Аналитичари предупредуваат: Европа на работ на голем судир
- Опасноста за Европа, според аналитичарите, не е веќе само од Истокот туку тешките предизвици и искушенија доаѓаат и одвнатре, од сојузниците, а особено од нејзиниот досегашен „патрон“ – САД
Европа влегува во 2026 година на работ од најсериозната безбедносна криза од завршувањето на Студената војна. Според предупредувањата на аналитичарите, веројатноста за голем оружен судир на континентот достигнала критична точка, додека глобалната политика сè поотворено се враќа на логиката на „сфери на влијание“, карактеристична за втората половина на 20 век.
Во такви околности, администрацијата на Доналд Трамп ги насочи приоритетните ресурси кон западната хемисфера, вклучувајќи ја и воената операција во Венецуела, што, според оцените на голем број експерти, дополнително ја ослабело стратешката позиција на Европа. Континентот, истовремено, се соочува со растечки безбедносни ризици и ограничени капацитети за самостојна одбрана.
Аналитичарите предупредуваат дека потенцијалниот судир не би имал класична форма, туку би се водел како разорна хибридна војна. Во такво сценарио, како можни инструменти на притисок се споменуваат саботажи на клучна инфраструктура, инциденти во воздушниот сообраќај, па дури и екстремни облици на подводни операции со несогледливи последици. Меѓутоа, опасноста за Европа, според аналитичарите, не е веќе само од Истокот туку тешките предизвици и искушенија доаѓаат и одвнатре, од нејзиниот досегашен „патрон“ – САД.
На таа опасност предупредува и Волфганг Минхау, директор на аналитичкиот центар „Евроинтелиџентс“, во текст објавен на порталот „Анхрд“. Тој истакнува дека сегашните процеси практично се неповратни и дека Европа се наоѓа во фаза во која ризиците само растат.
– Оваа 2026 година би можела да биде првата година во моето сеќавање со сериозна можност за војна од големи размери во Европа, а опасностите само се влошуваат. Воената интервенција на Доналд Трамп во Венецуела и апсењето на Николас Мадуро се најјасен доказ дека геополитиката се вратила на доктрината на сфери на влијание – наведува Минхау.
Слични пораки доаѓаат и од воените кругови. Началникот на Генералштабот на Велика Британија, сер Ричард Најтон, упати директен повик до јавноста да се подготви за можноста од реални борбени операции, нагласувајќи дека одговорноста не лежи исклучиво на армијата.
– Сите имаме улога – да градиме, да служиме и, ако е потребно, да се бориме – порача Најтон, апелирајќи на општеството во целина.
Тензиите дополнително ги поттикнува и воинствената реторика од врвот на НАТО. Генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, повеќепати предупредуваше дека Европа мора да се подготви за војна во размери какви што доживеале претходните генерации. Истовремено, одредени европски влади ја користат безбедносната драматизација како политички алат, настојувајќи со тоа да прикријат длабоки внатрешни проблеми – од економски слабости до колапс на земјоделските политики.
Во таков амбиент, аналитичарите предупредуваат и на стратешката заблуда на европските елити – преценување на сопствените капацитети и истовремено потценување на економската и системската отпорност на Русија. Таа комбинација, заклучуваат експертите, ја прави европската безбедносна архитектура кревка во момент кога глобалните тензии влегуваат во најопасната фаза во последните неколку децении. Р.С.

































