Фото: ЕПА

На зголемени внатрешни тензии во неколку западни земји, а најмногу во Франција и Обединетото Кралство, предупредува истражувачот Дејвид Бец во студија објавена во списанието „Милитари стратеџи“

Песимистички проекции на британскиот универзитетски професор Дејвид Бец за судбината на ЕУ:

Војната веќе е во Европа, таа ја уништува Украина повеќе од три години. Но, тоа е друга форма на конфликт што ја прорекува и најавува еминентниот професор Дејвид Бец на еден од најпознатите универзитети во светот во областа на воените студии, Кралскиот колеџ во Лондон. Во статија објавена во август во списанието „Милитари стратеџи“, Бец предупредува на ризикот од граѓански војни во европските земји, особено во Франција и Обединетото Кралство. Неговата добро аргументирана студија не е сентиментален текст или апокалиптична колумна, туку научно рецензирана истражувачка статија.
Неодамна, генералот Тиери Буркхард, пред неговата смена, ја одржа својата последна прес-конференција како началник на Здружениот штаб на вооружените сили и тогаш, заедно со претседателот на Франција, предупреди на „руските, иранските и кинеските закани“. Но, спротивно на тоа, британскиот истражувач тврди дека главната опасност всушност доаѓа – одвнатре. Долго време западниот свет веруваше дека е имун на граѓански војни, убеден дека модерно, демократско и просперитетно население не може да потоне во хаос. За Дејвид Бец, оваа сигурност сега е нешто од минатото бидејќи нашите општества се „фрактурираа“, пренесува париски „Фигаро“.

Фрактурирано општество

Иронично, за Дејвид Бец, токму сопствените политики и поконкретно, односно како што тој конкретно ја нарекува, „политиката на идентитетот“ длабоко ја фрактурираа Франција. Политиката на идентитетот, објаснува Бец, се однесува на пристап во кој групите дефинирани според нивното расно, религиозно, етничко или културно потекло првенствено ги бранат сопствените интереси, на штета на колективниот интерес. Токму овој фактор, според него, ја прави граѓанската војна на Западот веројатна.
Иако авторот истакнува дека хетерогеното општество не е нужно повеќе изложено на ризикот од внатрешен конфликт, тој ја смета ситуацијата на Западот за единствена.
– Најнестабилни општества се оние што се умерено хомогени, особено кога традиционалното мнозинство доживува предизвик за својот статус или кога значително малцинство има средства да се крене самостојно – објаснува Бец.
Оваа промена е очигледно неодамнешна. Само пред една генерација, како што објаснува Бец, западните нации можеле да се опишат како во голема мера обединети од чувството за идентитет и заедничко наследство. Денес тие се претставуваат како „раселени политички ентитети, сложувалки од конкурентски племиња со идентитет“, честопати живеат во одделни заедници.
За да го поткрепи својот аргумент, Бец ги цитира концептот на „културна војна“ и социологот Џејмс Дејвисон Хантер, кој самиот се сеќава на зборовите на Оливер Вендел Холмс: помеѓу две групи што се стремат да создадат некомпатибилни светови, не гледам друг лек освен сила.

Губење на политичката самодоверба

На општествената поделба се додава длабоко разочарување од политичките елити, обвинети дека живеат во изолација, неспособни да ја сфатат големината на предизвиците и да обезбедат опипливи решенија, објаснува авторот. Се вели дека оваа растечка поделба поттикнува чувство на маргинализација, понекогаш на тлеење на гнев, кој полека го еродира цементот на националната кохезија.
Во исто време, Западот се соочува со структурна економска стагнација: намалување на средната класа, постојана невработеност и богатство концентрирано во неколку раце. Оваа двојна криза – политичка и економска – создава нестабилен пејзаж, каде што се спојуваат фрустрациите и нееднаквостите. Тоа е плодна почва, според авторот, особено погодна за внатрешен конфликт.

Демографија и поларизација

Дејвид Бец истакнува дека, покрај општествената поделба, демографскиот јаз би ја засилил поларизацијата. Масовното населување мигранти во големите градови би создало растечка поделба со руралните области, каде што етничката хетерогеност би била многу помала. Според него, идните граѓански конфликти на Западот затоа би се одвивале по етнички линии и, поради демографската дистрибуција, овие судири би имале различни форми, спротивставувајќи ги урбаните и руралните области едни против други.
Дополнително, покрај оваа демографска поделба, сѐ поизразена и е политичката поларизација. Големите градови, етнички и културно поразновидни, имаат тенденција да одржуваат речиси антагонистички однос со остатокот од земјата. Авторот ги цитира резултатите од првиот круг од последните европски избори: 457 француски изборни единици го ставија Националниот собир во водство, додека само 119 – претежно метрополитенски области – се одлучија за други политички партии.

„Диви градови“

Дејвид Бец предупредува на „цивилизациска катастрофа“ што веќе ги ослабува самите темели на нашите општества. Според него, оваа криза се манифестира особено со растечко губење на контролата од страна на властите врз одредени области, кои тој ги опишува како „диви градови“. Овој концепт, позајмен од Ричард Нортон во есеј од 2003 година, се однесува на „метропола со повеќе од еден милион жители каде што владата ја изгубила способноста да го спроведува владеењето на правото, а сепак останува актер на меѓународната сцена“.
Според него, овие градови покажуваат специфични карактеристики: висока корупција, области надвор од полициска контрола, дотраена инфраструктура, индустрии во опаѓање, големи долгови и двостепена полициска сила дополнета со приватно обезбедување.
– Многу западни градови веќе се вклопуваат во овој профил – предупредува Бец.

Сценарио за граѓанска војна

Во овој контекст, Бец го замислува сценариото што ќе се одвива пред граѓанска војна: полициското работење ќе стане невозможно, насилството меѓу заедниците ќе ескалира, а политичкиот легитимитет ќе се урне. Така, локалната економија ќе биде парализирана и брзо ќе се распадне. Жителите надвор од овие области на крајот ќе ги сметаат за изгубени, окупирани од странски сили.
Стратегијата на бунтовниците, според Бец, ќе има цел да уништи клучна инфраструктура за да предизвика „системски колапс, со што ќе доведе до неконтролиран урбан хаос и ќе ја забрза националната дестабилизација“.

Очекувани последици од евентуална граѓанска војна на Западот

Иако секоја граѓанска војна е единствена, одредени карактеристики се повторуваат редовно, според Бец. Сепак, тој идентификува неколку заеднички особини што се неопходни за разбирање што би нè чекало ако една на крајот се случи на западните брегови.
Меѓу нив е уништувањето на културното наследство – музеи, архиви, споменици – преку вандализам или грабежи, што брише суштински дел од историјата и националниот идентитет.
Второ, граѓанската војна води до масовни преселби на населението, честопати стратешки организирани, длабоко менувајќи ја демографијата и раскинувајќи го општественото ткиво. Конечно, граѓанските војни се долги и смртоносни, со човечки загуби што можат да достигнат неколку милиони во екстремни случаи, истакнува истражувачот.

Колкава е веројатноста за конфликт?

Во земја каде што условите се соодветни, ризикот од избувнување граѓанска војна е приближно четири отсто годишно. Според неговите пресметки, во период од пет години, оваа веројатност би достигнала речиси 19 отсто. Со оглед на тоа што најмалку десет европски земји би можеле да се соочат со оваа закана, шансите за насилен конфликт што ќе се случи во една од нив, во следните пет години, се зголемуваат на 87 отсто. А ако анализата се прошири на 15 земји, оваа веројатност дури надминува 95 отсто. Пред сè, Бец нагласува дека овие немири можат да се прошират: тој ја проценува веројатноста конфликтот да започне во западна земја, а потоа да се прошири во други во рок од пет години на околу 60 отсто.
Особено, Франција и Обединетото Кралство се чини дека се западните земји што се најизложени на овој ризик, со веќе „претходни инциденти“ како што се напади, меѓусебно насилство и немири. Објавените забелешки на поранешниот француски претседател Франсоа Оланд побудија голем интерес: „Како можеме да избегнеме поделба? Бидејќи тоа се случува токму сега: поделба“, изјави тогашниот социјалистички претседател на Франција. Две години подоцна, друг социјалист, Жерар Коломб, изјави дента по неговата оставка од Министерството за внатрешни работи: „Денес живееме еден до друг… Се плашам дека утре ќе живееме лице в лице“. Токму ова е ужасниот синџир на настани што Дејвид Бец прецизно го опишува.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција