Фото: Официјален фејсбук-профил на Орце Ѓорѓиевски

Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, имал средба со Изет Меџити и Башким Бакиу од Коалицијата ВРЕДИ од кои, како што објави на Фејсбук, добил искрена и силна поддршка за вториот круг од локалните избори.

– Подадена рака! Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и со кандидатот за градоначалник на Скопје од Коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу. Од нив добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје, поддршка која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред. Благодарам на сите кои ја препознавте визијата, дадовте доверба и избравте иднина за Скопје. Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него. Скопје го правиме заедно. По скопски! Победата ќе биде историска – напиша Ѓорѓиевски на својот фејсбук-профил.

Во вториот круг на локалните избори, на 2 ноември, противкандидат на Ѓорѓиевски за градоначалник на главниот град ќе му биде Амар Мециновиќ од Левица.