И покрај обидите за релативизирање на нештата, повеќе релевантни меѓународни институции и организации потврдија дека Бугарија преку нерегистрирањето на македонските организации на најдиректен начин ги прекршува малцинските и човековите права на македонскиот народ, што е спротивно од меѓународното право
Сценариото од Софија
Во услови кога официјална Софија се наоѓа под притисок да дозволи регистрација на македонските здруженија и организации во Бугарија, некој се обидува да ја оттргне одговорноста од бугарските власти и да ја префрли топката кај припадниците на Македонците во Бугарија, иако за тоа нема основа. Тоа се забележува и преку ширењето лажен наратив во медиумите, дека нема 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на припадниците на македонскиот народ во Бугарија против бугарската држава туку дека, всушност, има шест, како и дека бугарските судови во последно време почнале да покажуваат добар однос за регистрација на македонски здруженија и организации. Меѓутоа, обидите за релативизирање за проблемот со регистрацијата на македонските здруженија од страна на бугарските судови се поврзани со притисокот што доаѓа од Комитетот на министрите на Советот на Европа врз Софија за исполнување на пресудите од Стразбур.
Зошто токму во овој момент се релативизираат нештата?
Во ситуација кога постојано се негираат македонските национални особености – историја, јазик, култура итн., како и перманентни активности за асимилација на припадниците на македонскиот народ во соседните земји, како што се Албанија и Косово, од страна на официјална Софија преку нејзините државни институции или бугарските приватни фондации, во македонскиот медиумски простор се појавија информации што се во насока на релативизирање на нештата, но и заблуда на македонските граѓани. Беа изнесени тврдења дека вината за нерегистрирањето на македонските здруженија и организации во Бугарија се наоѓа во самите здруженија, а не во бугарските институции. Во понатамошниот наратив македонските граѓани можеа да слушнат дека вината за нерегистрирање е кај ОМО Илинден, бидејќи оваа организација станала членка на лига на сепаратистички движења во Европа, поради што бугарскиот суд се колебал да ја регистрира.
Според нашите соговорници, кои се добро запознаени со оваа проблематика, обидите за релативизирање за проблемот со регистрацијата на македонските здруженија од страна на бугарските судови се поврзани со притисокот што доаѓа од Комитетот на министрите на Советот на Европа врз Софија за исполнување на пресудите од Стразбур. Во заклучокот на Комитетот на министрите на Советот на Европа за ова прашање беше нагласено дека доколку нема опиплив напредок или распоред за усвојување убедливи дополнителни мерки, тогаш Комитетот ќе треба да размисли за преземање понатамошни дејства, вклучувајќи – како последно средство, во најсериозните и исклучителни случаи – почнување на постапката според членот 46 став 4 од Европската конвенција за човекови права поради одбивање да се преземат наложените соодветни мерки во дефинираната временска рамка. Оваа одредба од конвенцијата го овластува Комитетот на министрите во случаи кога одредена држава „одбива да се придржува до конечната пресуда за случајот во кој е странка“, врз основа на одлука донесена со мнозинство гласови од две третини од претставниците на државите во Комитетот, „да упати до судот прашање дали таа држава не ја исполнила својата обврска од став 1“, поточно да ги почитува и изврши конечните пресуди на судот во Стразбур.
Која е фактичката состојба
Повеќе релевантни меѓународни институции и организации потврдија дека Бугарија преку нерегистрирањето на македонските организации на најдиректен начин ги прекршува малцинските и човековите права на македонскиот народ, нешто што е спротивно од меѓународното право за малцински и човекови права.
Потврда за ова е и извештајот на Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, во кој беше побарано од Бугарија да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на човековите права на припадниците на малцинските етнички заедници, вклучувајќи ја и македонската етничка заедница, како и да ги имплементира релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права што се однесуваат на правото на слобода на изразување и на здружување.
– Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучувајќи и за Македонците и за Помаците. Сепак, Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување. Комитетот изразува жалење за постојаните пречки и отежнувачките услови за регистрација на граѓански организации и пријавеното одбивање на регистрација на македонските здруженија од страна на Агенцијата за регистрација и од судовите, врз основа на нивното македонско самоопределување – беше наведено во извештајот на Комитетот за елиминација на расна дискриминација.
Судот за човекови права во Стразбур повеќепати донесе решенија во полза на македонските друштва против Република Бугарија, во кои судот пресуди дека нема основа да се одбива регистрирањето на македонските здруженија и организации. Бугарските судови со децении одбиваат да ги регистрираат со образложение дека нивните документи се во спротивност со бугарскиот устав, како и поради наводни намери за сепаратизам и опасност за бугарскиот територијален интегритет. И покрај многубројните укажува и пресуди, бугарските институции и понатаму не дозволуваат регистрација на здруженијата на припадниците на македонскиот народ.
OMO Илинден-Пирин: Бугарските тврдења се дезинформации
По обидите за релативизирање на нештата во македонскиот медиумски простор, со свој став излегоа и македонските здруженија и организации од Република Бугарија. Според ОМО Илинден-Пирин, станува збор за манипулации и дезинформации, а наративот дека ОМО Илинден-Пирин не може да се регистрира поради сепаратизам е лага.
– Бугарскиот суд во последно време нема покажано ни најмалку добра волја спрема ОМО Илинден или ОМО Илинден-Пирин, тоа е чиста лага. Последниот и единствен пат кога бугарскиот суд пројави добра волја спрема нашата партија беше во 1998 година. ОМО Илинден не е член на Европската слободна алијанса, ОМО Илинден-Пирин е, и тоа од 2005 година, а не од последно време. ОМО Илинден-Пирин не се обидува да се регистрира од 2008 година наваму. Според тоа, наративот дека бугарскиот суд наводно не можел да регистрира ОМО Илинден или ОМО Илинден-Пирин во последно време поради некаков сепаратизам е очигледна лага и дезинформација – велат од ОМО Илинден-Пирин.
Во соопштението на ОМО Илинден-Пирин до пошироката јавност исто така се нагласува дека дезинформација е и карактеризацијата на Европската слободна алијанса како сепаратистичка лига.
– Таа е доминантно составена од малцински и регионални и автономистички движења. Само една од 35 партии членки би можела да се категоризира како сепаратистичка, но не и движењето – посочуваат од ОМО Илинден-Пирин.
Сите македонски организации во Бугарија, вклучувајќи ги и споменатите, потпишаа општа платформа за соработка во 2022 година, во која директно е посочено дека ништо во нивните заеднички цели не може да се толкува како „шовинизам, екстремизам, сепаратизам, повик кон насилство или како насочено против мирот, демократијата, правата на човекот, законите, моралот и добрите нарави“.
Од оваа обединета македонска организација исто така нагласија дека обидите за релативизирање не се нови.
– Досега сме слушнале серија такви објаснувања. Дека не сме Македонци, туку некој ни плаќа да лажеме за да ѝ создаваме проблеми на Бугарија (тука, според потребата, се ставаат: САД, Русија, Србија, Грција и Македонија). Дека намерно не сакаме да се регистрираме и затоа подаваме погрешни документи, за да ја компромитираме Бугарија и да печалиме од судот во Стразбур. Дека сакаме да отцепиме територија и затоа судот не може да нѐ регистрира. Дека никој не нѐ дискриминира, ние само си измислуваме за да ја оцрнуваме Бугарија. Дека иако немаме малцински права и не можеме да си регистрираме организации и партии – сепак ниту едно наше човечко право не ни било нарушено. Дека Бугарија наводно не давала малцински права и затоа не можело да бидеме регистрирани или признаени. Дека не можеле да нѐ признаат како малцинство зашто немало меѓународна дефиниција што е малцинство и дека немало практика и механизам за признавање малцинства (но очигледно има за нивно негирање и дискриминирање). Искажаното во македонскиот медиумски простор е лага и потекнува од еден ист извор, тоа е алтернативно сценарио дека Македонците се криви, а Република Бугарија е нивна жртва -соопштија од ОМО Илинден-Пирин. Д.Ст.
За цинизмот на Румен Радев
Кој всушност треба да оди на поправен испит по меѓународно право?
Дека има обид за релативизирање на нештата, и префрлање на одговорноста и вината потврда е и новата изјава на бугарскиот претседател Румен Радев.
Тој се потсмеваше со македонските институции дека имаат дефицит од познавање на меѓународното право, дека имаат незнаење за човековите индивидуални и колективни права, како непознавања за внатрешното право, и не го знаат Уставот на Бугарија, кој не познава категорија национални малцинства, а со тоа бугарскиот устав не дозволува да има некакви малцинства во Бугарија. (?!).
Токму во тој контекст се поставува прашањето дали всушност бугарскиот претседател има битен дефицит од познавања на оваа област, вклучувајќи и стравотен дефицит за демократско чувство, бидејќи токму тој е еден од тежишните субјекти што треба да го променат таквиот устав, бидејќи е едно наследство од четириесеттите години на минатиот век и најцрната историја на нашиот сосед од погрешната страна на историјата. Имено, Радев треба да иницира измена на ригидниот анахрон бугарски устав во делот од малцинските права, во согласност со Универзалната декларација на ОН и резолуциите на ЕУ и на Советот на Европа од таа област.
А за издвојување е дека токму во тој дел Софија и Атина остануваат последните антидемократски европски престолнини каде што се толерираат асимилацијата, културоцидот и деноминацијата на националните малцинства!
Второ, бугарскиот претседател Радев меѓу другото изјави и дека треба да се има основни познавања за човековите права, бидејќи, како што кажа, „ние во Бугарија не тепаме луѓе што изразуваат различни идентитети, не пукаме во нивните клубови и не ги палиме, не ги држиме подалеку од сите позиции во администрацијата“. Од ОМО Илинден-Пирин изјавата ја окарактеризираа како цинизам, бидејќи станува збор за претседател на држава што редовно ги прекршува човековите права, држава што е критикувана од меѓународните институции за правата на човекот, држава што има пресуди во Судот за човекови права во Стразбур.
– Да, Бугарија ги тепаше своите граѓани со македонска самосвест во годините на демократијата и, да, имаше напади врз македонски собори и врз македонски клубови. Разликата е што за тоа во Бугарија апсолутно никој не е суден, ниту осуден, ниту казнет. Никој не е дури ниту вербално укорен, во медиумите или од политичари. Не го слушнавме Радев да го осуди нападот врз македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, на пример, а ниту кој било бугарски политичар. Македонските политичари ги осудија нападите во Македонија и судот постапи по случаите. Може ли Радев да посочи еден бугарски државјанин со македонски идентитет што држи позиција во администрацијата сега или да држел таква во Бугарија во последните 60 години? Не може. Таков нема и не може да има – реагираат од ОМО Илинден-Пирин по изјавата на Румен Радев.
Во врска со повеќето навредливи, омаловажувачки и цинични настапи кон македонскиот народ, институциите и македонската држава од страна на бугарскиот претседател Радев, македонскиот премиер Мицкоски вчера многу спокојно и со дигнитет врати дека „соседите треба да градат мостови на соработка и да не се омаловажуваат“.
– Сакам ние како балкански земји да го следиме примерот на другите земји, како што се балтичките земји, скандинавските земји, и сите заедно и со договори, градење мостови, учество на трети пазари пред претставниците на ЕУ и насекаде во светот да изградиме политика на добрососедство. Оваа работа не оди добро со навреди. Мислев дека овој облик на однесување сме го оставиле во средниот век – рече премиерот Мицкоски. Д.Ст.