Европскиот развоен мотор станува генератор на длабока политичка и економска криза
Разврската на длабоката политичка криза, дополнета со сериозни предизвици пред кои е исправена германската економија, се очекува да се случи по предвремените парламентарни избори, кои според сите очекувања би требало да се случат во февруари следната година.
Моторот на Европската Унија, Германија, како што сите ја доживуваа, сѐ повеќе трокира на сите полиња и веќе се видливи знаците на замор, така што ова е последната можност официјален Берлин да се обиде да ги врати политичкото и економското влијание во рамките на Унијата, во спротивно и самиот европски проект полека губи сила.
Веќе во декември се очекува германскиот канцелар Олаф Шолц да побара гласање за доверба на својата влада, со што се отвора патот за предвремени избори во февруари. Неговата трипартиска коалициска влада пропадна минатата недела.
Коалицијата се распадна кога Шолц го отпушти министерот за финансии Линднер по несогласувањата околу тоа како да се заживее колабираната економија. Линднер сакаше да спроведе регулаторен мораториум и да ги намали даноците. Тој, исто така, сакаше да го укине придонесот за солидарност што го плаќаат Германците од западниот дел на земјата за развој на делот од земјата што порано беше Демократска Република Германија, но и да се одложат климатските цели за 2050 година. Сето тоа беше премногу за социјалдемократите на канцеларот Шолц и Зелените, кои исто така се во владата.
Распадот на коалицијата дојде по неколкунеделни внатрешни спорови за тоа како да се поттикне економијата, која до неодамна важеше за економска сила на Европа.
Причините треба да се бараат многу поназад бидејќи германската економија тоне во последните две години како последица на пандемијата на коронавирусот, војната во Украина и конкурентноста на Кина. Распарчената коалиција на Шолц не успеа да најде решение за некои клучни прашања.
Во Берлин исто така не можат да проценат како ќе се одрази на германската економија претстојното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа, инаку, досега педантните Германци некако би реагирале или би се преструктурирале. Германските извозници, за кои САД се најголемиот пазар надвор од ЕУ, молчешкум стравуваат од сериозни загуби доколку Трамп ја следи најавата дека ќе воведе основни царини од 20 отсто на американскиот увоз од сите земји што се трговски партнери на Вашингтон. Но Берлин, за жал, е зачудувачки инертен и не презема ништо. Многу слично како и во досегашниот период на драстичен пад на германската економија, односно состојбата со енергентите што го причини падот, кога германската влада се однесуваше суицидно кон економијата, граѓаните и државата.
Мерките на новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави би предизвикале значителен економски удар од 33 милијарди евра на Германија, а според некои процени, германскиот извоз во САД би се намалил за 15 отсто.
Тарифите ќе му нанесат остар удар на германскиот извоз и ќе бидат уште едно болно назадување на економијата, која долго време се напојуваше со поевтина и обилна енергија од Русија и големите извозни пазари.
Со ваквите предвидувања тешко ќе биде погодена германската автомобилска индустрија, инаку јадрото на моќната германска економија. „Фолксваген“ е речиси пред колапс, продажбата постојано опаѓа, а сериозен пад бележи и БМВ. Лоши економски резултати постигнува и германската компанија за производство на автоделови „Бош“.
Главниот економист на ИНГ банка, Карстен Брзески, вели дека Германија сега, по четири години стагнација и структурни слабости, не е само, како што наведе, „болниот човек на Европа“ туку и значително поранлива од пред осум години кога Трамп го освои својот прв мандат.
Несомнено Германија го губи угледот на економски мотор на Европа, а со тоа го губи и политичкото влијание. Тоа се виде во последните години од мандатот на Шолц, кој во ниту еден момент не успеа да излезе од сенката на моќната Ангела Меркел, која важеше за единствен лидер на ЕУ. Сега приматот на Меркел се обидува да го преземе францускиот претседател Емануел Макрон, меѓутоа очигледно тоа му оди многу тешко, и како претседател на Франција, но и како „европски лидер“, со оглед на повеќето одлуки, кои немаат допир со вистината и реалноста, туку само со одреден тесен интерес.
Македонија многу добро го почувствува тоа на своја кожа со „францускиот Макронов предлог“.