Општина Кисела Вода
Сите основни училишта во општината Кисела Вода добиваат фотоволтаици. Имплементацијата на проектот започна најпрво во основното училиште „Партенија Зографски“. Вредноста на проектот е над 11 милиони денари и ќе се изведува преку Владата на Македонија, преку финансиско партнерство на Општина Кисела Вода со Бирото за регионален развој, како и со Општина Карпош, а партнер и имплементатор е Центарот за развој на скопскиот плански регион, преку Програмата за развој на планските региони. Покрај сите училишта во Кисела Вода, мрежен фотоволтаичен систем добива и едно основно училиште во општината Зелениково, како и две училишта во општината Карпош.
– Започнавме многу значаен проект за унапредување на енергетската ефикасност и одржлив развој во образовните институции. До средината на мај поставуваме фотоволтаични системи во сите основни училишта во Кисела Вода, а едновремено, покрај училиштата во нашата општина, фотоволтаици добива и едно основно училиште во општината Зелениково, ПОУ „Марко Цепенков“, како и две училишта во општината Карпош – ООУ „Владо Тасевски“ и ООУ „Војдан Чернодрински“ – велат од општината, при што потенцираат дека тоа е проект што заедно го аплицирале со сите основни училишта, во кој учествувале како општина во најголем дел од кофинансирањето.
Со поставувањето фотоволтаични системи во училиштата, и тоа, конкретно, на секое училиште ќе се постави мрежен фотоволтаичен систем до 20 КW, се прави огромен чекор кон заштеда на енергија, кон намалување на финансиските трошоци и зачувување на животната средина.
– Преку користење обновливи извори на енергија, училиштата стануваат енергетски понезависни, што значи дека значителен дел од средствата што досега се трошеа за електрична енергија ќе можат да се пренасочат за подобрување на наставните услови и образовниот процес – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.