Недовербата за германскиот канцелар Шолц би претставувала последен чекор во политичката криза што почна во ноември со гаснењето на владината семафор-коалиција, а се очекува да кулминира со предвремените избори на 23 февруари. Треба да се истакне и дека ваквата предвидлива состојба се должи на германскиот устав, односно на низата одредби наменети да осигурат дека падот на владата ќе помине уредно и со што помалку потреси!
Системски менаџирана политичка криза во Германија
Ретко која држава може да го кореографира колапсот на владата макотрпно, што побавно и плански како што тоа го прави Германија во моментов, пишува европското издание на магазинот „Политико“, во пресрет на гласањето за доверба на германскиот канцелар Олаф Шолц во парламентот што е предвидено за понеделник, а кое речиси извесно е дека тој ќе го загуби. Недовербата за Шолц би претставувала последен чекор во политичката криза што почна во ноември со гаснењето на владината семафор-коалиција, а се очекува да кулминира со предвремените избори на 23 февруари, како што наведува реномираниот медиум. Треба да се истакне и дека ваквата предвидлива состојба се должи на германскиот устав, односно на низата одредби наменети да осигурат дека падот на владата ќе помине уредно и со што помалку потреси.
Кој е следниот чекор?
Кога Шолц ќе се соочи со германскиот Бундестаг в понеделник, се очекува мнозинството од 733 пратеници во земјата да изгласа недоверба во политичарот од левиот центар. Губењето на гласовите е процедурален и неопходен чекор за да се отвори патот за предвремени избори, откако минатиот месец падна трипартиската коалиција на Шолц.
За време на седницата в понеделник, Шолц најпрво треба да даде 25-минутна изјава, во која се очекува да ги наведе причините за свикување на гласањето. Неговиот говор ќе биде проследен со парламентарна дебата, која ќе трае околу два часа, по што пратениците ќе се упатат кон штандовите за да ја повлечат или да ја потврдат својата доверба во канцеларот.
Дали исходот е предодреден?
Многу веројатно е дека Шолц ќе ја загуби довербата по гласањето – на што тој исто така се надева.
Единствената партија што може да направи нешто непредвидливо е АфД, која е позната по своите неочекувани тактички потези во претходните гласања. Некои од нејзините пратеници веќе рекоа дека планираат да го поддржат Шолц бидејќи се плашат оти следниот канцелар што се очекува да биде именуван, Фридрих Мерц од централнодесничарската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), би можел да ја втурне Германија во војна со тоа што ќе биде посилен поддржувач на Украина отколку што беше Шолц.
АфД моментално е на второ место според рејтингот, што веројатно ќе ја направи најголема опозициска сила по изборите – така што има интерес да го распушти парламентот.
Во секој случај, лидерите на парламентарните групи на зелените изгледаат подготвено да ги неутрализираат можните десничарски изненадувања со тоа што ќе ги повикаат нивните пратеници да се воздржат од гласањето. Тоа значи дека дури и ако сите пратеници на АфД и парламентарната група на Шолц го поддржат канцеларот, мнозинството сепак би било далеку.
Што ќе се случува понатаму?
Ако Шолц го изгуби гласањето, тој в понеделник попладне ќе му предложи на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер да го распушти Бундестагот, како што изјави самиот канцелар.
– Ако претседателот го следи мојот предлог, гласачите ќе можат да изберат нов Бундестаг на 23 февруари. Тоа е мојата цел – истакна Шолц, кој заедно со неговата малцинска влада, која ги вклучува неговата централнолевичарска Социјалдемократска партија и зелените, во меѓувреме ќе остане на власт во полн капацитет.
Но, бидејќи Шолц нема мнозинство во парламентот, што е неопходно за носење закони, и се очекува наскоро да не биде носител на премиерската функција, тој се смета за неефективен, како дома така и во странство, како што посочува „Политико“.
Предупредување до Германците да се подготват за можни прекини во снабдувањето со електрична енергија
Германската Федерална канцеларија за цивилна одбрана и служби за вонредни состојби ги повика жителите во Германија да се подготват за долги прекини на струја.
– Апелирам до граѓаните: подгответе се за вонредни ситуации, може да дојде до долг прекин на електричната енергија – изјави потпретседателот на надлежната канцеларија Рене Функ, додавајќи дека ризиците иако имаат мал степен на веројатност, сепак се можни, поради кризите во т.н. „критична инфраструктура“ од странство. Р.С.
Како би изгледала следната влада на Германија?
ЦДУ на Мерц и нејзината баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија во моментов водат во анкетите со голема разлика, со поддршка од 32 отсто. Тоа е двојно повеќе од она што се очекува да го добие СПД на Шолц, која е веднаш зад АфД, на третото место. Со оглед на тоа што конзервативците ќе победат на очекуваните избори во февруари, големото прашање е кој ќе стане нивен помал коалициски партнер и дали таа партија (најверојатно СПД или зелените) ќе биде доволно силна за да овозможи двопартиска коалиција. Поради подемот на АфД и создавањето на новата популистичка левичарска алијанса БСВ на Сара Вагенкнехт, трипартиските коалиции – кои се невообичаени во повоена Германија и имаат тенденција да бидат понестабилни, сега би можеле да станат сѐ повообичаени. Р.С.
Менаџментот на германскиот индустриски гигант „Тисен круп“
објави план за затворање на 11.000 работни места
Се крши ’рбетот на германската индустрија
Непосредно пред божиќните празници, на крајот на месецов, менаџментот на германскиот индустриски гигант „Тисен круп“ објави план за затворање на 11.000 работни места во секторот за производство на челик. Од нив, 5.000 работни места ќе бидат укинати, а 6.000 работници ќе се преселат. Од вкупно 27.000 вработени, ова би влијаело на повеќе од една третина од работните места во „Тисен круп“.
Целосно ќе биде затворена фабриката во Кројцтал-Ајхен, во покраината Северна Рајна-Вестфалија, каде што дополнително се обработува челикот. „Тисен круп“ има намера и да го намали капацитетот за производство на челик во Дуисбург од 11,5 на околу девет милиони тони. Затоа концернот планира да ја продаде својата фабрика за челик ХКМ во Дуисбург. Доколку продажбата не е можна, постои и закана од затворање. Покрај тоа, фабриката во Бохум ќе биде затворена порано од планираното – веќе во 2027 година наместо во 2030 година.
„Тисен круп“ е најголемиот производител на челик во Германија и само една од многубројните компании во Германија што во моментов планираат да го намалат бројот на вработени. Меѓу нив се производителите на автомобили „Фолксваген“ и „Форд“, како и технолошкиот концерн „Бош“. Р.С.