„ГАЛИЧКА СВАДБА 2025“
Галичник викендов ќе ечи од писокот на зурлите и од ударите на тапаните на маестралната дебарска тајфа „Трио Мајовци“. Македонско оро ќе се вие, македонски свадбарски обичајни песни ќе се разлеваaт на атрактивната туристичка манифестација „Галичка свадба“. Со векови, на Петровден (12 јули) се одржувале свадби, некогаш хроничарите евидентирале дури и по педесетина галички свадби на празникот. Свадбите се одржувале по цела недела, свадбарските мелодични, елегични и патриотски песни и ора одекнувале по долината на прекрасната Радика, низ селата на Долна Река, а сè слушале дури и во соседна Албанија.
Вљубениците во Галичник, во татковите и дедовските огништа, во средината на 20 век, размислуваа со месеци, формираа иницијативен одбор, дискутираа како да го спасат родното место, оти иселувањето беше секојдневно, а дел од нивното нераскинливо опстојување постепено исчезнувало. Времињата, социјалните и другите услови налагаа галичани масовно да се иселуваат, постоеше опасност да го снема нивното село од географската карта, да се „битиса во дерињата“. Куќите се уриваа, а со материјалот од нив се градеа куќи во градовите. Меѓутоа, бистроумните галичани го бараа спасот да се спречи иселувањето, да продолжат опстојувањето и животот во него.
Иницијативниот одбор за ревитализација на Галичник донесе одлука секој Петровден да се одржува атрактивната туристичка манифестација „Галичка свадба“, која се подготвуваше во текот на годината, а се смислуваа и други манифестации што ќе го негуваат, ќе го надградуваат и ќе го презентираат пред јавноста културното и другото духовно наследство создавано од нивните предци, додека зафатите беа потпомогнати со месен самопридонес на галичани и со помош од државата. Најболниот проблем беше да се асфалтираат 15 км макадамски пат низ планината Бистра за Галичник, што успешно заврши на почетокот на летната сезона во 1973 година, со што беа отворени нови видици.
Првата „Галичка свадба“, како туристичка манифестација, беше одржана на 12 јули 1963 година. Активностите ја постигна целта, го зачуваа Галичник од најлошото. Бранот на иселување беше стопиран, почнаа да се реновираат напуштените куќи, да се градат и нови, а во 1990 година беше обновен и обичајот за венчавање во монументалната црква „Св. Петар и Павле“. Младоженците ја ветуваат заедничката љубов пред бога пред архијереите на МПЦ, монасите на Бигорски манастир и пред свештеник на дебарското епархиско намесништво на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ, со изговарање на судбоносното „да“ дека го крунисуваат бракот со искрена љубов и вера, како чеда на Исус Христос. Чинот на првата венчавка го изврши митрополитот повардарски на МПЦ, г. Михаил.
Програма
„Ја Ѓорѓија Пулески – роден сум од камен“ е насловот на монодрамата работена по сценарио на новинарот Миле Бошњаковски, во изведба на македонскиот артист Рубенс Муратовски, со потекло од Галичник, во режија на Бојан Трифуновски, со што се одбележува јубилејот 150 години од објавувањето на „Речникот на три јозика“ на македонскиот преродбеник и самоук книжевник Ѓорѓи Пулески. Премиерата ќе се одржи на 11 јули (петок), во 20.30 часот, на платото пред опеаната чешма „Упија“.
Претседателот на Месната заедница, Огнен Караѓозоски, нè информира дека свадбарските обичаи и ритуали на „Галичката свадба“ ќе започнат на Петровден, 12 јули, во попладневните часови, со китење на свадбарскиот бајрак, а побратимот ќе „фрли“ три пушки и ќе го означи почетокот на свадбата. Младите побратими ќе ги пречекаат членовите на дебарската тајфа „Трио Мајовци“, кои два дена ќе ги забавуваат присутните и ќе учествуваат во изведбата на уникатните свадбарски обичаи и ритуали. Свекрвата Славица, облечена во галичка носија со колач на главата, накитен со планински цвеќиња, во раката ќе држи бокал со црвено вино, ќе ги пречека топанџиите и ќе го одигра свекрвиното оро. Потоа, игроорците на националниот фолклорен ансамбл „Танец“ ќе имаат свој настап. Сватовите со борина во раката ќе одат во куќата на момата за да ја земат да наполни вода од три чешми и ќе ја вратат дома, со што ќе заврши официјалниот дел на првиот ден на „Галичката свадба“, а ќе продолжи со општонародна веселба.
В недела наутро започнуваат традиционалните обичаи, кои се одржуваат со векови и кои секогаш се атрактивни за голем број гости од целиот свет.

Годинава ќе се посватат две угледни гостиварски семејства
Годинава на „Галичка свадба“ во брак ќе стапат Јован Филиповски и Лилјана Михајлоска, кои доаѓаат од две угледни гостиварски домаќински семејства. Јован Филиповски е дипломиран програмер, со длабоки галички корени, чии предци ја изградиле куќата во Галичник во триесеттите години на 20 век. Неговата избраничка магистер Лилјана Михајлоска ја стекна титулата во Виена, Австрија.
Неколку дена пред Петровден разговарав со Горан Филиповски, татко на младоженецот.
– Ако така може да се каже, заодев во бечви, во галичка носија, толку сум вљубен во овој брдовит крај. Посебно сум горд што годинава ќе бидам свекор. Ја гледам идната снаа Лилјана и се радувам што со син ми Јован двајцата се среќни и пресреќни што беа избрани годинава да бидат зет и невеста на прочуената „Галичка свадба“. Имаат и неколкугодишно искуство околу обичаите, оти беа учесници на претходните изданија на свадбата. Минативе месеци речиси постојано се во Галичник за да ги усовршат свадбарските обичаи и ритуали, а посебно јавањето на коњ – зборуваше гордиот свекор.
Над илјада години постоење
Инаку, над илјада години Галичник опстојува како населба на планината Бистра и е најблиску до небото. Според мештаните, кои од колено на колено ги пренесуваат податоците за градењето на Галичник, почетоците датираат пред околу илјада години. Првите куќи биле изградени на 1.250 метри надморска височина на северозападната страна, од фамилијата на Ѓорѓија Пулевски, војвода, самоук македонски книжевник, лексикограф, а според презимето го нарекле просторот Пулев Орман, кој пред осумдесетина години е претворен во „Музеј на Ѓорѓија Пулевски“, во кој се сместени печатените дела, домашниот инвентар, оружјето, неговата долама и сл.

Киро Кипроски, текст и фото