Ерван Фуере/Фото: Принт-скрин

Поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере и австрискиот политички аналитичар Флоријан Бибер ја критикуваа Европската Унија поради односот кон Македонија и останатите балкански држави по вчерашниот самит во Брисел. Фуере беше особено остар изразувајќи незадоволство од ставовите на еврокомесарот Оливер Вархеи во однос на „бугарските грижи“ за Македонија, а Бибер ги зема предвид и Украин и Молдавија кои вчера добија кандидатски статус, поврзувајќи го нивниот пристапен процес со Балканот.

Како можете да ги поддржувате „сите бугарски грижи“ и да ги правите дел од преговарачкиот процес, кога некои од тие грижи се против сето она за што се залага ЕУ, смета Фуере во коментар на твитот на европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеи дека „бугарски загрижености“ ќе бидат дел од преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ.

– Целосно нема логика… Како можете да ги поддржувате „сите бугарски грижи“ и да ги правите дел од преговарачкиот процес, кога некои од тие грижи се против сето она за што се залага ЕУ, додека други се во спротивност со пресудите на европските Судот за човекови права. Комесарот треба да се срами од себе – наведува Фуере.

Според него, поради ваквата објава Вархеи треба да поднесе оставка или да биде принуден да поднесе оставка.

Бибер, пак, смета дека застојот во евроинтеграциите на балканските држави претставува лоша порака и за Украина и Молдавија.

– Нема пристапни преговори со Македонија и Албанија, нема визна либерализација за Косово, нема кандидатски статус за БиХ, нема демократија во Србија, нема напредок со Црна Гора. Ова не е начин да им се покаже на Украина и Молдавија дека имаат иднина – напиша Бибер на Твитер.

Тој смета дека е потребна алијанса помеѓу Украина, Молдавија и балканските држави со цел да се притисне ЕУ за да испорача „остварлив пат за членство, а не само поголема чекалница“.

Еврокомесарот Вархеи вчера на Твитер објави дека „ЕУ ги прифаќа сите бугарски загрижености мошне сериозно“ и дека тие ќе станат дел од преговарачкиот процес на земјава со Унијата.

– ЕУ ги прима сите бугарски загрижености мошне сериозно и тие се сега дел од преговарачкиот процес. Сега е моментот за одговорни одлуки. Западен Балкан треба да биде дел до ЕУ. Заедно ќе бидеме посилни – напиша Вархеи.