции од земјоделците. Окрупнетото земјиште заедно со подобрената земјоделска инфраструктура создава поволни услови за инвестиции во агробизнисот, набавка на современа механизација и примена на нови технологии во земјоделското производство – вели раководителот на сектор при Министерството за земјоделство.
Нашиот соговорник потенцира дека во согласност со европските искуства, консолидацијата на земјоделското земјиште преку подобрување на неефикасните структури на земјоделските стопанства може да придонесе за зајакнување на локалното производство на храна, решавање на проблемот со напуштање на обработливото земјиште на овој начин позитивно да влијае на обезбеденоста со храна во земјата. Покрај тоа, инструментот има потенцијал значително да придонесе за поширок рурален развој, заштита на животната средина и обновување на природата.
– Консолидацијата на земјоделското земјиште започна во 2012 година, со усвојување на првата стратегија за консолидација и развој на Националната програма за консолидација. Од 2017 до 2022 година, со поддршка од ЕУ и ФАО, Министерството за земјоделство успешно ја операционализира програмата и спроведе прв круг проекти за окрупнување на земјиштето, постигнувајќи значајни резултати. Надоврзувајќи се на овој успех, во 2022 година започна проектот „Унапредување на консолидацијата на земјиштето“, финансиран од ЕУ, кофинансиран и имплементиран од ФАО – укажува нашиот извор во министерството.
Тој додава дека проектот се фокусира на подобрување на политиките и законската рамка за консолидација и финализирање на консолидациските постапки во селата Дабјани и Чифлик, паралелно со подобрување на земјоделска инфраструктура.

Како планира Министерството во иднина да ја поттикне консолидацијата

Земјоделството е клучен приоритет во економската политика на Владата, а консолидацијата на земјиштето е препознаена како стратегиски инструмент за постигнување одржливо и конкурентно земјоделско производство, поттикнување економски и локален развој во руралните средини и подобро искористување на земјишните ресурси, укажува нашиот соговорник.
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е цврсто посветено на тоа консолидацијата на земјоделското земјиште да стане одржлива, долгорочна политика, од која ќе имаат корист сите подрачја погодени од расцепканоста на земјиштето. Следејќи ги сѐ поголемиот интерес на земјоделците, реалните потреби на терен и изразеното задоволство од веќе спроведените консолидациски постапки, ќе продолжиме со унапредување и проширување на Националната програма за консолидација на земјиштето – појаснуваат од министерството.
Притоа се додава дека досегашната имплементација на консолидацијата обезбеди вредни искуства за понатамошно унапредување на овој инструмент. Заедно со други механизми за управување со земјиштето, како што се активното користење на земјоделското земјиште во државна сопственост, олеснувањето на закупот и искористување на напуштеното обработливо земјиште, консолидацијата ќе остане важен дел од интегрираната политика за рурален развој.
Наедно се истакнува дека во наредниот период Министерството ќе работи на проширување на опсегот на консолидацијата, надминувајќи ги традиционалните цели поврзани со земјоделскиот и руралниот развој.
– Во новата Национална стратегија за консолидација на земјоделското земјиште за периодот 2025-2035 година, која е во фаза на разгледување и усвојување од Владата, предвидено е консолидацијата да стане целосно оперативен повеќенаменски инструмент за управување со земјиштето. Тоа ќе овозможи нејзина поефикасна примена како алатка за развој на инфраструктура од јавен интерес, зголемување на отпорноста на земјоделското производство на климатските промени и подобрување на заштитата на животната средина – нагласува нашиот соговорник.

Ќе придонесе ли консолидацијата за подобри резултати во земјоделскиот сектор?

Консолидацијата на земјоделското земјиште има потенцијал да донесе значителни придобивки за земјоделците и целокупниот аграрно-прехранбен сектор во Македонија. Со поедноставена обработка, намалени трошоци и зголемена продуктивност, земјоделците добиваат можност за поефикасно користење на механизацијата, оптимално управување со водните ресурси и примена на напредни агротехнички методи, велат од Министерството за земјоделство.
– Поголемите, покомпактни парцели создаваат подобри услови за инвестиции и иновации, овозможувајќи земјоделците да го модернизираат своето производство и полесно да пристапат до пазари, финансиски поддршки и нови технологии. Со тоа, консолидацијата ја зголемува конкурентноста на македонското земјоделство и обезбедува подобри економски можности за руралните заедници – додаваат од таму.
Дополнително, раководителот на секторот укажува дека државната поддршка и фондовите од Европската Унија обезбедуваат значајна финансиска поддршка за земјоделците вклучени во процесот. Тој дополнува дека инвестициите во земјоделска инфраструктура, како што се пристапни патишта, системи за наводнување и одводнување, имаат клучна улога во долгорочниот успех на консолидацијата.
– Освен економските придобивки, консолидацијата придонесува и кон заштита на природните ресурси, намалување на напуштеното обработливо земјиште и подобрување на управувањето со почвата и со водата. Со целосно имплементиран и поддржан процес, консолидацијата ќе ја направи македонската земјоделска индустрија поефикасна, поконкурентна и поодржлива, обезбедувајќи стабилност и перспективи за земјоделците и идните генерации – нагласува нашиот соговорник. Е.Р.


Наместо мали парцели, сега се обработуваат тројно зголеми парцели

Во Македонија фазата на распределба на земјиштето во постапките за консолидацијата во текот на 2014-2024 година започна во единаесет подрачја и досега резултира со успешна подготовка и усвојување на плановите за распределба од страна на сопствениците на земјиштето во осум подрачја – Конче (општина Конче), Егри, Дабјани, Трн, Логоварди, Оптичари (општина Битола), Кожле (општина Петровец) и Чифлик (општина Чешиново-Облешево).
– Во рамките на проектите се применети двата пристапа за консолидација – со промена на границите и без промена на границите, при што беа вклучени над 2.550 сопственици на земјиште и повеќе од 3.000 хектари.
Со усвојувањето на плановите за распределба по принципот на консолидација со промена на границите, вкупниот број на парцели е намален од 5.585 на 2.108, а просечната големина на парцелите се зголеми од 0,52 ха на 1,86 ха, што е повеќе од тројно зголемување во однос на првичната состојба – нагласува нашиот соговорник.
Зголемувањето на големината на земјишните парцели варира во различни консолидациски подрачја. Во Егри, на пример, просечната големина на парцелите е зголемена за 3,36 пати – од 0,38 ха на 1,30 ха.
Во Дабјани е забележано најзначително окрупнување, каде што просечната големина на парцелите е зголемена од 1,23 ха на 5,84 ха, што претставува зголемување за 4,83 пати. Kонсолидацијата во Дабјани е исто така значајна бидејќи резултираше со враќање на околу 200 ха обработливо земјоделско земјиште, кое било неискористено со децении, назад во процесот на земјоделско производство и дава одличен пример за тоа како консолидацијата може да придонесе кон справување со напуштеното обработливо земјиште.
Во консолидациските подрачја Трн, Логоварди и Оптичари, просечната големина на парцелите е зголемена од 2,2 до 3,2 пати, додека во Чифлик, според последниот усвоен план за распределба во 2024 година, парцелите се зголемени за 2,74 пати.
Во меѓународна споредба, резултатите од процесот на окрупнување на парцелите во Македонија се оценуваат како многу задоволителни.


Мерки за поддршка на консолидацијата

Во насока на долгорочна одржливост на консолидацијата, Министерството обезбеди финансирање од буџетски средства преку Програмата за рурален развој. Преку мерката 124 од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој, се предвидуваат средства за:
– Изградба и рехабилитација на земјоделска инфраструктура (пристапни патишта, системи за наводнување и одводнување) во консолидациските подрачја Логоварди, Оптичари и Трн.
– Идентификација на дополнителни рурални подрачја каде што има потреба и интерес за нови консолидациски постапки.
– Дополнително унапредување на правната рамка и институционалниот капацитет за успешно спроведување на консолидацијата на земјиштето.


Помали трошоци и помалку време – придобивки од окрупнувањето

Повеќето земјоделци што учествуваа во консолидацијата го оценуваат процесот како позитивен, посочува нашата соговорничка и додава дека во битолското село Егри, како прва целосно завршена консолидација, земјоделците веќе ги чувствуваат придобивките од окрупнувањето на земјиштето и подобрената инфраструктура.
Славе Стефановски од Егри, чија фамилија се занимава со земјоделство со генерации, вели дека пред консолидацијата, нивните 27 парцели биле расфрлани низ целото поле, што предизвикувало тешкотии во обработката и значителни загуби на време и ресурси. Преку ЕУ-проектот МЕИНЛЕНД, тие го окрупнија земјиштето на шест парцели со правилна форма и со просечна големина од 2,2 хектари (наспроти 0,4 хектари пред консолидацијата).
– Со окрупнувањето на парцелите и подобрената инфраструктура, трошоците за обработка ни се намалени за 20-25 проценти, а обработката на земјиштето сега бара многу помалку време и ресурси. Сега можеме да користиме современи земјоделски практики и подобрено наводнување – вели Славе.
Во Дабјани, Радица Груевска и Мартин Савевски наследиле 280 хектари земјиште, кое претходно било расцепкано на 139 парцели, секоја со просечна големина од околу еден хектар, што значително ја отежнувало обработката на земјиштето. Со консолидацијата, нивното земјиште е окрупнето во 24 парцели со просечна големина од шест хектари, а со новите пристапни патишта, нивната продуктивност и пристапот до ресурсите значително се подобруваат. Според нив, сега имаат мотив да продолжат со семејната земјоделска традиција.


Инвестиции во земјоделска инфраструктура

Консолидацијата на земјиштето во Егри и Дабјани беше проследена со изградба на нова и реконструкција на постојната земјоделска инфраструктура, вклучувајќи пристапни патишта и системи за наводнување и одводнување, со финансиска поддршка од Европската Унија.
– Во Чифлик, по усвојувањето на планот за распределба во 2024 година, следниот чекор е регистрација на новите парцели во Катастарот на недвижности, надградба на постојни и изградба на нови пристапни патишта, како и зајакнување на мрежата за наводнување и на одводните канали во селото, исто така со финансиска поддршка од Европската Унија. Изградба на земјоделска инфраструктура (пристапни патишта и одводни канали) е планирана во Трн во 2025 година, како и во Логоварди и Оптичари во 2026 и 2027 година, со буџетски средства преку Програмата на МЗШВ за финансиска поддршка за рурален развој – укажува нашиот соговорник.