Архива: „Нова Македонија“

Чистата и здрава животна средина е огледало на секоја држава и секое општество, а ако Македонија се оценува според овој критериум за напредок во евроинтеграциите, тогаш уште сега си го има ставено најголемото вето во преговорите со Европската Унија. Ако уставните измени се реална пречка во пристапниот процес и се надвор од Копенхашките критериуми, нејасно е зошто не се исполнуваат оние основни критериуми што зависат исклучиво од нас, како здрава и чиста животна средина ослободена од смет, отпадни материи и од загадувања што го контаминираат воздухот.
Можеби за една сеопфатна борба со загадувањето се потребни подолг временски период и сериозни инвестиции, но за решавање на проблемот со базичното загадување, како што се сметот од домаќинствата и расфрланото ѓубре и шут низ градовите и покрај патиштата, освен разбудена човечката свест и одговорен однос на надлежните комунални претпријатија, не е потребно ништо друго

Има работи што зависат исклучиво од нас

Чистата и здрава животна средина е огледало на секоја држава и секое општество, а ако Македонија се оценува според овој критериум за напредок во евроинтеграциите, тогаш уште сега си го има ставено најголемото вето во преговорите со Европската Унија.
Ако уставните измени се реална пречка во пристапниот процес и се надвор од Копенхашките критериуми, нејасно е зошто не се исполнуваат оние основни критериуми што зависат исклучиво од нас, како здрава и чиста животна средина ослободена од смет, отпадни материи и од загадувања што го контаминираат воздухот.
Можеби за една сеопфатна борба со загадувањето се потребни подолг временски период и сериозни инвестиции, но за решавање на проблемот со базичното загадување, како што се сметот од домаќинствата и расфрланото ѓубре и шут низ градовите и покрај патиштата, освен разбудена човечката свест и одговорен однос на надлежните комунални претпријатија, не е потребно ништо друго.

Граѓаните се жалат на нехигиената, дел се и самокритични

Граѓаните реагираат на нехигиената низ градовите, а алармираат и на лошата хигиенска состојба покрај клучните сообраќајни артерии низ земјата.
– Хигиената е на најниското ниво од самостојноста на државата до денес. Сметот од двапати во неделата почна да се собира по еднаш неделно. Кантите ни се преполни, па принудени сме дел од ѓубрето да го оставаме покрај кантите за смет. Наутро тоа ѓубре е развлечено од мачките и уличните кучиња низ улиците, така што сликата е крајно гнасна. Во неколку наврати ги прашавме комуналците зошто редовно не го собираат сметот како досега, тие се правдаат дека камионите им се дефект, па ист камион еден ден вози во една населба, друг ден во друга и затоа има нарушување на динамиката на собирање на сметот. Некои граѓани го ставаат ѓубрето во автомобил и го носат во првиот празен контејнер што ќе го начекаат, оние, пак, неодговорните, го фрлаат каде што ќе стигнат, само подалеку од нивниот двор. Тоа е сликата на скопските населби изминатиот период – вели Никола Лазаревски од скопско Пржино.
Реагираат и оние што минуваат стотици километри зад воланот, како во градовите така и надвор од нив.
– Возам секој ден, почесто низ Скопје, а повремено и низ државата. Она што можам да го констатирам е високата граѓанска некултура. Нема ден, а да не забележам на некој скопски семафор како некој фрла догорче преку прозорец, како се ослободува од празната амбалажа од она што го јадел или пиел од возилото право на асфалтот. Во два-три наврата звучно ги опоменував, но наидував на грст навреди и пцости дека тоа не било моја работа. Се работи за класичен страшен дефицит на одговорност, неедуцираност, ниско ниво на воспитување… Слична е состојбата и по автопатиштата и другите сообраќајници. Трева, гранки, а меѓу нив пластични шишиња, салфетки, ќесиња, разна друга амбалажа, небаре човек вози низ некоја депонија, а не по главниот европски коридор. На прагот сме на летната туристичка сезона кога милиони туристи ќе транзитираат низ земјава, а впечатокот што ќе го понесат за Македонија ќе биде поразителен. Впрочем, и онака сите кажуваат дека Македонија е убава, но многу валкана – се надоврзува Бојан Крстевски, професионален возач од Скопје.
Забелешки има и за хигиената и во нашите најпознати туристички места, кои наместо да бидат чисти и уредни, претворени се во депонии.
– Минатото лето бев во Лагадин и она што го видов едноставно ме одвраќа од помислата повторно да одам таму на одмор. На плажата немаше ниту една канта за отпадоци, а присутните фрлаа догорчиња насекаде, ја оставаа амбалажата на песокот, па дури и пелените на малите деца ги туткаа и ги оставаа меѓу песокот. Кон крајот на денот, кога ќе си заминеа од плажата, остануваа купишта смет, кои никој не ги чистеше. Нема никаква дилема дека граѓаните се неодговорни, но и за оние одговорните немаше можност каде да го фрлат сметот. Тие си го собираа во ќесе што си ја носеа и го земаа со себе, па потоа веројатно бараа канти каде што ќе можат да го фрлат – го раскажа своето минатогодишно летно искуство Кристијан Павлов.

Едукација од најмали нозе и добра комунална инфраструктура за помалку смет

Екологистите тврдат дека состојбата со сметот во градовите и низ државата не била никогаш поалармантна и наместо низ годините да се развива еколошката свест кај луѓето, таа уште повеќе се намалува.
– Има неколку аспекти што водат до ваквите состојби да имаме толку смет расфрлан наоколу и да немаме решение за тој проблем, кој инаку е лесно решлив. Прв аспект е исклучително високата некултура кај луѓето. Значи, ако нема канта за смет, не значи дека сметот треба да се остави наоколу, туку да се собере и да се понесе со себе. Секој да си го земе сметот што го направил. Нема свест кај луѓето дека кога фрлаат пластичен отпад, тој ќе остане во почвата стотици години, ќе биде константен загадувач. За да се смени овој ментален склоп кај граѓаните, нужно е да почне едукација уште од најмала возраст, почнувајќи од децата во градинка, па до факултет. Компонентата еколошко образование мора да биде многу повеќе присутна низ целиот образовен процес, сѐ додека таа личност не биде зрела и подготвена да одговори на современите барања на општеството за заштита на животната средина. На образовниот процес треба да се придодаде и домашното воспитание. Родителите од најмали нозе треба да ги учат децата како да се однесуваат со сметот, каде треба да го фрлаат, а каде не. Кога овие две компоненти, едукацијата на децата во образовните установи и домашното воспитание ќе се применат истовремено, несомнено ќе добиеме многу еколошки посвесни генерации – велат еколозите.
Според нив, друг аспект е лошата инфраструктура, која придонесува сметот да биде расфрлан насекаде.
– Со години се најавува проектот за селекција на отпадот по домаќинствата, но никако да заживее. Ако секое домаќинство дома посебно фрла пластика, посебно хартија, посебно лименки и друг тип смет, тогаш загадувањата ќе бидат помали. Низ градовите треба да има поставено сериозна мрежа за отпад, почнувајќи од канти за смет на помали растојанија, локалните власти да ги зачестат акциите за собирање електронски и кабаст отпад, да им се понуди можност на граѓаните за собирање и на градежниот шут, така што ќе постои еден континуиран систем во кој отпадот постојано ќе биде собиран и на тој начин неодговорните граѓани нема да го расфрлаат наоколу. Јавните комунални претпријатија мора да добијат посовремена опрема, почнувајќи од камиони за смет, за чистење на улиците, редовно измивање на сообраќајниците, регулирање на уличните кучиња да не го развлекуваат сметот и слично. Ако ништо друго, треба да ги прекопираме искуствата, еве од Швајцарија да речеме, и да почнеме да ги применуваме. Како нашите луѓе кога се некаде надвор се одговорни и не фрлаат ѓубре наоколу, а тука се однесуваат како ова да е депонија? Ако можат надвор да бидат одговорни, треба дома да бидат уште поодговорни – нагласуваат еколошките активисти.
Тие уште сметаат дека ако системски не се постават работите, преку издигање на свеста на граѓаните и воспоставување добра инфраструктура, тогаш како последна алатка треба да биде и казнената политика.
– Ако не помага ниту едукација, ниту поставени канти за смет, па некој упорно продолжува да фрла ѓубре насекаде, тогаш треба да биде удрен по џебот, за конечно да сфати дека не може поради неговата неодговорност да страдаат сите граѓани. Крајно време е државата да ја претвориме во чисто и пристојно место за живеење. Барем таа работа зависи исклучиво од нас – заклучуваат еколошките активисти, кои најавуваат дека во следниот период ќе организираат континуирани трибини низ училиштата за будење на свеста кај најмладите за важноста од одржување чиста средина.


„Амфора“ редовно го чисти Охридско Езеро, а граѓаните редовно го полнат со смет

Потребни се повеќе еколошки акции, едукација и правилно управување со отпад за да се намали цврстиот отпад што нуркачите преку низа акции го вадат од дното на Охридско Езеро. Најкритични точки се оние каде што се влеваат реките во езерото, беше потенцирано на неодамнешната акција за чистење на дното на Охридско Езеро, „Охрид еко 2025“, во организација на нуркачкиот клуб „Амфора“.
Автомобилски гуми, отпад во форма на пластика, стакло, лименки и најразличен вид градежен шут извадија нуркачите од дното на Охридско Езеро.
Стотина нуркачи од земјата, но и клубови од регионот се вклучени во акцијата за чистење на дното на Охридско Езеро на потегот од вливот на реката Черава кај Љубаништа, па сѐ до Калишта во Струга, вклучувајќи ги и Заливот на Коските, кампот „Градиште“ и градското пристаниште.
Целта на акцијата беше да се извади цврстиот и штетен отпад од езерото и да се влијае на јавната еколошка свест на охриѓани и на туристите.
Инаку, меѓународната акција под наслов „Охрид еко 2025“ се организира четврта година по ред.


Проект за собирање и селекција на пластичен отпад

Здружението „Ино тех клуб“ – Штип отвори центар за собирање и селекција на пластичен отпад лоциран во Нетавиле, во непосредна близина на кампусот на техничките факултети. Оваа активност е дел од проектот „Рециклиран филамент за 3Д-печатење“, кој се реализира преку програмата „Екосистем за екоиновации и циркуларна економија на Западен Балкан“ (EICEE – Western Balkan Eco-Innovation and Circular Economy Ecosystem) – проект кофинансиран од Европската Унија и од Владата на Црна Гора.
Во овој центар ќе се собираат четири типа отпадна пластика, со која тимот истражувачи предводени од професор д-р Игор Јорданов од Технолошко-металуршкиот факултет ќе вршат прототипирање на рециклираниот филамент за 3Д-печатење.
– Отпадот не е ѓубре, туку суровина што со знаење и соодветна технологија може да стане вреден и корисен производ. Горди сме што нашата иновативна идеја за производство на филамент за 3Д-печатачи од рециклирана пластика беше препознаена во рамките на проектот „Екосистем за екоиновации и циркуларна економија на Западен Балкан“, кој е кофинансиран од Европската Унија и од Владата на Црна Гора. Потребното количество пластичен отпад, односно суровина, ќе го собираме овде во Нетавил каде што отвораме центар, но и со помош на „Пакомак“, кој е наш партнер во овој сегмент. Прототипирањето на рециклираниот филамент се одвива во лабораторијата „Ино фаб лаб“ на Технолошко-металуршкиот факултет каде што наедно ќе се тестираат и употребните перформанси на добиените рециклирани филаменти. Крајната цел ни е да добиеме целосно функционален производ што ќе биде квалитетна и еколошки прифатлива замена на филаментите за 3Д-печатење добиени од нерециклирана пластика – изјави професор д-р Игор Јорданов, кој е лидер на овој проект.


Генералка викенд“ чистеше 500 локации низ државата

Тридневна акција се одвиваше пред неколку дена во чии рамки над 20.000 волонтери ја чистеа државата на повеќе од 500 локации во сите општини, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети и волонтери и национални паркови.
Над 250 волонтери го исчистија од ѓубре скопскиот акведукт, културно наследство од 6 век, за време на националната акција за собирање отпад „Генералка викенд“. Станува збор за волонтерска кампања од граѓани за граѓани, организирана од „Мен енд маунтен“, со помош на повеќе компании.
– На отпадот не му е местото на улица или во природа. Министерството за животна средина и просторно планирање ги поддржува сите акции во кои се покажува силна иницијатива, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и за следните генерации. На нашиот пат кон Европа треба да се однесуваме европски – изјави првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.