Илустрација: „Нова Македонија“

Според низа аналитичари, „политичките елити на Европа целосно погрешно ја одиграа оваа клучна геополитичка шаховска игра за Стариот Континент, по која не може да има враќање во претходната состојба“. Каде е Европа, а каде се САД во новата констелација на меѓународен план?

Новата светска констелација носи нови правила на мултиполарниот свет и нова рамнотежа на моќта

Деновиве Кина е во центарот на светското внимание. Имено, викендов поради самитот на Шангајската организација за соработка во градот Тијанџин, а денес во Пекинг, ќе се одржи воена парада на плоштадот „Тјенанмен“. На парадата присуствуваат 26 шефа на држави и влади. Кинеското министерство за надворешни работи објави дека од Европа гости ќе бидат највисоките претставници од Србија и од Словачка. Токму последно споменатиов, словачкиот премиер Роберт Фицо, ќе биде единствениот лидер на земја членка на Европската Унија што ќе присуствува на церемонијата во Пекинг.
– Лично жалам и признавам дека не разбирам зошто, од земјите членки на ЕУ, само Словачка ќе биде присутна во Пекинг. Се гради нов светски поредок, нови правила на мултиполарен свет, нова рамнотежа на моќ, што е исклучително важно за стабилноста на светот – рече тој.
Она што веќе им станува јасно на сите, иако за оние што се подобро упатени во геополитиката беше видливо уште многу порано – вековниот период на доминантна улога на „либералниот Запад“ (со исклучок на краткиот повоен период на паритет меѓу САД и СССР) е завршен. Оваа констатација најмногу го засилува впечатокот од неколкуте средби лице в лице на светските лидери, поточно од пораките од нивните средби, од самитот во Алјаска меѓу Трамп и Путин, до самитот што е во тек во Кина (меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг, рускиот претседател Путин, индискиот премиер Моди, турскиот претседател Ердоган, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан итн.) А каде се претставниците на Европа?

Навистина, каде е Европа во актуелниов геополитички контекст?

Според низа аналитичари, „политичките елити на Европа целосно погрешно ја одиграа оваа клучна геополитичка шаховска игра за Стариот Континент, по која не може да има враќање во претходната состојба“. Факт е дека Европската економска заедница (ЕЕЗ), а потоа и Европската Унија (ЕУ) многу брзо се збогатија благодарение на отворениот пазар што им беше даден на располагање на просторот на „поранешната Источна Европа (под советско влијание), како и целиот постсоветски простор – пред сè во Русија“. Распадот на СССР беше „благодат за европските либерални елити“ благодарение на што ЕУ брзо стана глобална економска суперсила (главно поради пенетрацијата на европскиот капитал во Русија и во спротивен правец, испораките на евтини и неисцрпни руски извори на енергија до европската индустрија и граѓани). Во такви околности, една „соодветна политика на либералната елита на Европската Унија, практично можеше да ја запечати таквата поволна ситуација за Европа, и тоа – засекогаш“, се разбира, преку меѓусебно корисна соработка.
Според анализите во „Геополитика“, „по една деценија од ерата на Борис Елцин, во која оваа соработка изгледаше идеално од западната перспектива, европските политики пројавија и други амбиции: проширување кон Исток… Но со доаѓањето на Путин на власт, дојде до скршнување на политиките на попустливост на Москва. Но би било сосема погрешно и неправедно, според анализата на „Геополитика“, да се тврди дека проблемите во овие односи започнале со доаѓањето на Путин на власт. „Геополитика“ потсетува дека Путин, исто како и неговиот претходник, „се стремеше да одржува добри односи и со Европа и со САД“ (на пример, Путин беше првиот од сите светски државници што му понуди помош на американскиот претседател Џорџ Буш Помладиот по терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година). Но за разлика од Борис Елцин, сфаќајќи дека американската игра нема да се промени, тој почна да бара барем минимални руски национални интереси да бидат вклучени во контурите или конструкцијата на идниот свет (во тоа време тоа беа класични глобалистички конструкции со јасно изразена западна доминација). Тоа барање на Путинова Москва се идентификуваше со „играње значајна улога на Москва во постсоветскиот простор“ (што всушност е просторот на поранешната царска Русија), при што Москва „ќе го признае американското глобално лидерство како најразвиена и највлијателна земја во светот што има многу да му понуди на светот“. Но ниту Вашингтон ниту Брисел тогаш немаа намера да имаат соработка со постсоветска Русија и никаков договор со неа за идниот облик на светот не доаѓаше предвид за Западот (со оглед на подемот на силата на Западот, како и со оглед на руската тогашна економска и воена слабост и политичка нестабилност).
Но времињата се променија, а и политиките исто така. Путин става крај на либералните експанзионистички политики на Западот, а претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така идеолошки е сосема различен од политиките на демократите и неоконсите во САД. Со тоа, Трамп прави и значителна разлика од политиките на либералниот Брисел. Сега, со таквите политики, на Трамп навистина не му е потребна Европа, освен како купувач на американско оружје, или како голема американска воена база или, пак, како отскочна штица за проектирање на својата моќ и интереси кон Евроазија, Блискиот Исток како негов најважен регион и Африка. Сè друго, кога станува збор за сојузниците на САД, Трамп го смета за непотребна конкуренција за неговите национални (првенствено економски) интереси. И Трамп им го разјасни тоа на сите европски високи претставници што присуствуваа неодамна на состанокот во Вашингтон. Тие ќе ги слушаат неговите упатства за тоа што да прават или ќе се најдат соочени со суровата реалност да се спротивстават еден на еден со Русија на украинските боишта (а на Трамп му е сосема јасно дека Европејците не се ниту подготвени ниту сакаат да го сторат без учество на Америка).
Така, по сето погоре наведено, европската елита сега се наоѓа во безнадежна ситуација. Со својата покорна, вазална политика во последните пет години во однос на Вашингтон (и администрацијата на Бајден и администрацијата на Трамп) се најде во позиција каде што нема веќе што повеќе да им понуди на САД (ѝ ја предаде својата надворешна, енергетска и во голема мера индустриска политика како основа за формирање на Европа како независен геополитички пол во мултиполарен свет, додека во однос на одбраната отсекогаш зависеше од Америка преку Северноатлантскиот договор – НАТО, додека неодамна склучи исклучително понижувачки трговски договор со САД).
Ако Европејците, како граѓани, навистина сакаат да избегнат сè што европските актуелни елити им подготвуваат, мора да бидат подготвени за длабоки политички промени. Притисокот за промени во ЕУ сигурно ќе расте во согласност со радикализацијата на политиката на актуелните елити од Брисел, која долго време политички арогантно се отуѓуваше и ги маргинализираше граѓаните, па дури и ги игнорираше своите граѓани под лажниот плашт на демократијата што станува сè посомнителна, додека клучните одлуки што се однесуваат на граѓанските судбини се донесуваа исклучиво од една централна канцеларија – Европската комисија или Урсула фон дер Лајен.

А каде се Соединетите Американски Држави?

Последниот голем британски лидер, Винстон Черчил, еднаш рече дека „САД секогаш на крајот донесуваат добра одлука, но само откако ќе ги исцрпат сите други“! Според аналитичарите, „Америка сега не се соочува со Иран или Венецуела, туку со нуклеарни суперсили еднакви на себе, чие државно раководство демонстрира јасна решителност и непоколебливост кога станува збор за фундаменталните свои интереси на домашен, но и на глобален план, но и Вашингтон (со Трамп) сега прима (а не одбива) сигнали со кои другите суперсили се подготвени за постигнување договор (со американското раководство) за решавање на тековните проблеми во светот (Европа, Блиски Исток, Африка…) на начин прифатлив за сите вклучени страни.
„Геополитика“ анализира дека „претседателот на САД, Трамп, ја презеде улогата на нов, кооперативен американски претседател кон Москва (како што беше Роналд Реган во неговиот втор мандат и Џорџ Буш Постариот пред Бил Клинтон), кој ќе се обиде да ги поправи целосно нарушените односи врз принципот на соработка по прашања од заеднички интерес. Дали ќе успее во ова сè уште е непознато“.
Во еден таков контекст, забележливо е и дека Путин му парира на Трамп со „нудење за Америка соработка на економско и инвестициско ниво“, што би имало позитивни импликации врз целокупната глобална геополитичка слика на светот – т.е. двоецот Трамп-Путин би можело да даде единствена можност за подигнување на билатералните односи на ново ниво. Според аналитичарите, сега Вашингтон би можел да ја надмине „стратешката геополитичка грешка на американските елити од почетокот на 1990-тите“. Во анализата на „Геополитика“ се смета дека „САД никогаш повеќе нема да добијат нови можности од Русија, а Вашингтон е целосно свесен за ова“.
– Американскиот претседател во моментов се соочува со вистински, без претерување – судбоносен предизвик не само за неговата политичка иднина туку и за САД, т.е. за американските национални и глобални интереси: наоѓање трајно решение за украинскиот конфликт! Конфликт, кој не само што стана забрзувач на невидени глобални геополитички превирања и тектонски промени, кои несомнено би се случиле со многу побавно темпо без таа војна (и прашањето е дали тие на крајот би резултирале со големи промени во рамнотежата на моќта во светот како што е воспоставена по завршувањето на Студената војна кон крајот на 1980-тите), туку стана и еден вид лакмус-тест за идната геополитичка слика на светот. Доколку Русија ја добие оваа војна, тоа ќе биде крај на американската глобална хегемонија или на западната доминација во поширока смисла; доколку Украина победи (т.е. Западот, кој на украинска почва де факто води војна против Русија со сите расположливи средства, освен со своите копнени сили, како и со историски невидени санкции), тогаш тоа ќе биде стратешки пораз за Русија, а и за нејзиниот лидер Владимир Путин лично, од кој никогаш нема да закрепне. Или ќе престане да игра улога на независна држава и целосно ќе се потчини на западната (гео)политичка стратегија или – поверојатно – самата, како мултинационална и мултиконфесионална држава, ќе ја претрпи судбината на СССР. Најголемиот политички предизвик на Трамп сега е како да ја претвори веројатната руска победа во Украина (победа е секогаш ако некој успее да ја земе нивната територија) во еднаква американска победа. Во неговата стратегија (воопшто не сум сигурен дека ова е добро осмислена стратегија, туку мислам дека е докажано американско прагматично приспособување на околностите), покрај самата Украина, најмногу ќе плати и Европа (членовите на ЕУ + НАТО од Европа).
– Убеден сум дека повторната победа на Трамп на изборите во САД беше овозможена од втората позиција – обид да се добие шанса за „поправен испит“ – и со Кина и со Русија… Потребно е да се почне од почеток, но не повеќе под покровителство на диктирање на сопствените услови над другите, туку преку обид да се договори соработка по прашања од заеднички интерес – вели Зоран Метер, аналитичар и главен уредник на респектабилната „Геополитика“. П.Р.


Трамп и прашањето за Украина

Според аналитичарот Зоран Метер, во моментов американскиот претседател се соочува со вистински судбоносен предизвик не само за неговата политичка иднина туку и за САД, односно за националните и глобалните интереси на САД: наоѓање трајно решение за украинскиот конфликт

Конфликтот во Украина не само што стана забрзувач на големи глобални геополитички земјотреси и тектонски промени, што без таа војна несомнено ќе се одвиваа со многу побавно темпо (и прашањето е дали тие воопшто ќе резултираа со големи промени во рамнотежата на моќта во светот како што беше воспоставена по завршувањето на Студената војна кон крајот на 80-тите години од минатиот век), туку стана и еден вид лакмус-хартија за идниот геополитички изглед на светот.
– Ако Русија ја добие таа војна, тоа е крај на американската глобална односно западната доминација во поширока смисла. Ако Украина победи (т.е. Западот, кој де факто води прокси-војна против Русија на украинска почва со сите расположливи средства освен своите копнени сили, како и историски невидени санкции), тогаш ова е стратешки пораз за Русија, а и за нејзиниот лидер Владимир Путин лично, од кој таа никогаш нема да закрепне. Или ќе престане да ја игра улогата на независна држава и целосно ќе се потчини на западната (гео)политичка стратегија, или – што би било поверојатно – самата, како мултинационална и мултиконфесионална држава, ќе ја доживее судбината на СССР. Најголемиот политички предизвик на Трамп сега е како веројатната руска победа во Украина да биде барем еднакво и – американска победа!

Полемиката за тоа како се толкуваат „безбедносните гаранции за Украина“
станува клучна

Трамп пресече за едно важно прашање во врска со постигнувањето договор за прекин на војната во Украина: тој ја отфрли европско-украинската позиција за неопходноста од прекин на огнот пред почетокот на преговорите и ја прифати руската, врз основа на фактот дека историјата учи дека не може да има прекин на огнот пред да се постигне договор за прекин на конфликтот. И Москва не бара прекин на огнот, туку траен и цврст мир – се разбира, под свои услови дека е подготвена да преговара. И покрај фактот дека не успеаја да го разубедат Трамп во Вашингтон, по враќањето дома европските лидери и Зеленски сè уште се држат до претходно искажаната позиција, а Зеленски дополнително на онаа дека нема повлекување на украинските сили од териториите што сега ги држат во Донбас, што Москва го бара, а Трамп исто така го прифаќа.
Сепак, мора да се нагласи дека главниот спор меѓу Москва и Вашингтон можеби не е прашањето за територијата, туку за безбедносните гаранции за Украина по мировниот договор. Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, според Москва, сосема грешел кога во неодамнешното интервју за „Фокс њуз“ изјавил дека конечно разбрал оти Москва сака окупирани украински територии во замена за безбедноста на Украина и дека ова е можност за постигнување договор. Но, ситуацијата според Москва е сосема спротивна: Русија има доволно сопствена територија, а безбедносните гаранции и на Украина и на самата Украина се од примарно значење за неа. Тоа е неутралниот статус на Украина и нејзиното разоружување од оружје што може да ја загрози руската територија.
Кратко по состанокот со европските лидери, Трамп изјави дека не ја исклучува можноста европските воени сили да влезат во Украина со одредени американски гаранции. Сепак, Москва јавно се спротивставува на тоа. За потсетување, на 21 август, по состанокот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со неговиот индиски колега Субраманиам Џајшанкар, Лавров рече дека „западниот предлог е целосно неприфатлив за Русија и дека Москва не прави разлика дали станува збор за војници од една или повеќе европски земји во Украина, или официјално од НАТО“. Наместо тоа, Лавров предлага она што, според него, било договорено во принцип на преговорите во Истанбул пролетта 2022 година, а тоа е сите членки на Советот за безбедност на ООН да обезбедат – безбедносни гаранции за Украина. Тој додаде дека и Турција и Германија би можеле да им се придружат. Лавров нагласи дека нема безбедносни гаранции за Украина без координација со Русија. П.Р.


Активно креирање нов вид меѓународни односи и создавање „противтежа на западното влијание“

Кинескиот претседател Си Џинпинг изминатиов викенд беше домаќин на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјенџин, Кина. Самитот, најголем во историјата на блокот, собра повеќе од 20 лидери, вклучувајќи ги рускиот претседател Владимир Путин, индискиот премиер Нарендра Моди, белорускиот претседател Александар Лукашенко, турскиот претседател Ердоган, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и други. На самитот се разговараше за економската соработка и културните врски, заедно со транспортот, енергетиката, дигитализацијата, вештачката интелигенција и зелениот развој, но и за регионалната безбедност.
Претседателот на Кина, Си Џинпинг, нагласи дека Шангајската организација за соработка (ШОС) поставува модел за „нов вид меѓународни односи“, позиционирајќи ја таа групација како противтежа на доскорешниот начин на западното експанзионистичко влијание. Претседателот на Кина ги повика членовите да се спротивстават на „надворешното мешање“ и да го отфрлат „менталитетот на Студената војна“. Кинескиот лидер, исто така, повика на поблиска економска соработка во рамките на „мегаголемиот“ пазар на Шангајската организација за соработка (ШОС). Тој вети заем од две милијарди јуани (околу 281 милион долари) за земјите членки на ШОС оваа година, со дополнителни 10 милијарди јуани во заеми во текот на три години.

Фото: ЕПА

– Мораме подобро да ги координираме нашите стратегии за развој и да промовираме висококвалитетна имплементација на иницијативата „Еден појас, еден пат – додаде кинескиот претседател.
Пекинг го сфаќа овој настан како знак на солидарност меѓу „Глобалниот Југ“, обидувајќи се да ја истакне соработката меѓу земјите во развој и земјите со пониски приходи. Според нив, оваа соработка е „спротивна на фрагментираната природа на западниот свет, каде што желбата за соработка слабее“…
Во оваа смисла и претседателот на Русија истакна дека организацијата е „моќен двигател на вистинскиот мултилатерализам“, нарекувајќи ги евроцентричните и евроатлантските модели застарени. Зборувајќи пред лидерите на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Кина, Путин го повтори својот став дека револуцијата во „Евромајдан“ во Украина е „државен удар“ поддржан од Западот. За време на своето обраќање, Путин рече дека резултатите од неговата неодамнешна средба со американскиот претседател Доналд Трамп, која се одржа во Алјаска, САД, ќе бидат детално разгледани за време на билатералните состаноци. Самитот имаше цел да ги зајакне врските меѓу Русија, Индија и Кина, но секако и за активно креирање нов вид меѓународни односи. П.Р.