Редакциска анализа
- Во обидот да ја задржат глобалната доминација преку конфликти, САД ризикуваат да го забрзаат сопствениот пад. Наместо промовирање на политиките на трампистичката изворна идеологија, традиционализмот и суверенизмот, вашингтонската администрација, на чело со претседателот Трамп, сега на светската отворена сцена демонстрира и практикува нова хегемонистичка и империјална амбиција, ги губи симпатиите, ги губи позициите, ги губи и сојузниците и кредибилитетот на идеологијата со која со висока доза на интензитет го започна својот мандат овој американски претседател
Во момент кога сѐ уште е во тек воениот судир меѓу САД и Иран, политичките аналитичари отвораат едно многу интересно подлабоко прашање, антиципирајќи реконфигурација на претстојниот нов меѓународен поредок.
Имено, прашањето е дали глобалната стратегија на Вашингтон, насочена кон задржување на светскиот примат со продолжување на континуитетот за практикување т.н. „тврда (воена) моќ“, всушност работи во корист на својата штета. Дали Вашингтон со својата агресивна надворешна политика на отворање кризи (трговски, економски, воени интервенции, специјални операции…) всушност сработува за својот најголем ривал? Кина?
Иако Пекинг има јасен интерес да спречи дестабилизација на Иран, земја од која доаѓа значителен дел од енергетските ресурси за кинеската индустрија, некои западни аналитичари укажуваат на еден интересен, дури и комичен парадокс: иако Вашингтон смета дека американско-иранскиот конфликт силно ќе ѝ наштети на Кина, всушност може да се случи и обратно. Продолжување на судирот, според некои западни аналитичари, дури може индиректно да ѝ користи на Кина и без Пекинг активно да се вклучи како медијатор или деескалатор.
Стратешка замка на Вашингтон
Клучниот проблем за американската стратегија лежи во нејзината внатрешна противречност. Од една страна, администрацијата на Доналд Трамп уште од почетокот на 2025 година јасно сигнализираше дека Европа мора да преземе поголема одговорност за конфликтот во Украина. Во исто време, поаѓајќи од таквата премиса (дека Европа ќе може сама да се фокусира кон Украина и со тоа ќе ги „олабави “ САД од ангажмани), Вашингтон се заврте кон Далечниот Исток и најави дека ќе го пренасочи својот фокус кон Индо-Пацификот, со цел „да ја одврати растечката моќ на Кина“.
За потсетување, оваа стратегија на САД беше дополнително потврдена и во новата одбранбена доктрина на Пентагон од мај 2025 година, каде што „одвраќањето на Кина“ беше дефинирано како „приоритет број еден“. Затоа, пораките кон европските сојузници беа значително јасно, педантно и отворено упатени кон Брисел, а тоа е дека „американското присуство во Европа не е загарантирано“. Но токму тука, според анализите, се јави суштинската слабост на САД. Наместо да ја консолидира својата стратешка позиција, Вашингтон ризикува повторно да биде вовлечен во долготраен и скап конфликт на Блискиот Исток, регион што веќе со децении ја троши американската воена, политичка и економска енергија. И тоа колосално ги исцрпува САД на многу полиња.
Иран како дел од поголема игра
Потенцијалниот конфликт со Иран не може да се гледа изолирано. Иако формално станува збор за регионален спор, во заднината стои поширока геополитичка пресметка во која, како што споменавме во нашиот весник во анализата уште пред да почне конфликтот во Иран, Кина е крајната референтна точка за САД.
Иран е важен енергетски партнер за Пекинг, а секоја дестабилизација директно влијае врз кинеските интереси. Сепак, ако САД се впуштат во нова воена авантура, тие ќе се соочат со истата дилема како и во претходните децении, а тоа е како да водат повеќе стратешки фронтови истовремено?!
Токму тука Кина добива. Не затоа што директно интервенира, туку затоа што не мора да интервенира.
Кина во меѓувреме се позиционира како стабилен и релијабилен партнер
Во сценарио каде што САД се ангажирани и во Украина и на Блискиот Исток, нивниот стратешки фокус неизбежно се расејува, се троши, се амортизира… Финансиските ресурси се трошат, политичкиот капитал се намалува, а глобалната перцепција за американската моќ постепено еродира.
Во исто време Кина може да се позиционира како стабилен и предвидлив актер. Нејзината политика на немешање, ненаметливост и економска соработка ѝ овозможува да гради влијание без директна конфронтација. Наместо војни, Пекинг инвестира во инфраструктура, трговија и дипломатски односи. Оваа разлика во пристапот создава силен контраст. Додека Вашингтон се поврзува со конфликти, Пекинг ја презема светската улога на фактор на стабилност.
Европа меѓу притисоци и слабеење
Европската Унија во меѓувреме се соочува со сопствени предизвици. Војната во Украина веќе значително ја исцрпи економски и политички. Ако дојде до нова криза на Блискиот Исток, последиците, особено во енергетскиот сектор, ќе бидат дополнителен товар.
Американскиот притисок за тоа „Европа да преземе поголема одговорност во безбедносната сфера“ доаѓа во момент кога Стариот Континент е веќе преоптоварен. Тоа создава ризик од долгорочно слабеење на трансатлантското партнерство.
Дали е веќе предоцна?
Сè повеќе аналитичари го поставуваат прашањето дали САД веќе ја поминале точката на завртување назад, на изворниот трампизам и суверенизам. Овде во неколку реченици ќе направиме и мало потсетување на геополитиката на трампизмот, поточно на надворешната политика. Она што беше фундаментално кај Трамп тоа беше промената на фокусот, и тоа тој заврте полукружно, од глобална перспектива, експанзионизам и империјализам, Трамп се престрои кон американскиот центризам. Но и тој американски центризам содржеше елементи за интеграција на американскиот континент во некаква геоцелина (приклучување на Канада како 51. држава, купување на Гренланд, преземање контрола над Панамскиот Канал, Венецуела, преименување на Мексиканскиот Залив во Американски, Куба итн.). Сето ова е негов реализам во меѓународните односи, но тоа значи и враќање на доктрината на Монро по еден век доминација на доктрината на Вудро Вилсон. За потсетување, доктрината на Монро од 19 век прокламираше дека приоритет на надворешната политика на САД е воспоставување контрола врз северноамериканскиот континент и делумно врз јужноамериканскиот, со цел да се ослабне и целосно да се елиминира влијанието на европските сили (на Стариот Свет), врз Новиот Свет. Но сега Трамп драматично го менува својот фокус, со тоа што сега на САД повторно им се важни Блискиот Исток, Далечниот Исток, Северниот Пол итн. Но, продолжувајќи на повеќе фронта, САД иако формално остануваат најмоќната држава во светот, сè повеќе се доведува во прашање нивната способност да управуваат со повеќе кризи истовремено.
Истовремено, Кина не мора агресивно да ја преземе лидерската позиција. Доволно е да ја одржува својата економска експанзија, да гради партнерства и да избегнува директни конфликти.
Моќта на воздржаноста
Големата иронија на современата геополитика лежи во тоа што најсилни потези понекогаш се оние што не се прават!
Додека САД се обидуваат да ја зачуваат својата доминација преку активна интервенција, Кина ја зајакнува својата позиција преку стратегија на трпение и воздржаност.
Во тој контекст, потенцијалниот конфликт со Иран може да се покаже како уште една стратешка грешка на Вашингтон. Не затоа што ќе ја зајакне Америка, туку затоа што дополнително ќе ја оддалечи од нејзината главна цел, а тоа е одвраќањето на Кина.
А токму во тој простор на расеаност, дисперзираност и преголема амбиција на САД, Пекинг тивко ќе ја изгради својата улога како нов центар на глобалната моќ. Р.С.
































