Официјална Софија има релативно добри односи со Тирана. Тоа е особено видливо од реториката помеѓу двете држави, билатералните односи, од признавањето на бугарското малцинство во Албанија, но и од последниот попис на населението во Албанија. Имено, на последниот попис на населението во Албанија како припадници на бугарскиот народ албанската држава регистрира 7.057 лица. Но на вонредните бугарски парламентарни избори, во Албанија (како припадници на бугарското малцинство) на 27 октомври излегле да гласаат вкупно 329 лица?! Очигледно е дека „недостигаат“ илјадници гласа, гласови што „мистериозно“ исчезнаа! Што всушност се случува? Од каде таа предлабока дискрапанција на „Бугари“ во Албанија?! Над седум илјади Бугари на попис, а околу триста на гласање?! Нешто сигурно не е во ред. Бугарите во Албанија не се „репресирани“, па да не излезат на гласање. А веќе констатиравме заемни добри односи меѓу Тирана и Софија…
Бугарските избори ја покажаа реалната слика за бројноста на Бугарите во соседството
Државните институции на Бугарија, како и одредени бугарски невладини организации, неколку години по ред го спроведуваат проектот за вештачко создавање бугарско малцинство во Македонија, Албанија, Србија и во Косово. Во контекст на овие активности е и бугарската поддршка за одделни бугарски здруженија и организации, како што се Културно-информативниот центар во српскиот град Босилеград, доделувањето бугарски пасоши, бесплатните лекарски прегледи, стипендиите за студирање во Бугарија, притисоците за изјаснување како Бугари (нешто што беше забележано при пописот на населението во Република Албанија) итн. Добро информирани лица за оваа проблематика велат дека таквата политика постигна одредени успеси, што беше потврдено од последниот попис на населението во Албанија, кога 7.057 лица се изјаснија како припадници на бугарскиот народ. Но бугарските „успеси“ се само кула од карти што лесно се урна, а тоа се потврди со бугарските парламентарни избори кога наводните илјадници Бугари во Македонија и во Албанија не гласаа, велат нашите соговорници. Тезите дека имало одредени закани и притисоци поради кои припадниците на бугарскиот народ во балканските земји не излегле да гласаат немаат основа. Тоа се потврдува со примерот во Албанија, каде што гласаа вкупно 329 лица, каде што немаше никакви политички притисоци, бидејќи Софија и Тирана имаат добри политички односи и контакти. Според добро упатените, одзивот за гласањето на последните бугарски парламентарни избори е реалната бројка за припадниците на бугарскиот народ во Македонија, Албанија и другите балкански држави.
Софија со своите политики ги влоши односите со Белград и со Скопје
Бугарија како членка на Европската Унија изврши и одредени притисоци, како оние што беа насочени кон Албанија и Србија. Тоа се потврдува и од изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, кој нагласи дека бугарските институции активно ќе работат за консолидирана и јасна национална бугарска позиција и политика за поддршка на сите сонародници во странство, како и дека ќе продолжи активно да работи со српскиот државен врв за решавање на проблемите на Бугарите во таа земја.
– Главниот критериум според кој ќе судиме и ќе дадеме поддршка за напредокот на земјите од Западен Балкан е токму состојбата на нашите сонародници во секоја земја – нивните услови за економски и социјален развој и, пред сè, нивната способност да ги бранат својот национален идентитет, јазикот, културата и историската меморија – нагласи Радев за оваа проблематика.
Во контекст на овие бугарски позиции треба да се разбере и бугарското вето за Македонија, како и барањето за внесување на припадниците на бугарскиот народ во македонскиот Устав, поради што дојде до заладување на македонско-бугарските односи и антагонизам помеѓу македонското и бугарското општество. Односите помеѓу Македонија и Бугарија беа влошени и поради постојаните контроверзни изјави што пристигнуваа од Софија, како што беше онаа на Екатерина Захариева, поранешна бугарската министерка за надворешни работи, дека македонскиот литературен јазик е напишан врз основа на западнобугарскиот дијалект, со што на најдиректен начин се негираат особеностите на македонскиот јазик.
Тука треба да се споменат и бугарските активности во Косово, кое беше посетено од бугарската потпретседателката Илијана Јотова и Румен Радев. При својата официјалната посета на Косово, Илијана Јотова побара бугарската заедница да добие статус на национално малцинство и да биде вклучена во косовскиот устав, а истото тоа го побара и од Румен Радев при средбата со косовската претседателка Вјоса Османи. Конкретно со овие барања се опфатени Горанците што живеат во деловите во Косово, а се припадници на македонскиот народ.
Бугарските закани, како онаа на Румен Радев дека Софија може да ја преиспита поддршката за членството на Србија во ЕУ поради односот на Белград кон бугарското малцинство во оваа земјата или бугарското вето за Македонија, ги влошија односите на Софија со Белград и со Скопје. Дека постои антагонизам потврди и сегашниот српски министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кој го потврди барањето на Софија за повеќе права на Бугарите во Србија.
– Во Бугарија на пример не признаваат национални малцинства, но толку многу протестираат за лоша состојба на Бугарите во Србија. А кога вие ќе речете, а Србите во Бугарија, тие велат дека нема Срби во Бугарија. Тоа би било како ние сега да речеме нема Бугари во Србија. И тогаш нема ниту проблеми со бугарско национално малцинство – нагласи Ивица Дачиќ.
Каде исчезнаа илјадниците Бугари во Албанија?
Официјална Софија има релативно добри односи со Тирана, што е особено видливо од признавањето на бугарското малцинство во Албанија, реториката помеѓу двете држави, но и последниот попис на населението во Република Албанија. Според нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, позитивните бугарско-албански односи, како антагонизмот на Софија со Белград и со Скопје, може да бидат мерило за реалноста. Имено, бугарските политички избори ја покажаа реалната слика за припадниците на бугарскиот народ во неколку балкански држави.
Според податоците што се достапни од бугарските институции, бугарските граѓани имаа можност да гласаат на вкупно 719 избирачки места во 57 држави, најголем дел во Европа. Според податоците, правото на глас во странство го искористиле 146.952 бугарски државјани. Официјалните податоци покажуваат дека во Бурса гласале 14.745, во Истанбул 13.336 избирачи, а во регионот на Едрене гласале 10.734 луѓе. Доколку овие податоци се споредат со Македонија или со Албанија, одзивот за гласање е многу помал. Вкупно 327 бугарски државјани на пет локации во Македонија гласале на седмите предвремени парламентарни избори во Бугарија, што е најмал одзив во споредба со оние што гласале на изборите во последните три години. Имено, до крајот на изборниот ден, 158 лица гласале во бугарската амбасада во Скопје, 40 во конзулатот во Битола, 40 на гласачкото место во Прилеп, 51 во Охрид и 38 во Струмица.
Но некои центри не ги признаа овие резултати, со образложение дека постоеле одредени притисоци. Дека ќе има вакво истапување беше забележливо и пред одржувањето на бугарските избори, велат нашите соговорници. Според нив, ова беше видливо во искажувањето на Иван Николов, претседател на Културно-информативниот центар во српскиот град Босилеград, дека идеологијата на властите во Белград води кон репресија врз бугарското малцинство.
– Идеологијата и денес ги нишани, пали и пребарува бугарските културни и информативни центри, која одзема бугарски книги, води судски процеси и ги подложува луѓето што го бранат нивното национално и човечко достоинство на насилство, прогон и прислушување – нагласи Иван Николов.
Слични укажувања имаше и во Македонија, како она на Љупчо Ѓоргиевски, претседател на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, дека Бугарите во Македонија не гласаат најмногу поради страв.
– По случаите со палења и пукање, кој е тој што ќе се охрабри да гласа? Секој ќе се замисли дали да го стори тоа ако мисли дека би можел да има некакви последици, да го изгуби работното место, егзистенцијата, или да се најде под притисок и напади – рече Љупчо Ѓоргиевски.
Според нашите соговорници, ваквите образложенија немаат основа. Тоа особено се потврдува со Албанија, каде што е признаено бугарското малцинство и имаше можност да гласа за бугарските политички избори. Доколку внимателно се анализира, албанските граѓани што имаат бугарска национална самосвест можеа слободна да гласаат, немаше никакви препреки од албанските институции ниту закани. Оттука, сосема природно се наметнува прашањето доколку во Република Албанија немаше закани и притисоци, зошто Бугарите масовно не излегоа да гласаат во Тирана или некој друг албански град, посочуваат нашите соговорници.
На последниот попис на населението во Албанија како припадници на бугарскиот народ се изјаснија 7.057 лица, но за бугарските политички избори кај нашиот западен сосед на 27 октомври излегле да гласаат вкупно 329 лица. Очигледно е дека недостигаат илјадници гласа, гласови што „мистериозно“ исчезнаа, велат нашите соговорници.
Одговорот на ова прашање пристигна од македонското друштво „Илинден“-Тирана, чие раководство во 2017 година реагираше кога во албанскиот закон за малцинства беа запишани припадниците на бугарскиот народ. Според македонското друштво „Илинден“-Тирана, запишувањето на Бугарите како малцинство во Република Албанија е резултат на притисокот што го трпеше Тирана, како што беше уцената за вето на нејзиниот европски пат.
– Но, во океан од лаги, измами и притисоци, вистината испливува. Овој пат, на повторните избори за Народното собрание во Бугарија. Имено, како и за другите досегашни избори во Бугарија, имаа право да се пријават за остварување на своето право на глас и Бугарите надвор од Бугарија – се нагласува од македонското друштво „Илинден“-Тирана. Д.Ст.
Иницијатива на МАЕИ за поставување биста на Борис Малевски, првиот учител во Мала Преспа
Македонска алијансата за европска интеграција (МАЕИ) поведе иницијатива да се постави биста на првиот учител од Преспа, Борис Малевски, во дворот на училиштето „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиевски“ во селото Пустец.
– Иницијативата ја презедовме по повод 80-годишнината од изучувањето на мајчиниот македонски јазик во Преспа и како напор да се оддаде и овековечи споменот за Борис Малевски, првиот учител по македонски јазик од ова наше сакано подрачје. Тоа во чест на неговиот особен придонес, бидејќи ќе послужи не само како почит на учителот Малевски туку и како извор на инспирација за сегашните и идните генерации, овековечувајќи ги вредностите што тој ги застапувал – информира Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Борис Малевски, кој е роден на 20 септември 1914 година во селото Глобочени, починал на 21 јануари 1979 година во Пустец. Тој во соработка со учители Македонци што дошле од Македонија во 1944 година ги поставил темелите на наставата по мајчин македонски јазик во областа на Преспа.
– На сите познат како учителот Боре, тој даде извонреден придонес во образованието на преспанските села, борбата против неписменоста и развивањето на образованието на македонски јазик. Со отворањето на седумгодишното училиште во Пустец, тој беше назначен за прв директор, служејќи не само како учител туку и како инспирација на заедницата, со убедување дека „учењето и учените луѓе се иднината на Преспа“. За неговите заслуги во образованието, по предлог на писателот Стерјо Спасе, Малевски беше одликуван од власта за неговите достигнувања во образованието – додава Стерјовски.
За исполнување на оваа цел, како што посочува тој, доставено е барање до локалната власт на општината Пустец за поддршка во преземањето на сите неопходни законски мерки и во одобрувањето на одлуката за поставување на бистата на одредената локација.
– Предложената биста ќе биде донација од партијата Македонска алијанса за европска интеграција и има цел да биде составен дел од културно-историскиот пејзаж на преспанскиот крај. Сметаме дека поставувањето на оваа биста ќе биде додадена вредност за македонската заедница и за зајакнување на нашата културна меморија – нагласува Стерјовски.