Ќе удри утринската зора и за нас… Гоце Делчев
Кога зборуваме или пишуваме за нашиот горостас Гоце Делчев, треба да сме свесни дека тој во усните преданија и пишаните записи е нарекуван: срцето, душата, чистотата на идеалот, смелоста во решенијата, бујноста на револуционерниот занес и богатството на идеи за Македонија и Македонците. И веднаш треба да се истакне дека со своето револуционерно дело, општествена дејност и мироглед тој си обезбеди челно место во пантеонот на паднатите херои за слободата на својата татковина Македонија. Токму затоа Делчев е еден од ретките, исклучителни луѓе од историјата на Македонија, кои се нашето најголемо достоинство. Прв на таа листа е најголемата македонска гордост – Гоце Делчев. Идеолог, визионер, стратег, организатор, предводник. Вистински лидер на македонското револуционерно националноослободително движење во Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Факелоносец на слободарски идеали, автор на визионерски пораки, организатор на националноослободителното движење, револуционер и борец за национална и социјална слобода на македонскиот народ. Вистински прв апостол на македонската револуција.
Гоце Делчев во македонското националноослободително и револуционерно дело е целосно вклучен, со сето свое срце, со својот неуморен елан, со неисцрпната енергија и со ослободителната иницијатива и борба. Неговата појава на македонската историска сцена, во современата историја на македонскиот народ и на Македонија, воопшто не беше случајна. Појавата на Делчев и реализирањето на неговото револуционерно дело се поврзани со развојот на македонското националноослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Тој и неговите соработници и соборци дадоа својствен и прогресивен печат на ова македонско револуционерно дело и движење. Истото тоа го раздвижи, го разви и му влеа современ револуционерен дух на времето и го насочи кон конечната победа и посакуваната слобода. Уште за време на животот, преку своето грандиозно дело, како смел борец за национални и социјални права, стана револуционерна совест на Македонија. Неговиот животопис беше најтесно поврзан со животот на македонскиот народ, кој национално и социјално потиснат, ги бараше патиштата и насоките за ослободување од вековното османлиско ропство и за оттргнување од духовното ропство, најпрвин од Цариградската патријаршија и грчките фанариоти, а подоцна и од канџите на Егзархијата, бугарскиот врховизам и српската антимакедонска пропаганда.
Во македонската црвена револуционерна нишка на преден план беа Гоцевата револуционерна филозофија и неговото патриотско дело. Затоа тој беше рожба на својата епоха, и како идеолог и како борец беше творец на концепцијата на македонската револуција. Преку своите револуционерни идеи, преку неуморната организациска работа на теренот, Гоце стекна голема доверба кај народот и неоспорен авторитет кај соработниците. Неговото име стана знаме и симбол во борбата за слобода и посакуваната победа на револуционерната борба. Израсна во вистински народен трибун, предводник во борбата за македонска самостојност и самобитност. Неговото дело и саможртвата што ја даде го направија знаменосец и челник во борбата за национално и социјално ослободување на македонскиот народ и најзнаменита личност на македонската историја.
И денес, 153 година од раѓањето и 122 години од загинувањето на Делчев, македонскиот народ негува посебен пиетет кон Гоце Делчев, великанот на македонската револуција. Неговото активно учество на македонската историска сцена во периодот од последната декада на 19 век и првите три години од 20 век ја воздигна МРО и ја облагороди македонската револуција. Тој како народен трибун со својата мисла, збор и дело покажа бестрашност, при што пројави дух на самопрегорност, пожртвуваност, дух со кој ги освојуваше гледачите и слушателите, правејќи од нив верни следбеници и лојални борци на организацијата и делото. Оттаму, евидентно, произлегуваше и неговата харизма на трибун следен од народот.
Несомнено, Гоцевите идеали се вткаени во историската свест на македонскиот народ. За тоа сведочат двата Илиндена – Илинден 1903-та и Илинден 1944-та, како и во референдумот во 1991-та. Треба да сме горди што неговото дело го надживеа времето на двата Илиндена и прерасна во непроценливо историско наследство на македонскиот народ.
Сотир Костов
Во народното сеќавање останува само оној што народот го сака – Фјодор Достоевски
Гоце Делчев – апостол на револуцијата, трибун на народот
Со што го заслужи овој статус Гоце Делчев и како израсна во таков авторитет?
Како прво, тој беше идеологот и стратегот на ВМРО. Понатаму, се покажа како вистински визионер, кој го виде светот како најшироко поле за културен натпревар на народите. За него, за неговиот животен пат и за неговото револуционерно дело најдобро зборуваат мислите што тој ги изрече во комуникацијата со македонскиот народ, неговите заложби за ослободување на Македонија, како и неговата организациска работа на теренот низ цела Македонија. И секако, тој беше голем борец за македонската кауза, кој во својата револуционерна дејност јасно ја определуваше суштината на македонското националноослободително дело. Во тој контекст Гоце Делчев изјавуваше: „Македонското дело, тоа е опширно дело на најголеми потреби“. Во таа смисла тој е сигурен, категоричен и енергичен во својот став, поставувајќи круцијални прашања: „Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“ (Гоце на Даме Груев, 1894 година).
Нему не му беше тешко да го насочи делото за национално и социјално ослободување на македонскиот народ. За таа цел тој ја поттикнуваше системската агитација за револуција, трпеливо подготвувајќи ги народните маси за таа висока цел. На тој план се покажа како ненадминат агитатор и неуморен народен организатор. Вистински факелоносец на делото, симбол на организацијата и икона на револуцијата. Инаку, неговата концепција за македонската револуција беше кристално јасна: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лажи себеси и другите“ (Гоце до Каранов. 1895 година). Со оваа мисла тој на преден план го става фактот дека успехот на ослободителното дело зависи пред сѐ од неговото основно јадро – народната маса, која е движечка сила на историјата и на револуцијата. Затоа и инсистира: „Треба тој народ да се разбуди од тој петвековен сон, кој го направи Македонецот доста дебел во свеста на човечки правдини“. Со овој концепт тој ја изразуваше идејата за револуционерно организирање на онеправданите народни маси. На тој фундамент ја даваше надградбата изразена како „Македонија има свои интереси и своја политика. Таа им припаѓа на сите Македонци. Кој копнее, кој работи да ја присоедини кон Бугарија или Грција, тој може да се мисли за добар Бугарин или Грк, но не и добар Македонец“. Ваквата своја категоричност тој ја вгради и во Уставот на ТМОРО, кој го изработија во 1896 година заедно со Ѓорче Петров.
На преден план секогаш му беа Македонија и напатениот народ во неа, па се трудеше на секој начин да ги заштити од нечесни политики и злонамерни пропаганди. Во таа насока најчесто, во разговорите и преписките со Даме Груев, изјавуваше: „Ние не можеме да правиме политика, ниту да им дозволиме на други да прават политика со Македонија… Кога да се прави востание, ќе реши народот… Крвта на народот е скапа и не сакаме да ослободуваме трупови, туку жив народ“. Беше врвен организатор на револуционерната организација и извонреден мобилизатор на широките народни маси. Членовите на организацијата ги поучуваше дека „моралната револуција – револуцијата во умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголемата задача“ (Гоце пред членовите на организацијата, 1901 година). На соработниците им порачуваше: „Со молчење и бездејност од никаде ништо не излегува“ (Гоце до И.М. Белешков, 1902 година), а македонското население го мотивираше прашувајќи го: „До кога ќе го трпиме ова срамно ропство?“ (Гоце пред штипјани, 1896 година), или повикувајќи го во борба за слобода: „За да се здобиеме со слобода – треба да се бориме! Штом вие ќе го чуете гласот за востание, нема друго што да правите, освен да ги грабнете пушките и да се соедините со четите“ (од агитација пред населението во Македонија, 1903 година).
Инаку, Делчев воодушевуваше и кога зборуваше за својата идеолошка определба, велејќи дека по душа е анархист, по убедување социјалдемократ, а по дела револуционер. Сам си го исцрта идеолошкиот и револуционерен лик. Но величината на неговата идеолошка платформа излегуваше од тесните рамки на обично национално и револуционерно дело. Тој беше голем слободољубив патриот, светски космополит и интернационалист. Тоа го покажа со неговата епохална изјава за неговото разбирање на светот како поле на културно натпреварување на народите. Во овој став е содржана и неговата визија за светот на слободни народи, проткаена со блескотен длабок хуманизам и возвишеност. Сето тоа го потврди и кога даваше изјава за дописниците на странските весници изјавувајќи: „Јас сакам револуција, со граѓани кадарни да ги поднесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што поради жестоките политички услови ќе биде нашата“ и „не слушајте ни ги зборовите, туку гледајте ни ги делата“ (Гоце на дописникот на „Тајмс“).
Моќни, поттикнувачки и мобилизаторски се и следните негови мисли: „Јас сакам револуција, со граѓани кадарни да ги поднесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што поради жестоките политички услови ќе биде нашата“; „Семожни изроди те јадат и ти создаваат пречки“ (Гоце до Н. Зографов, 1897 година); „Кој знае дали има народ што трпел толку многу од своите синови изроди, како македонскиот…“; „Кураж и силна вера во себеси – тоа е силата што ги дава сите успеси“; „Ако за луѓето времето е злато, за нас е бесценето“ (Писма до Н. Малешевски, од 1897 до 1900 година).
Сите овие непобитни факти ни ја потврдуваат виталноста на севкупното дело на Гоце Делчев, кое пак ни го покажува евидентниот континуитет на револуционерните пулсации на македонскиот народ. Неговото дело е кристално чисто, неодминливо дело, целосно посветено на напатениот македонски народ и на општочовечкиот „културен натпревар на народите“. С.К.