Илустрација: „Нова Македонија“

Дека се размислува за промена на принципот на гласање потврдија и некои европски челници, инаку, во рамките на „внатрешната реформа на Унијата“. Меѓу другото, има предлог на маса за напуштање на консензуалното одлучување и носење одлуки со минус еден или, пак, со квалификувано мнозинство, што ќе спречи идна блокада на одредени европски политики

На самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Будимпешта најавени рапидни промени на процедурите во ЕУ за прием на нови членки

Во фокусот на петтиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) што завчера се одржа во Будимпешта беа европската безбедност во светло на војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, како и резултатите од американските претседателски избори, но настрана од тоа станало збор и за процесот на проширување на Европската Унија и начините како да се избегнат идните блокади.
Имено, на маргините на состанокот дел од присутните отвориле дискусија и околу потребата Унијата да изнајде ефикасни начини како во иднина да се спречат опструкциите од страна на земјите членки во делот на проширувањето, кои не се поврзани со европските критериуми, туку многу повеќе се однесуваат на остварување одредени интереси на одделни земји членки преку уцена на земјите кандидати.
Дека се размислува за промена на принципот на гласање потврдија и некои европски челници, инаку, во рамките на „внатрешната реформа на Унијата“. Меѓу другото, има предлог на маса за напуштање на консензуалното одлучување и носење одлуки со минус еден или, пак, со квалификувано мнозинство, што ќе спречи идна блокада на одредени европски политики. Очигледно ова второто наидува сѐ повеќе на одобрување и зема замав кај земјите членки на Унијата, поради впечатокот дека „остварувањето одредени потесни интереси ја држат во заложништво целата европска политика“.
Доказ дека ЕУ се соочува со проблеми при креирањето заедничка европска политика се плановите на Европската комисија за преминување на гласање од консензус на квалификувано мнозинство во одреден број области, пред сè во делот на енергијата, климата, даноците и социјалната политика, но се чини дека промената околу консензуалното одлучување ќе се однесува и на проширувањето.
Дел од домашните аналитичари се согласни дека без консензуалното одлучување Европа би можела да функционира многу поефикасно.
– Со укинувањето на консензуалното одлучување, самата Европа би можела да функционира многу поефикасно, бидејќи со правото на вето доволно е која било земја да биде против одредена одлука и целата работа на ЕУ да биде закочена. Тоа, пред сè, ѝ е потребно на Европа, а не толку на другите земји бидејќи правото на вето де факто значи насилство на малцинството врз мнозинството – велат аналитичарите.
Според нив, ваквите барања за укинување на консензуалното одлучување во ЕУ може да бидат дел од она што ќе значи и поефикасно работење на Унијата, а е дел од вкупните напори за внатрешни реформи на Унијата.
– Веројатно некои од земјите членки на ЕУ чувствуваат дека фундаменталните принципи на меѓународното право, како и основните темелни вредности на ЕУ се нарушени, кога одредени очигледни прогресивни иницијативи се закочени, поради блокада од некоја земја, која тера сопствени ирационални (а некогаш и противправни) агенди. Сега, кога процесот на проширување е повеќе од клучен за стабилизација на европската безбедност, не може целата европска политика да биде заложник на каприците на некоја земја членка. На тој начин се урива европскиот кредибилитет кај земјите кандидати, а тоа не е добро – истакнуваат аналитичарите.


Целосно или делумно отстранување на консензуалното одлучување во ЕУ?

Несомнено преговорите околу промената на начинот на гласање во Европската Унија влегуваат во финална фаза и повеќе не е прашање дали се отстранува консензуалното одлучување, туку дилемата е дали тоа некаде ќе продолжи да се применува.
Имено, сѐ поизвесно е дека во рамките на реформата на Унијата се заговара идејата за Европа во две брзини, односно старите членки како еден вид прва европска лига и новите членки, кои би биле втора европска лига и кои сега се вклучени во ЕПЗ.
„Второлигашите“ би се сметале де факто како земји членки на Унијата, но со одредени редуцирани права во делот на одлучувањето. Затоа и се наметнува дилемата дали гласањето со консензус ќе продолжи да се однесува за земјите од таканаречениот втор европски ешалон или, пак, и тие ќе бидат опфатени со новата гласачка методологија.
Сите овие работи и дилеми ќе бидат многу појасни во следниот мандат на Европската комисија, која оптимистички најавува дека би можела да го заокружи процесот на проширување до 2030 година, а со тоа ќе биде познат и статусот на новите членки, односно дали и тие ќе бидат целосно вклучени во одлучувањето или, пак, нивната судбина и натаму ќе зависи од консензуалните одлуки на постарите членки.


Кандидатката за комесар за проширување на Европската Унија, Марта Кос, категорична на распитот од страна на европратениците:

„Земјата кандидатка Македонија да го промени Уставот како што вети“

Европскиот парламент ѝ даде зелено светло на кандидатката за комесар за проширување на Европската Унија, Марта Кос, која по тричасовен распит од страна на европратениците ја доби нивната поддршка за новата функција.
Одговарајќи на голем број прашања од европратениците, Кос изнесе повеќе ставови за тоа како планира да го води процесот на проширувањето, што од друга страна наметнува и многу дилеми што се предмет на една поширока анализа, како од домашните така и од аналитичарите во регионот.

Еврокомесарката од Словенија со наратив како што нејзината матична земја ѝ правеше на Хрватска при приемот во ЕУ

Одговарајќи на прашањата на бугарските европратеници околу уставните измени што треба да ги спроведе Македонија доколку сака да почне да отвора преговарачки поглавја со Унијата, новата комесарка за проширување на ЕК, која доаѓа од Словенија, е категорична дека „тие треба да се направат“.
– Очекуваме земјата кандидатка Македонија да го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку – истакна Кос на сослушувањето.
Аналитичарите, коментирајќи ја оваа изјава на комесарката, велат дека таа го прифатила европскиот наратив што претходно постојано го слушавме од европските челници, да се зборува, но ништо да не се кажува.
– Точно е дека со прифаќањето на „францускиот предлог“ и преговарачката рамка, Македонија се обврза да направи уставни измени, но никаде не стои на кој начин ќе го направи тоа и никаде не пишува дали тие можат или не можат да имаат појаснувачки амандмани. Во преговарачката рамка не е наведено дека уставните измени треба веднаш да важат, туку да се направат. Тоа е дискутабилно прашање и ако се гледа од различен агол, тогаш со какви било уставни измени, дури и со одложено дејство, Македонија го исполнила својот дел од договорот. ЕУ е таа што со години не ги исполнуваше своите ветувања – велат аналитичарите.

Што означува поимот „билатеризација“ за новата еврокомесарка за проширување и како ќе постапи таа?

Кандидатката за комесар за проширување се осврна на билатералните проблеми што земјите членки ги имаат со земјите кандидати, истакнувајќи дека ЕУ секогаш ќе ги штити интересите на земјите членки. (?!) Но веќе во втората реченица по таа констатација, таа за 180 степени завртува и вели дека „јас и моите колеги ќе направиме сѐ што можеме за да не увезуваме билатерални прашања во процесот на проширување“…
– Кога зборувам за билатеризација на можни спорови меѓу земји членки и земји кандидатки, интересот на земјите членки секако дека доаѓа прв. Она што јас го гледам, а тоа ќе биде моја работа ако бидам потврдена за еврокомесарка, јас и моите колеги ќе направиме сѐ што можеме за да не увезуваме билатерални прашања во процесот на проширување – порача Кос на испрашувањето.
Ова повторно наметнува една друга дилема, а тоа е дека дури Македонија и да ги направи уставните измени, утре ЕУ повторно ќе застане во одбрана на земја членка ако таа продолжи да ја опструира земјава за какви било причини што не се поврзани со Критериумите од Копенхаген, како што сега ја поддржува Бугарија. Прашањето што си го поставува македонската јавност е дали ова значи дека Македонија е осудена на нерамноправна борба за одбрана на сопствените национални интереси бидејќи позициите на земја членка секогаш ќе бидат во прв план, без оглед на нивната апсурдност.
Впрочем, кандидатката за комесар за проширување јасно истакна дека ЕУ во процесот на преговори има многу алатки како да им помогне на земјите кандидатки, но и на земјите членки да постигнат решение.
– Недоразбирањата треба да ги надминеме врз основа на нашите вредности – истакна Кос. Клучната дилема е зошто, ако проблемите треба да се надминуваат врз основа на европските вредности, се одобруваат решенија што се во насока на асимилација и негација на цел еден народ, неговиот јазик, неговата историја и култура. Зошто ЕУ зборува за „европски вредности“, кога во депото во Брисел стои бугарска изјава со која не признаваат јазик на еден народ? За какви вредности тогаш станува збор, ако на маса се идентитетски, јазични и историски прашања?

Песимистички оптимизам

Она што предизвикува посебен интерес е изјавата на кандидатката Кос околу процесот на проширување, во кој зборува за брз прием на Црна Гора и Албанија во Унијата.
– Можеме да ги завршиме пристапните преговори со Црна Гора до 2026 година, а со Албанија до 2027 година – нагласи Кос.
Прашањето што се наметнува по ваквите оптимистички изјави е дали тогаш и Македонија ако ги направи уставните измени може да стане членка на ЕУ до 2027 година заедно со Албанија бидејќи буквално до вчера беше во истиот пристапен пакет? Дотолку повеќе што Македонија во добар дел од реформите не само што е понапред од Албанија туку е понапред и од Црна Гора, така што клучната дилема е дали уставните измени се доволни или, пак, ЕУ е свесна дека Бугарија нема да запре со условувањата и земјава, па затоа не ја става во ниту една комбинација за скоро членство. С.Т.