Фото: Маја Јаневска Илиева

Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска одговарајќи на новинарски прашања за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ со Бугарија да се поднесе заедничка резолуција во Европарламентот која ќе се однесува на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, вели дека несериозен е потегот такви предлози да се даваат на обични прес-конференции, посочувајќи дека такво нешто треба да се даде како предлог во Собранието.

-Сметам дека е крајно несериозно за такви сериозни предлози да се даваат од обични прес-конференции, премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно-политички партиски интерес од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Треба да кажат дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на евроинтеграциите, и имајќи го сето ова предвид таква работа сепак сметам дека се прави како предлог во Собранието, нешто во што треба да учествуваат сите политички партии и доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го поддржиме –  рече тој.

Премиерот Христијан Мицкоски во вчерашното интервју за Канал 5 рече оти е подготвен заедно со Бугарија да поднесе резолуција во Европскиот парламент во која јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик и потоа да почнат да испорачуваат.

-Ако цената е асимилација, благодарам, но не сакам, а како да бидам политички аналфабет, како некој пред мене и да прифатам нешто без да знам дека ќе има јасен крај – кажа Мицкоски.

Пратеникот Антонио Милошоски денеска на прес-конференција од партиското седиште рече дека ако Бугарија тврди дека проблемот, на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, се само Бугарите во Уставот, предлагаме да поднесеме заедничка Резолуција во ЕП со која што ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик.

-Доколку пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно со соседна Бугарија, да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. Уште веднаш, можеме да поднесеме заедничка резолуција, да ја зацврстиме меѓусебната соработка на овој план и да го решиме проблемот за отпочнувањето на европските интеграции. Понудата која што е дадена од премиерот Мицкоски, е отворена –  рече Милошоски.