Во семејството се учат и љубовта кон татковината, патриотизмот и културниот идентитет. Македонија треба да инвестира во семејно образование, каде што младите ќе бидат подготвени за улогата брачни партнери и родители, препознавајќи ја важноста на емоционалната стабилност и поддршката во семејството. Поттикнување на наталитетот и унапредувањето се наше лично право, меѓутоа и колективна одговорност за одржливост на нашето општество. Мораме да размислуваме во оваа насока, вели професорката Радуловиќ
ПЕТНАЕСЕТТИ МАЈ, МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА СЕМЕЈСТВОТО
РАЗГОВОР СО ПРОФ. Д-Р МАКЕДОНКА РАДУЛОВИЌ, РЕДОВНА ПРОФЕСОРКА НА ИНСТИТУТОТ ЗА СЕМЕЈНИ СТУДИИ ПРИ ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ НА УКИМ ВО СКОПЈЕ
Денес е Меѓународниот ден на семејството, 15 мај (четврток), а по тој повод, за теми поврзани со семејството, со акцент на состојбите во Македонија, разговараме со д-р Македонка Радуловиќ, редовна професорка на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје. Проф. д-р Македонка Радуловиќ е мошне плоден творец на трудови и неколку книги посветени на семејството. Предава и истражува на многу теми поврзани со семејството. Таа е и национална координаторка на европската мрежа за семејна поддршка.
Како да се унапреди семејството во Македонија?
– Семејството е основата на општеството, но денешните предизвици бараат промени и поддршка преку различни механизми. Клучно е да се подобри семејната политика – тоа вклучува финансиски олеснувања за родители, достапни услуги за грижа на деца и флексибилни работни услови. Македонија треба да инвестира во семејно образование, каде што младите ќе бидат подготвени за улогата брачни партнери и родители, препознавајќи ја важноста на емоционалната стабилност и поддршката во семејството. Поттикнување на наталитетот и унапредувањето се наше лично право, меѓутоа и колективна одговорност за одржливост на нашето општество. Мораме да размислуваме во оваа насока.

Каква е улогата на родителите и на децата во здраво семејство?
– Родителите имаат обврска да создадат безбедна средина, исполнета со љубов, стабилност и одговорност. Нивната улога не е само да поставуваат граници туку и да ги учат децата на емпатија, самостојност и почит. Од друга страна, децата треба да развиваат критичко размислување и да придонесуваат кон семејната динамика преку отворена комуникација и ангажман. Јасни, реални и соодветни на возраста правила, обезбедуваат структура, сигурност и предвидливост во семејството. Тоа ги учи децата на самодисциплина, одговорност и ги подготвува за независност. Улогата на деца господари, а родители слуги е еднакво погрешна како и авторитарното родителство.
Како да се одржи балансот во задоволувањето на потребите?
– Денес луѓето се индивидуалистички настроени и семејството на некој начин претставува група на индивидуалисти што треба да функционираат во семеен колективизам. Тоа го отежнува семејниот баланс. Семејниот живот бара многу компромиси, жртви, откажувања и залагања. Без тоа не е можна колективна среќа. Клучот е во отворена комуникација, емпатија и разбирање. Родителите треба да најдат начини како да ги комбинираат личните потреби со потребите на партнерот и децата, создавајќи средина во која секој член се чувствува вреднувано и поддржано. Потребно е да постои баланс помеѓу индивидуалноста на секој член и колективното чувство на припадност.
Како да функционира хармонично микросемејство?
– Најголемиот дел семејства можат да се наречат микросемејства. Последниот попис ни покажа дека 54,1 отсто од семејствата се брачни парови со деца (најчесто едно дете), 31,1 отсто се брачни парови без деца и 13,3 отсто се еднородителски семејства. Ова покажува дека дефинитивно се напушта традиционалниот модел на проширени семејства во нашата земја. Меѓутоа и покрај тоа што во помалите заедници односите се поинтензивни и лични и би требало да бидат поинтегрирани, нашите истражувања покажуваат дека младите луѓе сѐ повеќе ги оценуваат своите семејства како дисфункционални и не се чувствуваат блиски со ниеден член од семејството. Тоа може да се интерпретира како ладни и дезинтегрирани семејства. Би сакала да нагласам дека хармонијата се гради преку емотивна стабилност, заедничко време, поддршка и соработка.
Дали безбедноста и сигурноста се – основа на здраво семејство?
– Безбедноста не се однесува само на физичката заштита туку и на емоционалната стабилност. Секој член треба да знае дека може да ги изрази своите мисли и чувства без страв од осуда. Кога семејството функционира како емоционален штит, членовите се чувствуваат послободно и сигурно во својот развој.
Колку се важни добрите практики во креирањето семејни политики?
– Некои европски земји имаат успешни семејни политики, како даночни олеснувања за родители, флексибилно работно време и финансиска поддршка за семејства со мали деца. Македонија треба да развива програми што го намалуваат економскиот стрес врз семејствата и обезбедуваат подобри услови за нивно функционирање. Предизвикот за балансирање меѓу семејниот и работниот живот станува сѐ поголем и младите луѓе не треба да бидат ставени во ситуација да избираат помеѓу работата и семејството. Исто така, важно е да постојат системи за поддршка – психолошка помош, семејни советувалишта и механизми што ги зајакнуваат врските, како и континуирана едукација за брак, врски и родителство.
Каква е вашата перцепција за афирмацијата на семејните вредности во Македонија?
– Семејството има значајна улога во македонското општество, иако неговата присутност во јавниот дискурс не е доволно нагласена. Во одредени контексти, разговорите за нуклеарното семејство се перципирани како традиционални или конзервативни, што доведува до предизвици во неговата афирмација. Институтот за семејни студии, како институција, се соочувал со различни реакции и потреба за континуирано аргументирање на неговата релевантност. Во тој контекст, од суштинско значење е спроведување образовни иницијативи, медиумска поддршка и институционални кампањи што ќе ја потенцираат важноста на семејните врски во градењето стабилно и здраво општество. Јакнењето на семејството како заедница е клучно за обезбедување поддршка за индивидуалниот развој, како и за долгорочниот напредок на општеството. Социјалната динамика и иднината на цивилизацијата во голема мера зависат од одлуките на младите луѓе да формираат семејства и да придонесат кон општествениот развој.
Семејните вредности и македонскиот идентитет
– Семејните вредности во Македонија се традиционално поврзани со културата, верата и националниот идентитет. Тие ги пренесуваат корените на генерациите и ја обликуваат визијата за иднината. Преку семејството се чуваат традициите, јазикот и социјалните врски. За жал, голем дел од традиционалните вредности исчезнува и не се усвојуваат нови вредности што се карактеристични за Македонија. Личноста без вредносен идентитет е изгубена и лесно може да потпадне под разни негативни влијанија и девијантни појави. Семејствата како примарни фактори на социјализација имаат главна улога. Родителите мора да создаваат вредности за своите деца. Тие вредности на децата им даваат чувство на припадност, сигурност и идентитет. Меѓутоа, во семејството се учат и љубовта кон татковината, патриотизмот и културниот идентитет – вели проф. Македонка Радуловиќ.
Панел-дискусија на темата „Потребата од семејна едукација“
Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет при УКИМ Скопје, традиционално го одбележува Меѓународниот ден на семејството. Денеска во соработка со Факултетското студентско собрание, Институтот организира панел-дискусија на темата „Потребата од семејна едукација во Република С. Македонија“. На овој важен настан, кој ќе биде од отворен карактер, ќе биде презентирана истражувачката анализа „Потребите и важноста од семејната едукација кај младите лица“, а експерти од различни области ќе зборуваат за застапеноста, потребите и ефектите од семејната едукација, како и за предизвиците со кои се соочува нашата земја. Дополнително, ќе се одржи интерактивна работилница на темата „Го сакам моето семејство“, каде што ученици од основното училиште „Љубен Лапе“, заедно со студентите од семејни студии, ќе учествуваат во креативни и забавни активности што ја истакнуваат важноста на семејството.
ЖИВКО ЗДРАВКОСКИ