Нови воено-нуклеарни амбиции на членки на Европската Унија
Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави во јавноста дека „Германија би можела да развие нуклеарно оружје во рок од неколку месеци, доколку е тоа политички определено“.
Со отворањето на оваа тема, Гроси отвори низа прашања поврзани со нуклеарното оружје.
За да ја пополни безбедносната празнина, Германија има четири опции…
„Волстрит џурнал“ во своето издание пишува дека „главните промени во надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп ја принудуваат Европа итно да разгледа алтернативи во одбраната. Според нивната анализа, „тоа ги принудува Германците да размислуваат за развој на нуклеарно оружје, нешто што САД долго време сакаа да го избегнат“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно изјави дека ќе работи на тоа неговата земја да ја изгради најсилната конвенционална армија во Европа и повторно да ја направи германската економија „локомотива на раст“. Тој нагласи дека германската влада ќе „ги обезбеди сите средства што му се потребни на Бундесверот за да стане најсилната конвенционална армија во Европа“.
– Нашите пријатели и партнери го очекуваат ова од нас, а и повеќе од тоа – тие всушност го бараат тоа од нас – рече Мерц во тоа време.
Тој исто така рече дека Германија ќе „ги исполни своите обврски“, во интерес на Германија и НАТО. Мерц призна дека безбедноста и влијанието на Германија во светот зависат од „економската сила“ на земјата. Тој оваа зима, пред да ја преземе функцијата канцелар, изјави дека Германија треба да започне разговори за проширување на француската и британската нуклеарна заштита на цела Европа. Во интервју за германски медиуми, на прашањето дали Германија треба да има свој нуклеарен арсенал, Мерц рече дека „денес нема потреба за тоа“. Ова значи дека тој не ја исклучил идејата, посочува весникот.
За разлика од Франција и Велика Британија, Германија се потпираше на американските воени бази на своја територија. Германија го потпиша Договорот за неширење на нуклеарното оружје, кој ѝ забранува да развива нуклеарно оружје и им забранува на другите потписнички на договорот да ѝ помогнат во тоа. Исто така, се откажа од нуклеарното оружје во договор што го отвори патот за повторно обединување. Американското тактичко нуклеарно оружје сега е стационирано во воздухопловната база „Бихел“ во западна Германија, подготвено за употреба од страна на германските воздухопловни сили доколку американскиот претседател издаде таква наредба.
Вашингтон не објави експлицитно дека сака да ги повлече трупите од Европа, но Трамп се обиде да го стори тоа во својот прв мандат. По пресвртот во надворешната политика на Трамп, никаде во Европа чувството на напуштеност не е поопипливо отколку во Германија.
За да ја пополни безбедносната празнина, Германија има четири опции, објасни аналитичарот Кристијан Мелинг.
– Американците продолжуваат да го одржуваат своето нуклеарно одвраќање на европско тло, Европејците го преземаат американскиот арсенал на европско тло, некаква мешавина од двете варијанти и, четврто решение, Европејците да се обидат да го компензираат американското повлекување со конвенционални сили. Сето ова е ризично – рече Мелинг.
Мерц веќе се согласи да се откаже од забраната за задолжување за воени цели минатата пролет. Германскиот конзервативен пратеник Томас Зиберхорн вели дека Русија се заканува со нуклеарна ескалација.
– Ние Европејците мора сериозно да ја сфатиме оваа нуклеарна закана и да се соочиме со неа со нуклеарен одговор. Досега ова го обезбедија САД, а сега разговараме дали можеме да го организираме ова на европско ниво, со Франција и Велика Британија – рече тој.
Германската влада планира да воведе нова форма на воена обврска, која првично би се базирала на доброволна основа, објавија неодамна германските медиуми. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус пред група парламентарни претставници презентираше предлог-закон за доброволна воена служба. Законот предвидува скратена доброволна воена служба од шест месеци, која може да се продолжи по лично барање. Шестмесечниот период овозможува обука на поголем број војници отколку претходната дванаесетмесечна воена служба. За време на оваа скратена воена обука, регрутите би биле подготвени за поедноставни задачи како што е контролирање или чување објекти. Секое продолжување на рокот би донело со себе дополнителен професионален развој.
Писториус планира да го зголеми моменталниот број на Бундесверот на вкупно 460.000 припадници. Експертите веруваат дека Бундесверот нема да може да го достигне потребниот број војници само на волонтерска основа. Затоа има барања во нацрт-законот да се вметне клаузула што би овозможила автоматска транзиција кон задолжителна воена служба во случај доброволната служба да не го опфати потребниот број војници.
И Полска со скриени нуклеарни амбиции
Покрај Германија, и Полска би сакала да има свое нуклеарно оружје и атомски бомби, изјави премиерот Доналд Туск.
– Денес е јасно дека ќе бевме побезбедни ако имавме сопствен нуклеарен арсенал, тоа е несомнено. Во секој случај, патот до тоа би бил многу долг и би морал да има консензус – изјави во јавноста полскиот премиер Туск.
Полска планира да потроши 4,7 проценти од БДП за одбрана оваа година, што е највисок удел во НАТО, а премиерот Туск им рече на пратениците дека воените трошоци треба да се зголемат на пет проценти од БДП. Туск објави дека сака голема и силна армија. Во обраќањето пред парламентот, тој рече дека украинската армија има 800.000 војници, а Русија има околу 1,3 милион. Затоа Туск сака да ја зголеми армијата на 500.000 војници, вклучувајќи ги и резервистите, наместо сегашните 200.000.
Тој вети дека ќе ги објави деталите за новиот план во наредните месеци. Дали овие планови вклучуваат и изградба на нуклеарен арсенал е непознато, но, според воените експерти, тоа не е далеку од такви цели и логика. Р.С.