Фоторепортерката на „Нова Македонија“, Маја Јаневска-Илиева, за својата фотографија „Канадер – Охридско Езеро“ ја доби втората награда за најдобри фоторепортерски остварувања за 2024 година. Изборот се одржа по повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, а во рамките на изложба на новинарска фотографија под наслов „Медиумска слобода низ објективот: Моментите што зборуваат“, во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), со поддршка од Европската Унија.
На свеченоста по тој повод беше истакнато дека на јавниот повик што го распиша ЗНМ пристигнале вкупно 15 апликации, секоја со свој уникатен пристап во доловувањето значајни општествени моменти. Жири-комисијата, составена од Владимир Арсовски, Боро Арсовски и Роберт Коцев, ги селектираше најдобрите три фотографии.
Првата награда му беше доделена на фоторепортерот Слободан Ѓуриќ за фотографијата „Татко – Кочани“. Третата награда ја поделија фоторепортерите Ѓорѓи Личовски за фотографијата „Ловец на Персиди“ и Роберт Атанасовски за фотографијата „Женски водици“.
Изложбата ќе биде отворена до 12 мај и сите заинтересирани ќе имаат можност да ја погледнат во просториите на Музејот на град Скопје.