Без оглед на политичката комуникација и пораките што преку јавноста си ги испраќаат лидерите на партиите, искажаните информации за планови за загрозување на јавната безбедност со активности за насилство, со карактеристики на тероризам…, секако предизвикуваат загриженост во јавноста, која очекува институциите на системот ефикасно да реагираат и по индиции пристигнати „по допрен глас“
Државните институции мора инстантно да реагираат по допрен глас за заканите по безбедноста на државата и за загрозувањето на Уставот и уставниот поредок
Постизборниот период, откако ќе бидат објавени резултатите од изборите и процесот на конституирање на новата влада и институции, веројатно веќе не е предмет на интерес на странските набљудувачки мисии во Македонија, но ризиците за загрозување на правото на (искажаниот) глас на граѓаните, па дури и закани за јавната и лична безбедност, често се провлекуваат, дури и се заоструваат токму тогаш. Во предизборието, на митинг на ДУИ, на градскиот плоштад во Скопје, лидерот на оваа партија во еуфорија, јавно потсети на милитантното минато на овој политички субјект, како предупредување дека секогаш можат да се навратат на агресивните почетоци, доколку не бидат земени предвид за новиот состав на Владата.
Има информации за одредени планови за загрозување на јавната безбедност од политичкиот субјект, кој смета дека треба да биде дел од извршната власт
Сѐ уште не е познато дали ваквото однесување и овие гореспоменати милитантни наративи на јавен собир ќе бидат забележани во конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, но во првото медиумско интервју по објавувањето на резултатите од парламентарните избори, сосема извесно новиот мандатар за составување влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откри дека има информации за одредени планови за загрозување на јавната безбедност од политичкиот субјект, кој смета дека треба да биде дел од извршната власт, врз основа на некои непишани принципи, кои самиот веќе ги прекршил.
– Дали ќе има немири? Очекуваме сѐ. Имаме информации што сѐ таму се зборува, што сѐ се планира… Нам не ни преостанува ништо друго, освен како идна влада, доколку има таков вид протести, насилни, да ги обезбедиме институциите и системот да функционира. Подготвени сме за тоа. За тоа, не треба да се грижат граѓаните. Ние сме подготвени на секој насилник да одговориме во рамките на демократските можности на системот, кој треба да функционира. Не може системот да биде потчинет на насилници, без разлика од каков вид. Ако ви кажувам на што сѐ сведочевме на овие избори, што сѐ се случуваше, а кое доаѓаше како резултат на однесувањето на активисти, членови на таа партија – одговори Христијан Мицкоски на прашањето дали стравува од меѓуетничка политичка криза, доколку „не постапи рационално и не ги почитува бројките од изборите, за да има стабилност и мир“, како што во постизборните „честитки“ порачува лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Отворена или суптилна закана?
– Некои тоа го толкуваат како суптилна закана, некои го толкуваат како чекор назад и ретерирање од оние силни пораки полни со навреда, шовинизам и закани, на митингот во Скопје. Претпоставувам и тогаш беше под силно влијание на некои негови помлади соработници – дека сега е моментот, дека така треба да настапи, агресивно… Мислам дека влезе во серија погрешни потези и кога ќе влезете во такво нешто, логично е на крајот да имате и одговорност. Не верувам дека во рамките на некоја внатрепартиска дебата ќе се бара одговорност од Али Ахмети. Но во политичка смисла на зборот, неговата одговорност е да оди во опозиција – одговора медиумски Мицкоски, на пораките на Али Ахмети.
Кога има сериозни укажувања за загрозување на безбедноста, било да е јавна или дури и нечија лична безбедност, треба да интервенира Јавното обвинителство
Без оглед на политичката комуникација и пораките што преку јавноста си ги испраќаат лидерите на партиите, искажаните информации за планови за загрозување на јавната безбедност со активности за насилство, со карактеристики на класичен тероризам…, секако предизвикуваат загриженост во јавноста, која очекува институциите на системот да реагираат, барем по допрен глас. Иако е постизборен период, кога по сила на закон им престанува мандатот на министрите и заменик-министрите во техничката влада (како во МВР), од опозицијата, а нема ни услови за да биде доделен мандат за составување нова влада, сепак функционален е мандатот на обвинителско-судските институции, кои би можеле и би требало да постапат по допрен глас за закани и планови за загрозување на безбедноста преку насилство.
– Ако има сериозни укажувања за загрозување на безбедноста, било да е јавна или дури и нечија лична безбедност, секако треба да интервенира Јавното обвинителство. Без оглед од кого се укажувањата и на кого се однесува укажувањето за намери и планови за загрозување безбедноста, Обвинителството треба да постапи и да ги истражи наводите по допрен глас. По налог на Обвинителството и МВР треба да преземе соодветни активности и доколку се потврдат сомнежите од укажувањата да поднесе пријави против осомничените за загрозување на безбедноста на одредени лица. Одделот за јавна безбедност треба да дејствува во насока на спречување на какви било закани за загрозување на безбедноста, стабилноста и мирот во државата – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.
Закани со радикализација: Некој мора да реагира за да ги заштити Уставот, законите и уставниот поредок
Поединци или групи од албанското малцинство во државава, па дури и одредени претставници на албанските партии во Македонија, редовно кога сакаат да протуркаат одредени етнички амбиции, кои патем споменато се и во спротивност и ги кршат македонскиот устав и законите, навестуваат радикализација на безбедносната состојба.
Некогаш тоа го прават суптилно, а почесто отворено и со конкретни активности: од некакви подготовки на вооружени „ударни групи/ќелии“, за кои јавноста сведочи дека потоа таквите радикални милитанти демонстрираат екстремистички поведенија на теренот (како последниот пример со вооружената албанска група со лесно оружје, непосредно пред изборите), па сѐ до вербални истапи на гореспоменатите поединци и групи од албанскиот етнички кампус, како и од некои носители на високи партиски и државни функции. Тие повторно и повторно посегнуваат по изрази, пораки и противуставни зафати, потсетувајќи на оружјето и симболите од времето на милитантното дејствување на терористичката ОНА (УЧК), на суверената територија на Р Македонија.
Најсвежо е скандирањето „УЧК, УЧК“ на митингот на ДУИ во Скопје, пред првиот круг претседателски избори, кога на поддржувачите во публиката им се придружи во извиците и самиот лидер Али Ахмети, откако ги „инспирираше“ со закани и навреди во својот говор. (!?)
Лесно испливуваат и сеќавањата на сликите од вперениот револвер од припадник на ДУИ во граѓаните што демонстрираа против францускиот предлог, кога поминуваа покрај плоштадот „Скендербег“. Како илустративен пример за „заканувачкиот фолклор на ДУИ“ е и изјавата на поранешната припадничка на ОНА, која во меѓувреме се трансформираше во членка на неколку управни одбори на јавни претпријатија, дека „ќе ги симне воените чизми од таванот“… За речиси секојдневните рафали од огнено оружје од правецот на Сарај и Грчец не треба многу да се зборува, но жителите од скопската општина Ѓорче Петров сведочат за честите пукања од огнено оружје, но и „дожд од куршуми“ на покривите на куќите, кои со себе носат многу очигледна порака на притисок и закана по животот и имотот на мирните граѓани.
Пред шест-седум месеци, директор на Агенцијата за управување со одземен имот, како и вработените (припадници на друга албанска партија, која не е ДУИ), се соочуваше со закани и заплашувања, поради продажба на конфискуван имот „од криминалци и корумпирани поединци“, како што истакна директорот тогаш. (Директорот тогаш изјави дека не отстапуваат пред никого кога се во прашање постапките и борбата против криминалот и корупцијата.)
Во едно интервју, пратеникот во досегашниот парламентарен состав, Халил Снопче, изјави дека на македонските политички елити не им е јасно дека „Албанците можат да бидат главниот чинител за дестабилизација на државата“.
– Македонските политички елити сѐ уште не разбираат дека Албанците треба да бидат третирани како рамноправни партнери. Ним не им е јасно дека Албанците можат да бидат главниот чинител за дестабилизација на државата, ако се продолжи со пристапот на игнорирање на барањата на Албанците – се искажа Снопче со своевиден заканувачки тон.
Во еден ваков контекст треба да се покаже дека владеењето на правото, правната држава и принципот на неселективност на правната одговорност функционираат во оваа држава. За потсетување, постојат и кривични дела што се од поголем кривичноправен габарит и тие се санкционираат и при подготовка од страна на потенцијалните сторители. Токму тие дела се поврзани со загрозување на уставниот поредок и државата. Многу индиции ги поврзуваат горенаведените дејанија со подготовка за извршување на вакви тешки криминални дела против државата, и тоа со умисла. Затоа, на стравувањето на јавноста дека нема кој да ги заштити граѓаните или државата треба конечно да им се стави крај. И тоа решително, институционално, во рамките на Уставот и законите на Република Македонија. р.н.м.