Повеќе од стотина граѓани, случајни минувачи во центарот на градот (Капиштец), кои ги анкетиравме, унисоно велат дека на 31 јануари (петок) нема да пазарат, ќе ги бојкотираат маркетите и ги повикуваат другите граѓани во Скопје и државава да покажат дека граѓанските иницијативи се необоени, наднационални, надконфесионални, натпартиски…, дека иницијативата треба да демонстрира граѓанска сила и единство, токму кога и индивидуалните и колективните права за подобар живот, за подобар стандард, семеен и поширок просперитет и благосостојба треба да се дигнат на пиедесталот на највисоките приоритети
ЗА ДЕНЕСКА НАЈАВЕН БОЈКОТ НА МАРКЕТИТЕ:
Анкетираните граѓани што ќе бојкотираат велат дека една поединечна акција не е доволна, туку е потребно почесто да има бојкоти. Објаснуваат дека повеќето производи што редовно ги набавуваат се поскапени во однос на лани. Повикуваат државата да се придружи, на свој начин, со педантни контроли и со ново ограничување на цените на намирниците.
– Да, јас ќе бојкотирам. Однапред ќе си купам храна, не мора во петок. Попусто најавуваат дека цените се намалени, кога трговците во маркетите манипулираат и со граѓаните и со контролите, па цените остануваат исти, дури и повисоки. За маслото за јадење имам забележано дека поскапе – објаснува Зорица Петковска, граѓанка.
Друга граѓанка со која разговаравме нема да го почитува бојкотот.
Некои дури даваат порадикални предлози дека маркетите треба да се бојкотираат цела недела.
– Би требало да се бојкотира подолго. Треба и друг ден да се бојкотира. За почетокот мислам дека ќе биде послабо, мислам дека луѓето нема да се единствени. Гледам дека маркетите се преполни. Поскапено е млекото за деца – додава Габриела Јовановска, граѓанка.
Пензионерите, кои ги имаше зачестено во центарот на градот во периодот на анкетирањето, исто така беа категорични дека бојкотот мора да даде ефект и дека граѓаните треба да бидат упорни.
– Треба бојкот и построги мерки, затоа што многу претераа. Кашкавалите се поскапени, мислам дека не се достапни за сите. Треба подолго да се бојкотира, една недела барем да трае бојкотот. Ако власта нема слух за обичниот народ, ние мора да покажеме револт, затоа што многу нè газат – вели Гордана Милошевска, граѓанка.
Друг пензионер вели дека власта мора да ги ограничи цените, а трговците ако не го почитуваат тоа, да бидат казнети.
– Бојкотот не е решение, туку треба да се ограничат цените, да има намалување за 10-15 отсто, а кој не почитува, да дојдат, да му стават катанец еден месец, зашто вака ништо не се прави. Ова не е решение. Кафето е доста поскапено. Цената на лебот не е намалена, многу артикли се поскапени – додава Перо Илиќ, пензионер. Тие резигнирано додаваат дека трговците спроведуваат нефер практики и секогаш изнаоѓаат различни форми и начини со кои се неколку чекори и пред граѓаните и пред државата, па прават екстра профити на различни начини, со што излегуваат поитри на пазарот.
Меѓу пензионерите, кои најгласно ја критикуваат висината на цените, има поддршка за ваквиот активизам.
– Го поддржувам бојкотот. Дај боже тоа да влијае да ги намалат цените. Лично јас не пазарувам во големите маркети. Штом ја земам пензијата, веднаш правам набавка на основни продукти за цел месец, а во другите денови купувам само леб и зеленчук, сето тоа од маалско дуќанче. Поддржувам да се крене гласот на граѓаните, ама мислам дека поважни се инспекторите. Тие треба да утврдат кој какви игри игра со цените – вели пензионерка.
Нејзината пријателка не очекува ефекти од бојкотот.
– По петок, ќе дојде сабота, и пак ќе биде по старо – смета таа. Акцијата ја доживува само како еден вид колективна терапија, повеќе колку да се покаже дека граѓаните имаат став и глас.
По најавите за денешниот бојкот на маркетите, поради екстремно високите цени на производите, вриеше од коментари и на социјалните мрежи.
– Треба бојкот и на сендвичари, збеснаа со цените, хамбургер е 300 денари, претераа – е еден од твитовите објавени деновиве.
– Бојкотот на маркетите е добар начин да се избориме со ова лудило – е друг коментар на Твитер.
– Повикуваме на масовен бојкот. Воздржете се од купување во големите маркети, избегнувајте ги помалите маркети. Сакаме да испратиме порака дека граѓаните нема да ги толерираат овие нереални поскапувања – велат поттикнувачите на бојкотот на социјалните мрежи. Е.Р.
Контрареакција на трговците и трговските синџири: Најава за затворени маркети поради „попис“, а кај оние што ќе работат, најава за попусти и „акции“
Трговски контрабојкот за потрошувачите
Најавата за денешниот граѓански бојкот на маркетите ги натера сопствениците и менаџерите на синџирите супермаркети да нудат форми и облици на пазарот со кои ќе го амортизираат или ќе го елиминираат ударот на акцијата на граѓаните за бојкот за купување во нивните продавници или маркети.
Имено, менаџерите на некои трговски синџири ни најавија „контраудар“ со спроведување т.н. акции (распродажба), со кои „значително“ ќе се намалат цените на најосновните производи. Натаму, дел од нив решија да прават попис додека трае бојкотот…
На пример, еден бренд од големите трговски синџири прво ги извести своите членови дека најдоцна до утре, 31 јануари, кога ќе има бојкот, можат да ги искористат неискористените поени собрани во 2024 година на своите поен-картички. Во спротивно, поените ќе бидат избришани. Потоа истиот бренд официјално објави на социјалните мрежи дека „значително ќе се намалат цените, и тоа баш на најпотребните производи“, а високите цени ги одбрани со фактот што најголем дел од производите се увезуваат и крајната цена зависи од увозните цени. Такви се примерите со кафето и какаото, кои на светските берзи бележат раст до 30 отсто. На слична акција се реши и уште еден голем бренд од трговски синџир.
– Направените анализи во последните четири месеци од 2024 година покажуваат зголемување од 9 отсто на просечните набавни цени во однос на истиот период во 2023 година. Дополнително, дел од трговските синџири објавија дека како резултат на одличната соработка со банките, при пазарувањето во нив, купувачите имаат можност да плаќаат на рати без камата, што е дополнително олеснување на месечниот буџет – истакнуваат оттаму.
Уште еднаш, за издвојување е дека дел од маркетите, неофицијално, ќе прават годишен попис и на тој начин „трговците ќе направат контрабојкот на потрошувачите“.
Дел од менаџерите во маркетите велат дека не правеле зголемени нарачки вчера, за со евентуалното намалено пазарење да се „премости“ бојкотот.
Вчера, ден пред денешниот бојкот, во маркетите немаше зголемена продажба.
За издвојување е дека дел од анкетираните трговци велат дека и без бојкотот од Нова година наваму, прометот им е намален за дури 70 проценти. Тие велат дека граѓаните се истоштени од многуте празници, а јануари е најдолгиот и најтежок месец. Според нив, бојкотот ќе има успех и поради фактот дека најголемиот дел од пензионерите ќе земат пензија на 3 февруари. Поради ова на социјалните мрежи се појавија повици „бојкотот да трае до 3 февруари, бидејќи немало пензии“. Е.Р.