Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Берлин ја напушта пасивноста, но внатрешните политички турбуленции го отвораат прашањето дали Балканот ќе напредува по заслуги или ќе остане во сенка на геополитичките приоритети

Во момент кога Европската Унија повторно ја отвора дебатата за сопственото проширување, сигналите од Берлин стануваат сè погласни и посуштински. Анализата „Следното проширување на Европа“, објавена во угледното германско гласило „Интернационале политик квотерли“ на 18 март 2026 година, открива дека Германија влегува во нова, проактивна фаза – но со сериозни внатрешни дилеми и контрадикции. За земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, оваа промена носи и надеж, но и неизвесност.

Крај на германските калкулации и тактизирања со проширувањето?

Со години, германската политика кон проширувањето беше претпазлива, речиси резервирана. Но, според анализата, тоа веќе не е случај. Главните институции – Министерството за надворешни работи, Канцеларијата на канцеларот и Бундестагот – започнале поинтензивна координација. Овој пресврт не е случаен. Во заднина стои новата реалност на Европа, обликувана од војната во Украина и од зголемената геополитичка конкуренција. Проширувањето не се гледа повеќе само како технички процес туку како инструмент на безбедност и стабилност. Токму затоа, германските функционери сè почесто го користат терминот „геополитичка логика“.

Геополитика vs. Копенхашки критериуми

И тука се појавува суштинската дилема. Од една страна, Берлин инсистира дека Копенхашките критериуми – владеење на правото, демократски институции и функционална пазарна економија – остануваат темел на процесот. Од друга страна, постои јасна политичка волја за забрзување на пристапувањето на Украина. Овој „двоен колосек“ го отвора прашањето дали ЕУ ризикува да воведе де факто политички приоритети наместо строго мерит-систем? За земјите од Балканот, кои со години се движат низ бавен и често фрустрирачки процес, ова е чувствителна точка. Перцепцијата дека некои држави добиваат забрзан третман може дополнително да ја еродира довербата во европскиот процес.

Нови идеи од Германија: Постепена интеграција наместо чекање

Еден од најинтересните аспекти во анализата е отвореноста на Германија кон „иновативни елементи“ во процесот на пристапување. Станува збор за концепт на постепена интеграција – модел во кој кандидатите би добивале пристап до одредени политики, фондови и институции на ЕУ уште пред полноправното членство. Ова би можело да значи учество во заедничкиот пазар во одредени сектори, пристап до европски фондови или некакво вклучување во безбедносни и енергетски политики. Но клучната порака од Берлин е дека целосното членство останува крајна цел, а не автоматска последица.

Внатрешната германска политика како клучен фактор

Иако надворешната политика сигнализира нова динамика, вистинската неизвесност доаѓа од внатрешната сцена. Канцеларот Фридрих Мерц и министерот за надворешни работи се од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), што ѝ дава доминантна улога на оваа партија во креирањето на политиката за проширување. Но влијанието на сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) внесува скепса. ЦСУ бара прво внатрешни реформи во ЕУ и детална буџетска анализа пред ново проширување. Во исто време, растот на Алтернатива за Германија (АфД) ја менува политичката равенка. Нивната порака „Германија на прво место“ директно се коси со идејата за брзо проширување.

Дали изборните резултати ќе ја сменат насоката?

Неочекувано добрите резултати на Социјалдемократска партија на Германија (СДП) во неколку покраини внесуваат нова димензија. Иако формално имаат помало влијание во владата, нивниот политички капитал расте. Ова може да значи поголем фокус на социјалните и институционалните стандарди, посилен акцент на владеењето на правото и можно балансирање на геополитичкиот пристап. Сепак, клучниот притисок врз Мерц доаѓа од десно – од АфД и од делови на ЦСУ. Токму таму лежи ризикот германската политика да стане поинтровертна. Во анализата од пред три дена со наслов „Избори во Рајнска Област-Пфалц: АфД постигнува рекорден резултат во Западна Германија“ „Еуроњуз“, покрај другото, напиша: „Ова е најдобриот изборен резултат на AфД во една западна германска покраина. Скокот на АФД од повеќе од единаесет поени е впечатлив. Ова веројатно ќе биде најдобриот резултат на десничарските популисти на покраинските избори во Западна Германија и тие се позиционираат во овој момент веќе како силна опозициска партија“.

Што значи ова за Македонија и Балканот?

За Македонија и регионот, пораката е двојна. Од една страна, постои реална можност за забрзување на процесот, особено ако ЕУ прифати нови форми на постепена интеграција. Од друга страна, останува силна потребата од строго почитување на Копенхашките критериуми, нешто што Берлин експлицитно го нагласува. Најважната поука е дека прозорецот на можности е отворен, иако не и загарантиран. Но силно се забележува дека Германија е на крстопат. Таа денес се обидува да најде рамнотежа меѓу две визии за Европа, една заснована врз вредности и правила, а другата водена од геополитички интереси. Исходот од оваа дебата ќе ја одреди не само судбината на Украина туку и иднината на целиот Западен Балкан. За Македонија, изборот останува јасен!
Продолжување на длабоките реформи, институционално созревање и доследност и, се разбира, резултати, кои на економски план веќе ги има, но надворешните притисоци и нив ги загрозуваат. Но прашањето што останува да виси во воздух е дали и самата Европска Унија ќе остане доследна на сопствените правила? Германија можеби ја увидува својата глупост на повеќе нивоа, но за Брисел тоа сѐ уште не е на повидок.

Автор: Свето Тоевски