- Бундестагот ја повлече должничката сопирачка и сега Германија има законско право да се задолжува, пакетот е тежок еден трилион евра. Парите ќе одат главно за воено-одбранбениот сектор, околу 500 милијарди, како и за инфраструктура. Идниот канцелар Мерц го помина стрес-тестот, но дали ја стави цела Европа под стрес?
- Германија сега повлече нога, односно таа тргнува во изнудените измени по јасните пораки од Трамп дека медениот месец на трансатлантското партнерство е завршен. Европа е превртена наопаку. Како ќе се снајде Македонија во овие големи промени?
Хелмут Кол беше канцелар на Германија од 1990 до 1998 година, но и канцелар на Западна Германија од 1982 до 1990 година, лидер на ЦДУ, канцелар што го водел обединувањето на Германија, кој Берлин го направи повторно главен град, прогласен за еден од најголемите и најзначајни политичари на 20 век. Кол има една историска изјава, која денес новите политичари во Берлин, новите лидери на некогаш неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) како никогаш да не ја слушнале. Вака велел Кол: „Русија е најважниот сосед на Германија на исток и така ќе остане“.
Кол имал сосема поинаква визија, која ја потпирал на своето искуство, но и академско знаење базирано на историската наука. За само десетина години политичкиот спектар во Германија е превртен наопаку, Европа е превртена наопаку, а Русија е некаде илјадници километри далеку од срцето и душата на она што некогаш беше во разбирањето на Кол и неговата генерација. Русија денес за политичките елити во Германија и во други членки на ЕУ се смета за главна закана за Германија и нејзината безбедност, но и за безбедноста на Европа. Пријателот стана(л) непријател.
ДОЛЖНИЧКАТА СОПИРАЧКА ПОВЕЌЕ ЈА НЕМА
Историската седница на германскиот парламент, Бундестаг, се случи во понеделникот, кога Фридрих Мерц, лидер на ЦДУ и наскоро и официјално канцелар, обезбеди мнозинство за да помине пакетот што налага смена на Уставот со амандман за да може земјата да ја симне задолжителната сопирачка за задолжување (шулденбремсе). Пакетот, кој е предложен и усвоен со поддршка на поразените на изборите СПД, како и од Зелените, ќе оди до неверојатни задолжувања за германски услови и сфаќања – еден трилион евра. Германија, едноставно кажано, функционира според моделот „колку собрани даноци толку трошење“, по нашински кажано ќе трошиш колку што ти е долга чергата.
Германија реши да раскине со минатото и да тргне во неизвесна иднина, зашто нема искуство со влегување во црвено салдо, кое беше уставно забрането. Германија реши да плови на бродот со ветерот во едрата што дува од Брисел и вели дека Европа мора да се вооружува. А кој ако не Германија, најмоќната економија на континентот. Впрочем, повикот дека мора Европа да стане воено моќна е упатен од шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Германка и поранешна министерка за одбрана. Интересно е да се анализира дека токму земјите од таканаречената германска сфера на интерес (нордиските и балтичките земји) се најгласни во овој европски проект за воено престројување, односно создавање своевидно европско НАТО, кое нема да се потпира на Америка.
СИГНАЛ И КОНТРОВЕРЗИЈА
Повеќе европски медиуми анализираат дека Европа се соочува со можеби најголемиот безбедносен предизвик во нејзината историја, а според министерот за одбрана на СПД, Писториус „затоа и гласањето не може да се одложи… и да се испрати сигнал до земјите што ѝ се закануваат на Европа“. Германија останува на својата основа, а тоа е да биде социјална држава, но ќе настојува да направи исчекор во сериозното заостанување во надградбата на инфраструктурата. Затоа е предвидено „дополнително тенџере“ надвор од буџетот за инвестиции во инфраструктурата и одржливоста, исполнето со 500 милијарди евра заеми. Тие пари мора да одат за патишта и железници во наредните дванаесет години, од кои некои датираат од 1960-тите и 1970-тите. На околу 5.000 моста им треба поправка или дури мора да се урнат и обноват.
Иако има широка поддршка за идејата да се инвестира повеќе во безбедноста, одбраната и инфраструктурата, секако не беше предвидено дека ќе дојде до овој пакет. Не само поради пресвртот на долговите туку и поради неодамнешните изборни резултати. На пример, просто мнозинство во парламентот не е доволно за уставен амандман, кој е потребен за ова. Наместо тоа, потребни се повеќе од две третини од гласовите. Демохристијаните и социјалдемократите, кои сакаат заедно да ја формираат новата влада, немаат доволно пратенички места за ова. И од изборите минатиот месец, Зелените веќе нема да можат да им помогнат да добијат мнозинство. Тоа значи дека е потребна поддршка од радикалната десница АфД или од крајната лева Линке. И така е преземена итна мерка. Наместо да го остави новиот парламент да одлучува за ова, стариот парламент се состана на вонредна седница за брзо да ги протурка овие уставни амандмани пред да се прераспределат мандатите следната недела.
ДАЛИ МЕРЦ „ЛЕГНА НА БРАШНОТО“ НА ШОЛЦ?
Во изборната програма Мерц строго се држеше до старите принципи за нула задолжувања. Но, на крајот ја прифати играта на Шолц дека на Германија ѝ треба итно престројување, дека земјата мора да се позајмува ако сака да оди напред и да биде фактор. Мерц ги предаде принципите на ЦДУ и неговите гласачи и ќе биде интересно да се види како ќе се одрази тоа во иднина. Младите велат дека им се наметнува должнички товар. Во играта се и Зелените, кои ќе добијат околу 100 милијарди за нивната зелена агенда. И ова е еден голем парадокс, не само за Зелените туку за цела Европа – поддржуваат милитаризација, поддржуваат натамошно војување во Украина, каде што се користи огромен арсенал што енормно загадува. Тогаш, за каква зелена агенда овде станува зор?! И дали се ова контурите на новата влада? Веројатно. Прашање е како таа ќе функционира и што ќе значи тоа не само за Германија туку и за Европа.
Во шахот ова се нарекува изнуден потег. Европа, по јасните пораки од Доналд Трамп дека медениот месец во трансатлантските односи е завршен, мора да се менува.
„Измама на гласањето“, оценува најголемиот весник во земјата, десничарскиот таблоид „Билд“. „Мерц го наруши неговиот кредибилитет за неколку дена. Колку вреди неговиот збор?“ е жестокиот коментар. Со овој чекор ЦДУ целосно ѝ се предаде на СПД, пренесува „Велт“ од устата на политичарите на ЦДУ.
За „пораз“ говорат и од младинската партија. Младите на ЦДУ се против плановите, затоа што ги товарат идните генерации со милијарди долгови. „Тоа е исклучително ризична коцка“, вели една од најважните економски советници на германската влада, Вероника Грим. „Мала е шансата ова да заврши добро“.
Министерката за здравство на Баварија, Јудит Герлах, во интервју вели дека „поради заканите од Русија и веројатното повлекување на Америка од безбедносното партнерство, германската влада би требало да се подготвува за потенцијален воен конфликт… тоа значи масивна акција на германскиот здравствен систем и на целото граѓанско општество. Државата мора да постави јасни стандарди и тоа ќе оди и на европско ниво“. Со други зборови, цела Европа да се подготвува за војна!?
Како Македонија би се поставила во пресрет на големите европски промени?
Ако Фридрих Мерц го помина првиот стрес-тест во Бундестагот, сега клучното прашање е дали Берлин ја стави цела Европа под стрес? Одговорот е – тоа е неизбежно. И тоа нема да се однесува само на членките на Унијата туку ќе биде зафатена цела Европа. За тоа каква е атмосферата во Германија најдобро кажува изјавата на министерката за здравство на Баварија, Јудит Герлах, која во едно интервју вели дека „поради заканите од Русија и веројатното повлекување на Америка од безбедносното партнерство, германската влада би требало да се подготвува за потенцијален воен конфликт“. „Тоа значи масивна акција на германскиот здравствен систем и на целото граѓанско општество. Државата мора да постави јасни стандарди и тоа ќе оди и на европско ниво“. Со други зборови, цела Европа да се подготвува за војна!?
Од друга страна, повиците за развој на наменското производство се проследени и со изјавата на францускиот претседател Макрон, кој јавно ги повика сите држави да купуваат француско, италијанско, германско… значи наше оружје, а не американско, кинеско или руско. Развојот на наменската индустрија ја враќа сликата на Европа пред Втората светска војна, „кога сите купуваа топови“. А бидејќи е јасно дека една Франција и сега не може да ги задоволи побарувањата, на пример за нејзините борбени авиони „рафал“, се чека по неколку години, се чини логично парите да се насочуваат кон наменското производство. Тоа ќе биде новото лице на Европа, а Македонија географски спаѓа таму. Неминовно ќе биде и ние да се менуваме, а тоа ќе налага повеќе трошење за одбраната, за армијата, за безбедноста. Од каде пари?
Од друга страна, неминовно ќе биде поставено и прашањето за воениот баланс на силите во Европа. Дали безбедносната архитектура изградена од некогаш силните лидери од Европа, САД, Канада и Русија е нешто што ќе биде минато? Дали смислата на ОБСЕ е загубена?