Стратегијата на бриселските елити и чекорите што ги преземаат за ваквата ЕУ да се факторизира во новиот тренд на глобалните движења се јасен показател зошто официјална Софија ја добива (од овој Брисел) сета можна поддршка за своите анахрони условувања кон Македонија. Но сега, многу поважно за нас е и Македонија да ја искористи сопствената позиција. Познавачите на геостратешките состојби, коментирајќи ја новата стратегија на Европската комисија, советуваат македонските власти активно да се вклучат во целиот процес и да го извлечат максимумот
ЕУ со нова стратегија во која Бугарија добива клучна (безбедносна) улога
Новите геостратешки превирања во светот се глобален процес што се одвива со невидена брзина, а она што на прв поглед паѓа во очи е намерата на секоја земја што подобро да ја искористи својата геостратешка предност пред другите за задоволување на сопствените интереси.
Токму свесноста за сопственото геостратешкото значење ги насочува политичките елити во тие земји во кој правец да ја креираат надворешнополитичката агенда во согласност со нивните потреби и планови, при што не се води никаква сметка дали таквите намери излегуваат надвор од меѓународното право или од европските принципи.
Токму тука можеби треба да се бараат причините за опструкциите што Бугарија ги прави врз евроинтеграцискиот процес на Македонија, целосно свесна дека во фонот на руско-украинската војна нејзиното геостратешко значење за Европа ѝ го дозволува сиот луксуз на нерационално однесување на либерален Брисел. Имено, и покрај постојаната закана со нови услови преку уценување, блокирање и закочување на европскиот процес на проширување, Бугарија не само што не е казнета поради ваквото антиевропско однесување туку е дополнително наградувана, почнувајќи од нејзиниот прием во 2007 година со политичка одлука, потоа приемот во шенген-зоната, за сега да се подготвува за влез и во еврозоната.
Со новата европска стратегија Бугарија и Романија се нов европски источен бедем
Сето ова погоренаведено покажува дека на ваквата ЕУ (па и на САД) ѝ е исклучително важна геостратешката позиција на Бугарија, па затоа на оваа земја ѝ се прогледува низ прсти буквално сѐ.
Најдобра потврда дека работите одат во таа насока е новата стратегија на Европската Унија, која предвидува Бугарија, заедно со Романија, да биде новиот европски бедем од евентуалната руска закана кон Источна Европа. Затоа и веројатно беше сета онаа интервенција на европските либерални елити врз изборите во Романија.
Имено, Европската комисија неодамна презентираше нова стратегија за Црно Море што ќе му овозможи на регионот подобро да транспортира тешка воена опрема додека руската закана се надвиснува над Источна Европа.
– Безбедноста во Црно Море е исто така од витално значење за европската безбедност – изјави на прес-конференција високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, притоа додавајќи дека таа во моментов е поткопана од тоталната војна на Кремљ против Украина и хибридните напади врз поморската инфраструктура.
Комесарката за проширување Марта Кос дополни дека стратегијата е одговор на „геополитичките предизвици“ во свет каде што „зависностите стануваат оружје“.
– Црно Море е мост кон Јужен Кавказ и Централна Азија и витална артерија за трговија со енергија и храна – нагласи таа, цитирана од „Политико“.
Според анализа на изданието, регионот на Црно Море е дестабилизиран од руската инвазија на Украина. Широката употреба на мини и воени дејствија го попречија протокот на стоки. Покрај тоа, земјите од Источна Европа се плашат од понатамошна агресија од Москва надвор од Украина и сакаат да ги зајакнат своите одбранбени капацитети.
– Романија и Бугарија се земји од ЕУ на брегот на Црно Море, а блокот ќе инвестира во надградба на регионалната инфраструктура, како што се пристаништата, железниците и аеродромите, за справување со тешка воена опрема. Ова ќе помогне да се осигури дека „војниците можат да бидат таму каде што се потребни, кога се потребни“ – рече Калас.
Според европскиот комесар за транспорт Апостолос Цицикостас, надградбата на воената транспортна инфраструктура низ цела Европа ќе чини околу 75 милијарди евра.
ЕУ, исто така, планира да формира центар за поморска безбедност на Црно Море, кој ќе служи како европски систем за рано предупредување во регионот. Калас рече дека центарот ќе ја издигне свеста за ситуацијата и ќе ѝ помогне на ЕУ да ја заштити својата критична инфраструктура.
– Локацијата на центарот, неговиот модел на работа и трошоците сè уште не се утврдени. Друга безбедносна мерка е зголеменото следење на странското сопствеништво на пристаништата и другите клучни објекти – рече Калас.
Комисијата ги истакна Украина, Молдавија, Грузија, Турција, Ерменија и Азербејџан како партнери со кои сака да воспостави поблиски врски преку новата стратегија.
Зарем сметаат дека Македонија е во вакуум или дека геостратегиски е занемарлива?!
Стратегијата на ЕУ е јасен показател зошто официјална Софија ја добива сета можна поддршка за своите анахрони условувања кон Македонија, но сега е многу поважно и Македонија да ја искористи сопствената позиција.
Има уште едно интересно размислување кај политичките аналитичари, кои се ултраеврооптимисти и кои тврдат дека Македонија „може многу лесно да се најде на радарот на ЕУ како земја без која европскиот источен бедем нема да биде функционален“.
Тие, како познавачи на геостратешките состојби, коментирајќи ја новата стратегија на Европската комисија, советуваат „македонските власти активно да се вклучат во целиот процес и да го извлечат максимумот, како на инфраструктурен така и на планот на остварување на нашите стратешки цели, пред сѐ полноправно членство во ЕУ“. Кои се нивните аргументи?
– Ако во стратегијата се говори за модернизација и надградба на инфраструктурата преку која ќе се транспортираат војници, оружје и друга воена опрема кон тој таканаречен црноморски бедем, тогаш маршрутата преку коридорот 8 несомнено ќе поминува низ Македонија. Тоа значи дека од тие 75 милијарди евра европски пари, дел треба да се инвестираат и за железничката врска кон Бугарија како клучна за да може непречено да функционира транспортот од Јадранот кон Црно Море. Не е фер Македонија сама да го покрива тој трошок, па затоа нашата геостратешка позиција, без оглед што некои ја маргинализираат, сепак е инфраструктурен јазол без кој тешко ќе функционира и истокот, но и југот на Европа. Географијата го одредила тоа, а ние како држава треба да го искористиме – велат гореспоменатите познавачи на геостратешките состојби со кои се консултиравме.
Според нив, на тој начин и Македонија ќе биде многу порелевантен фактор и ќе може и таа да испорача барања што се поврзани со нејзините национални интереси.
– Несомнено геостратешката позиција на Бугарија и членството во ЕУ ѝ даваат ветер во грб да ја турка агендата кон Македонија, но од друга страна, ниту земјава не смее да дозволи да се најде во подредена улога кога повеќе од јасно е дека црноморскиот бедем ќе остане неповрзан со Јадранот и големата база на НАТО што се гради во Албанија без соодветна железничка инфраструктура низ Македонија. Тоа е нашиот адут пред НАТО-партнерите, но и пред ЕУ, да истапуваме со нашите ставови. Сите ја користат геостратегијата, така што нема зошто и ние да не го правиме тоа. ЕУ потпиша со нас договор за соработка во одбраната, што значи дека сметаат на нас. Унгарскиот премиер Виктор Орбан јасно порача дека Македонија е главниот бедем од мигрантскиот наплив кон Европа, така што воопшто не сме мали и безначајни на оваа геостратешка мапа. Како што Бугарија во моментот ја користи геостратегијата за да наметнува услови кон Македонија, така и ние треба на ист начин да се спротивставиме и да продолжиме да инсистираме и да се бориме за заштита на нашите интереси, пред сѐ на заштита на идентитетот, јазикот, историјата и културата. Мора така да се поставиме за да не се претвориме повторно во полигон низ кој само ќе продефилираат странски војски, а ние нема ништо да добиеме – заклучуваат овие експерти за геостратешки прашања.