Павел Шатев: „…Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните македонски поколенија…“
На денешен ден пред 122 години започна судскиот процес против солунските атентатори
На 27 мај 1903 година започна судскиот процес против малкутемина преживеани, а 20 години подоцна Павел Шатев, единствениот преживеан од сите нив, во своите „Спомени“ ќе запише: „Таму, во урнатините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни… Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните македонски поколенија“.
На 27 мај 1937 година, 34 години по саможртвата на македонските гемиџии за Македонија, еден од лидерите на политичка Европа ќе стане и Невил Чемберлен, кој на тој мајски ден ќе биде избран за премиер на Велика Британија, еден од најпознатите во нејзината политичка историја и ќе ја каже следната мисла што треба да биде вдахновувачка особено за нас денес: „Ќе се бориме против злите работи – против бруталната сила, лошата намера, против неправдата, притисокот и обесправеноста – и сигурен сум дека ќе победи правдата против нив“!
Солунските атентатори сакаа да ја потресат совеста на Европа за судбината на поробениот македонски народ
На 27 мај 1903 година во Солун започнал судскиот процес против преживеаните учесници во бомбашките напади, изведени нецел месец претходно врз објекти на европскиот капитал во Турција, во Солун, како и врз државни објекти во градот, што ги потресоа Солун, Турската Империја и цела Европа. Младите Македонци – гемиџии сметале дека на таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и оти преку нивните поединечни акции ќе ги натераат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење. Атентатите во Солун првенствено биле насочени против Европејците и европските институции, како закана и казна, поради невмешувањето на европските нации во решавањето на судбината на Македонија и македонскиот народ.
Јордан Поп Јорданов-Орцето: „Сакам и со својата смрт да
бидам во полза на делото – ослободувањето на нашата скапа и сакана Македонија“
„Сакана Кате, немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, а на делото, кое што беше цел и смисла на мојот живот. Да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата сакана ценета Македонија. Сигурно ќе прашаш: Неопходно ли е да умрам? За мене нема друг излез. … Да умрам за мене е врховна повелба на мојата совест. Зошто ми е живот лишен од слобода? Не, претпочитам да умрам! Со мојата смрт ќе им го фрлам мојот безграничен презир на непријателите, на поробувачите на мојата татковина. Орце, првиот и последен од гемиџиите, од самооткажаните“, овие зборови се дел од љубовното писмо што Јордан Поп Јорданов-Орцето го напиша во 1903 година и кое ѝ го остави на својата девојка. Тој е македонскиот револуционер анархист, член на илегалниот кружок на гемиџиите, кои кон крајот на април 1903 година ги извршија познатите Солунски атентати.
Нивните акции немаа никаква поврзаност со вистинскиот тероризам, сфатен во денешната смисла на овој збор. Димитар Мечев-Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, сите од Велес, Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид, како и другите гемиџии, како своја цел имаа само објекти, но не и да жртвуваат невини човечки жртви. Тие го жртвуваа само сопствениот живот. Оваа група македонски патриоти удираа по совеста на цивилизирана Европа во името на еден народ потиснат во ропство. Сите тие беа млади луѓе што веќе се беа простиле од животот и го имаа пуштено својот животен чун, својата гемија, во бурното турско и европско море, всушност и не сакајќи да го извадат потоа на брегот, туку беа со намера да го разбијат саможртвено на карпите, за да ги разбудат европските нации да ѝ се смилостиват на судбината на македонскиот народ. Познато е како „милостиво“ европските сили, пред сѐ Бугарија и Грција, го „решија“ прашањето на македонската судбина во 1913 година со Букурешкиот договор…
Записи на Павел Шатев во својот „Осврт по повод Солунските атентати“
Служители на идејата, но не и на славата
…Од моментот кога Орце го запали фитиљот во Отоманската банка – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да станат првите светци на македонската револуција…“
…Великите македонски покојници во македонската столица Солун ги збришаа и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни…
Во 1923 година единствениот преживеан Павел Шатев во својот „Осврт по повод Солунските атентати“ запишува: „…великите македонски покојници во Солун беа се заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на Идејата, но не и на славата. Таму, во урнатините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни. … Од моментот кога Орце го запали фитиљот во Отоманската банка – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да станат првите светци на македонската револуција…“
Шатев ќе го дополни и следново во врска со солунскиот саможртвен крик на македонските посветеници, слободата и животот на Македонија и нивното политичко и национално тестаментално завештание за сите наредни македонски поколенија: „Македонскиот идеал во лицето на Солунските атентатори беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата… Тешко ќе биде за историчарите да определат кое од двете собитија – Солунските атентати, или Илинденското востание – било позначајно, што било повеличествено: дали примерот на личната бестрашност, или системската подготовка на масите за револуцијата. И ако Илинденското востание донесе едно самоосознание на македонските маси, Солунските атентати се оној поттик, кој што го создава македонскиот идол на револуцијата, на кого ќе му се восхитуваат вековите… Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните македонски поколенија“.
Свето Тоевски