Фото: Принтскрин

Програмата за главниот град треба да произлегува од потребите и проблемите на граѓаните со цел да се задоволат елементарните услови за функционирање. Оваа програма ќе биде изработена прецизно и темелно, со рокови, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопјена ВМРО-ДПМНЕ  за претстојните локални избори Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски остварил средби со граѓани и прибира идеи за креирањето на програмата и, како што кажа, според него, единствен и правилен начин да се креира програма е да се слушнат изворно граѓаните и од нив да потекнуваат идеите и предлозите.

Во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија најави дека ќе има развојна стратегија, според која ќе има постојано обновување на возниот парк.

– Многу е важно да имаме сериозен пристап на долг рок. Сега сме во фаза на изготвување на програмата, која што ќе биде темелно изработена, ќе биде прецизно со рокови и ќе ги содржи решенијата за најгорливите проблеми. Особен фокус ќе има тоа што значи задоволување на елементарните услови за функционирање на нашите сограѓани – рече Ѓорѓиевски.

Потсети на неговите теренски посети низ општините во Скопје, а за состојбите во јавните градски претпријатија, како ЈСП „Скопје“ и „Комунална хигиена“ рече дека процесите треба да се планираат долгорочно. – Во топ 5 приоритети на граѓаните е токму ЈСП „Скопје“ и неговата нефункционалност. Она што треба ние да го промениме е да има состојба на долг рок, да се планираат сите процеси во градот. Да не се доведува претпријатие во колапс. Истото важи и за комунална хигиена, истакна Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски се осврна и на состојбата со пожарите во земјава и притоа истакна дека има доверба во институциите.

– Многу одговорно на територија на Скопје, Противпожарната бригада ја врши и совесно својата работа. Одговараат навремено на ваква појава и благодарение на нив спречени се многу непријатни ситуации изминатиов период. Треба модернизација и на опремата која што ја поседуваат пожарникарите. Треба законски регулативи да се донесат и да се променат.  Верувам во институциите во моментов и верувам дека правдата ќе излезе на виделина – рече Ѓорѓиевски.