FBI
Фото: ЕПА

Шефот на ФБИ во посета на Пекинг

Директорот на ФБИ, Каш Пател, деновиве оствари работна посета во Кина. Иако, според западните медиуми, посетата не беше долгорочно планирана, туку беше ад хок организирана, агендата на посетата откри разговори за „прашања поврзани со фентанилот и спроведувањето на законот“.
Во врска со посетата, реномираниот „Ројтерс“ пишува дека директорот на ФБИ, Каш Пател, во Пекинг останал само еден ден. Тој, според извори во медиумот, разговарал со кинески претставници за да ја операционализира започнатата тема за фентанилот од страна на кинескиот лидер Си Џинпинг и американскиот претседател Трамп.
Имено, по состанокот на двајцата врвни државни лидери за време на регионалниот самит во Јужна Кореја минатиот месец, Трамп ги укина царините за увоз од Кина што неговата администрација ги поврза токму со фентанилот.
За потсетување, американската администрација го обвини Пекинг дека „дозволува проток на фентанил и хемиски прекурсор што се користи за производство на синтетички опиоид, кој е одговорен за десетици илјади смртни случаи од предозирање годишно во Америка“. Од друга страна, Кина ги нарече обвинувањата дека се „политички мотивирани“, посочувајќи ги сопствените домашни мерки за справување со нелегалните производители на хемикалии.
За издвојување е информацијата дека, според американската Администрација за борба против дрогата (ДЕА), „поголемиот дел од фентанилот што влегува во САД доаѓа од Мексико“, каде што картелите го синтетизираат користејќи увезени прекурсори. Статистиката за заплена на дрога покажува дека поголемиот дел од фентанилот доаѓа преку официјални влезни пунктови по должината на јужната граница, а не преку тајни шверцерски патишта, уште помалку од Кина. Администрацијата на Трамп, исто така, ги користеше обвинувањата за наркотероризам за да ги оправда поморските воздушни напади врз цивилни бродови за кои претседателот тврдеше дека биле вклучени во шверц на фентанил од Венецуела. Иако администрацијата ја поврза Венецуела со транзитните патишта на кокаин, евиденцијата на ДЕА покажува дека улогата на Кина во глобалната трговија со фентанил е занемарлива. Р.С.