Фото: Маја Јаневска-Илиева

Магазинот „Политико“ истражува дали Бугарија намерно ги намалила/фингирала клучните државно контролирани цени за да ги намали бројките на
инфлација и на тој начин да си „помогне“ да се квалификува за членство во еврозоната

Бриселски „Политико“ истражува дали Бугарија ја манипулирала ЕУ за да влезе во еврозоната

Откако Бугарија своевремено не успеа кај своите европски партнери да ја наметне приказната за наводното бугарско потекло на сите македонски историски личности и на тој начин да ја присвои македонската историја, го промени пристапот и почна да говори за човекови права за да најде алиби за да ја блокира Македонија на патот кон Европската Унија.
Тоа лично го призна бугарскиот претседател Румен Радев, кој на една средба во Софија и самиот кажа дека Европејците не разбирале историја и кои се Гоце Делчев, Даме Груев и другите, но кога станувало збор за човекови права, тогаш разбирале.
Ова јасно ја потврдува смислената манипулација што ја направи Бугарија кон ЕУ, а бриселски „Политико“ деновиве пишува за уште една потенцијална манипулација направена од бугарска страна за да влезе земјата во еврозоната.
Имено, магазинот истражува дали Бугарија намерно ги намалила клучните државно контролирани цени за да ги намали бројките на инфлација и на тој начин да помогне да се квалификува за членство во еврозоната.
Во април земјата објави (доста прикриено) многу неочекувано намалување од 82,8 отсто на дневните трошоци за болничко лекување. Дури и презентерите на државната телевизија признаа дека причините зад тој потег се мистерија.
Софија сега е на добар пат да добие зелено светло следниот месец за усвојување на европската единствена валута од 1 јануари 2026 година, но го помина тестот за инфлација само на прв поглед – а намалените трошоци за здравство одиграа клучна улога во тоа.
Овие намалени трошоци за здравствена заштита го насочија вниманието кон контролата на Бугарија врз цените утврдени на државно ниво и како тие влијаат врз индексите на потрошувачки цени.
– Единствената причина зошто Бугарија се квалификува, ако ги погледнете податоците за инфлацијата, е поради цените што ги администрира државата. Добро е познато дека статистичките податоци беа приспособени за да покажат резултати поповолни од реалноста – особено во сектори како што се поштенските услуги, транспортот и здравствената заштита – изјави за „Политико“ поранешен бугарски владин функционер запознаен со податоците.
Стив Ханке, професор по применета економија на универзитетот „Џонс Хопкинс“ и економист што го дизајнираше валутниот одбор на Бугарија кон крајот на 1990-тите, рече дека податоците кренале црвени знамиња.
– Мислам дека постои голема веројатност дека (податоците за инфлацијата) се манипулирани. Со оглед на моето искуство како советник на претседателот на Бугарија (1997–2002) и моите набљудувања за махинациите околу апликацијата на Бугарија за формално влегување во еврозоната, не би им верувал на податоците за инфлацијата што се изнесени докрај – изјави Ханке за „Политико“ во коментари испратени по е-пошта.
Ако Бугарија се обидува да ја манипулира ЕУ за да влезе во еврозоната, тогаш повеќе од јасно е зошто се сите сегашни опструкции и манипулации што ги прави источниот сосед кон евроинтегративниот пат за земјава. Преку манипулации официјална Софија креира малцинства и во соседните држави на Македонија, а со манипулации сака да спречи и изгласување на извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент. Клучното прашање е до кога ЕУ ќе им верува на ваквите манипулативни бугарски политики. С.Т.