Битола е името на еден од најголемите квартови во францускиот град Епинал, кој е изграден во моментот на потпишувањето на повелбата за збратимување меѓу двата града. Тука, во француската Битола, заедно со француското и европското знаме се веат македонското и знамето со грбот на општината Битола. Всушност, Битола во Епинал е најубавиот станбен блок, а тамошните жители покрај епиналчани, се нарекуваат и битолчани
Зацврстување на врската меѓу Битола и францускиот град Епинал
Градот Битола се наоѓа на самата граница на Европската Унија, но Битола цели 56 години е дел од ЕУ. Имено, Битола е името на еден од најголемите квартови на францускиот град Епинал, кој е изграден во моментот на потпишувањето на повелбата за збратимување меѓу двата града. Затоа многу жители на Епинал ја Битола сметаат како своја, па дури се и изненадени кога ќе им речеме дека доаѓаме од Битола и дека не нѐ познаваат. Тука, во француската Битола, заедно со француското и европското знаме се веат македонското и знамето со грбот на општината Битола. Всушност Битола во Епинал е најубавиот станбен блок, а тамошните жители покрај епиналчани, се нарекуваат и битолчани. Битолската делегација на педесетгодишнината имаше можност да го открие информативното пано за историјатот и географската положба на градот Битола, поставено на влезот од квартот Битола во Епинал. На овој начин, велат од локалната самоуправа на Епинал, самите жители на квартот Битола ќе знаат повеќе работи за градот чие име го носи нивниот кварт. На паното е поставена карта како се стигнува од Епинал до Битола, колкава е оддалеченоста, а градот е претставен како место опкружено со житницата Пелагонија, планината Пелистер, место што изобилува со манастири, па затоа во минатото бил наречен и Монастир, со богато историско минато, од кое денес се останати стари градби, административен, агрокултурен и универзитетски центар.
Двата града се зближија во трагедијата од Првата светска војна, која засекогаш ги поврзува двете земји. Но, од таа трагедија се родија цврсти врски, кои влијаат и на билатералните односи меѓу Македонија и Франција. Поранешниот градоначалник на Епинал, Филип Сеген, на времето претседател на Француското национално собрание, силно се ангажираше за меѓународното признавање на Македонија. Неговото ангажирање го продолжи неговиот наследник, градоначалник на Епинал, Мишел Хеинриш, сега претседател на агломерацијата на Епинал, како и актуелниот градоначалник Патрик Нардан, кои работат и имаат голема улога во затоплувањето на односите меѓу двете земји.
Во Битола за сите Епинал исто така стана заедничко место, поради хотелот „Епинал“, чии темели беа поставени веднаш по збратимувањето со францускиот град. Врските на соработка и пријателство се темелат на длабоката почит меѓу двата народа, при што претставниците на Епинал, како градскиот советник и историчар Жак Грасер, ја нагласуваат длабоката благодарност на пријателите од Македонија за грижата во зачувувањето на спомените за француските војници загинати на македонска почва.
Француските патописци на крајот од 19 и почетокот на 20 век ја опишуваа Битола како најзначаен економски и културен центар меѓу Виена и Солун. Битола преку врските со Епинал и неговата мрежа на збратимени градови (Швабишхал од Германија, Жамблу од Белгија, Киери од Италија, Ла Крос од САД и Нови Јичин од Чешка) очекува многу во враќањето на својот поранешен сјај и значењето што го имаше во регионот.
Врската Битола-Епинал пример за одржлива соработка
Во тој дух Битола, исто како и Епинал, минатата година во ноември испрати делегација во Франција. Претставниците на двата града имаа можност да разговараат и да се договорат за понатамошната културна соработка и акција.
Делегација на Општина Битола предводена од градоначалникот Тони Коњановски, заедно со секретарот Борче Димитровски и почесниот конзул на Р. Франција, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, изминатите денови беше дел од прославата на патронот на збратимениот град Епинал – Свети Никола. За време на посетата делегацијата на Општина Битола имаше можност, заедно со делегациите на збратимените градови од Германија, Белгија и САД, да проследи многу добро осмислена програма. Беа организирани посети на општински институции, стартап-инкубатори и други структури каде што се реализираа проекти иницирани од локалната власт. Размената на искуствата и добрите практики со оваа француска општина претставува одлична можност за обезбедување одржливо партнерство, но и примена на искуствата во некои сегменти од функционирањето на Општина Битола.
Во духот на веќе докажаната соработка се одвиваа официјалната и другите многубројни средби со градоначалникот на Епинал, Патрик Нардан, и дел од неговите најблиски соработници. Акцентот во разговорите се стави на две значајни теми за Општина Битола – цивилната заштита, односно опремувањето на новата зграда за противпожарна заштита, која е во изградба, како и урбаната мобилност, во која Епинал има исклучителни резултати на европско ниво и град пионер во Франција. Исто така, не помалку значајни се и новите можности за културна размена помеѓу двата града, како и размената на ученици, која долги години беше традиција и која ќе се обнови веќе од идната година.
Градоначалникот Коњановски истакна дека размената на искуствата со Епинал претставува важна можност за развој на одржлива соработка и примена на најдобрите практики во Битола.
– Нашето пријателство со Епинал трае веќе 56 години и тоа е најдолгото збратимување помеѓу македонски и француски град, Размената на искуствата и добрите практики ќе помогне во подобрувањето н локалните услуги и инфраструктура – истакна Коњановски.
Начинот на кој се трансформира градот Епинал и особено неговиот кварт Битола, кој започна длабока реконструкција на станбените блокови, на урбаниот простор, градскиот мебел (опрема), начинот на регулирањето на сообраќајот и јавниот превоз, во кој централно место им се дава на пешачките и велосипедските зони, пред автомобилите, сигурно дека ќе најдат ехо и примена и во Битола во Македонија.
Во Епинал се роди и љубов
Љубовта на прв поглед на Тони за убавата Бландин
Збратимувањето меѓу Битола и Епинал има и една убава љубовна приказна. Тоа е приказната на дописникот на „Нова Македонија“, Тони Гламчевски, кој имаше 20 години во август 1987 година, кога Комитетот за збратимување на Епинал пристигна во Битола.
– Првпат ја видов Бландин. Бев млад новинар на локалното радио и ја интервјуирав за младинска програма – се насмевнува Тони, кој сега ја има возраста на збратимувањето меѓу двата града.
Во август 1988 година, на ред дојде Битола да оди кај збратимениот град Епинал. Репортерот заминува таму на 15 дена, придружувајќи група млади луѓе. „Веднаш ја препознав. Се обидов да ѝ објаснам со француски речник дека ја видов минатата година, но таа ништо не разбираше и се насмеа. Но, пред сѐ, таа не се сеќаваше на мене!“ Тони го прелистува својот лексикон „со готови фрази“ и ѝ објавува на Бландин дека е „љубов на прв поглед“.
„Тоа ја насмеа. Се шегувавме“ и така започна љубовта…
„Успеавме да се разбереме“
Назад во Битола, Македонецот испраќа љубовно писмо до младата Французинка и нестрпливо чека одговор. Бландин, која студира социологија во Нанси, му пишува на српско-хрватски, опција избрана на универзитетот.
– Направивме сѐ што можевме за да се разбереме… Првиот пат кога ѝ се јавив беше на 18 декември 1988 година, за нејзиниот 19. роденден. Тогаш ѝ кажав: Среќен роденден и те сакам – се сеќава низ смеа Тони.
Откако „многу размислуваше“, Тони реши да ги напушти својата Битола, семејството, пријателите, работата и „своите политички одговорности“ за да ѝ се придружи на својата љубов на 2.100 километри од родниот крај.
– Не беше лесно. Одев во непознато. Во однос на студиите, веќе не ми важеа дипломите за право и земјоделство, почнував од нула – објаснува Гламчевски.
Тој оди на факултет по француски, руски и српскохрватски на Универзитетот во Нанси и на ИНАЛКО во Париз.
„Мојот живот е изграден тука, во Нанси, Епинал“
На 11 август 1990 година, тие се венчале и четири години подоцна се родило момче. Потоа и три девојчиња, меѓу кои и близначки. Убава коинциденција за двојката што се запозна благодарение на два збратимени града.
Штом е во можност, семејството Гламчевски ја посетува Битола. Но, „посвоените“ жители сега на Нанси не ги забораваат Битола и Епинал. Двојката е активно вклучена во културниот живот на градот: Бландин работи како директорка на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси (поранешен „Аје Аје“), здружение со кое претседава Тони и е главен селектор на фестивалот. Од 2019 година во соработка со пријателите од Битола и НУ Центар за култура се организатори и на Фестивалот на Малата школа за краток филм, силно поддржан од градот Битола и Францускиот институт од Скопје, како и на меѓународниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“. Гламчевски сѐ уште е новинар, дописник за „Нова Македонија“ и 34 години на Македонската радио и телевизија, како и за други медиуми во минатото. Тој е и преведувач. и сè уште е дел од одборот за збратимување на Епинал.
– Тоа е како мојот втор град! Таа е основата на целата наша приказна со Бландин – заклучува Гламчевски.
Прекрасна приказна што започна пред 36 години.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур